- 20.09.2023
21 Септември – Светски ден за подигање на свеста за Алцхајмерова болест
Сетскиот ден на Алцхајмеровата болест се одбележува секоја година на 21 септември со цел да се подигне свеста за предизвиците и тешкотиите со кои се соочуваат луѓето со оваа болест и нивните семејства, како и за да се делува за намалување на стигмата што ја опкружува деменцијата.
Алцхајмерова болест (латински: Morbus Alzheimer) — болест од групата на невродегенеративни заболувања. Обично се јавува кај населението над 65 годишна возраст и е одговорна за 60% од дементните заболувања, следена од васкуларните деменции на второ место и алкохолната деменција на трето место.
Алцхајмеровата болест е прогресивна, фатална болест на мозокот која се карактеризира со губење на меморијата, губење на говорот и способноста за размислување, како и промени во расположението и однесувањето. Глобално е признато дека оваа болест е мултифакторна, хетерогена и неповратна, а нејзината појава и развој се потпомогнати од комбинација на генетски фактори и фактори на животната средина. Сепак, биолошките промени во мозокот може да се појават децении пред првите симптоми. Во доцните фази на болеста, луѓето честопати не се во состојба да комуницираат и комплетно се зависни од други лица дури и при едноставни секојдневни задачи.
Кај Алцхајмеровата болест се нарушени осум когнитивни функции – помнење, говор, перцепција, внимание, конструктивни способности, ориентација, решавање на проблеми и функционални способности.
Предупредувачки знаци
Според Американскиот национален институт за стареење, постојат седум предупредувачки знаци на болеста:
- Повторување на едни исти прашања
- Повторување на една иста приказна
- Заболениот не знае да извршува одредени секојдневни активности пр. готвење, играње карти, ракување со далечински управувач
- Заболениот не знае да раководи со пари, сметки, префрлања и сл.
- Заболениот не може да најде одредени предмети или ги сместува на невообичаени места и мисли дека други лица ги преместиле истите
- Запоставување на сопствениот надворешен изглед
- Болниот одговара на прашања со поставување на истото прашање кое му е упатено нему
Прогресија на Алцхајмеровата болест
Лесен степен
Пациентот обично се обидува да ги скрие или негира своите симптоми. • Нарушување на паметењето (нарушена можност за учење нови информации или повторување на претходно научените информации). • Нарушување на визуелните перцепции, заради кои пациентот лесно се губи, особено во непозната средина. • Се нарушува чувството за време. • Пронаоѓањето на соодветни зборови е отежнато. • Разбирањето на сложените и на апстрактните идеи е отежнато. • Егзекутивните функции се нарушуваат, а комплицираните вештини од секојдневниот живот му претставуваат проблем. • Пациентот може да биде неактивен и повлечен. • Понекогаш пациентот е депресивен, параноиден или агресивен, • Физикалниот преглед е нормален.
Умерен степен
- Увидот во сопствената болест е изгубен. • Пациентот се губи, дури и во домашната околина. • Болниот може да доживува различни халуцинации, кои се многу поприсутни кај Lewy bodies-деменцијата. • Губитокот на телесната тежина е неминовен, затоа е неопходно внимание на нутрициските потреби .•Тешкотии во секојдневните активности/вештини (облекување, миење).
Тежок степен
- Можноста да го разбере туѓиот говор или да зборува е нарушена или наполно изгубена. • Долните екстремитети се вкочануваат заради зголемениот мускулен тонус и пациентот зазема вкочанета положба, одот е со влечење. Можноста да се движи ќе се намалува или целосно ќе се изгуби, затоа тие имаат потреба од физиотерапија. • Се развива уринарна и фекална инконтиненција. • Понекогаш може да се јават епилептични напади. • Пациентот не е веќе во состојба да се снајде во секојдневните активности/вештини. Секојдневните активности/вештини се изгубени (облекување, капење, одржување хигиена и на крајот јадење).
Фактори на ризик за појава на Алцхајмерова болест
Возраст:Тоа е главнит маркер за ризик на болеста,така што преваленцата се зголемува со зголемување на возраста,двојно се зголемува на секои 5 години по 60 година животот.
Пол: Жените страдаат од оваа болест повеќе од мажите.
Семејна историја на деменција: Помеѓу 40 и 50% од пациентите со Алцхајмерова болест имаат член од семејството кој има и имал деменција.
Образование: Иако Алцхајмерова болест може да се појави кај луѓе со кое било ниво на образование, постои зголемување на Алцхајмерова болест кај субјектите со помалку образование.
Исхрана: Многу висок внес на калории може да биде фактор за ризик на болеста. Исто така,полинезаситените масни киселини и додатоци(витамини Е и Ц) покажале невропротективна улога за Алцхајмерова болест.
Бидејќи Алцхајмеровата болест се јавува кај постари луѓе,обично постари од 65 години, така инциденцата на оваа болест кај општата популација е ниска, приближно 2%.Сепак,кај постарата популација преваленцата достигнува до 15%,што се зголемува со зголемување на возраста. Меѓу луѓе постари од 85 години преваленцата достигнува 30-40%,што е далеку најраспространет вид на деменција. Алцхајмеровата болест е епидемија на XXI век или тивок крадец на спомените. Овие синоними на заболувањето Алцхајмер, сами по себе ја доловуваат сериозноста на оваа појава, од која директно се засегнати над 46,8 милиони луѓе ширум светот. Алармантноста на статистиката, дополнително е верификувана со истражувачките прогнози кои предвидуваат повеќе од 135 милиони болни од Алцхајмерова болест до 2050,додека 9,9 милиони лица се новодијагностицираат со деменција секоја година.
Како се лекува Алцхајмеровата болест?
Медицинската терапија може да го подобри квалитетот на животот на лицата кои живеат со Алцхајмерова болест и нивните негуватели. Во моментов не постои познат лек за Алцхајмеровата болест, и ова претставува еден од најголемите предизвици на јавното здравје во денешно време. Моменталните третмани се фокусирани кон олеснување на симптомите. Тие не се во состојба да ја запрат прогресијата на болеста бидејќи не влијаат врз основните причини за болеста. Алцхајмеровата болест е голем проблем за општеството бидејќи стотици милиони старатели и членови на семејства се погодени заедно со пациентите, страдајќи емотивно, физички и финансиски.
Во што се состои превенцијата на Алцхајмеровата болест?
Следниве мерки и активности во заедницата можат да ја ублажат состојбата со појавата на болеста:
- помагање на луѓето да ја одржат менталната функција преку унапредување на менталното здравје во текот на младоста и адултниот период
- управување со бихевиоралните однесувања на луѓето во однос на нивниот стил на живеење – начин на исхрана, физичка активност, општествени и социјални активности
- забавување или одложување на симптомите на болеста
- помагање на семејствата во грижата за своите сакани не само да се препишат лекови, бидејќи некои од нив не се едуцирани како да постапат со одредени однесувања на лицето кое што страда од оваа болест
- подобрување на здравствената заштита и поддршка на пациентите и нивните семејства преку интензивни напори од страна на институциите за вработување на поголем број професионални негуватели и отворање на дневни центри за згрижување на лицата со оваа болест.
Институциите и државата не треба да дозволат на пациентите со Алцхајмерова болест да им се украде квалитетот на живот, љубовта, радоста, среќата. Тоа се емоции, тоа не е меморија.
Литература
Alzheimer’s Association. 2015 Alzheimer’s Disease Facts and Figures. Alzheimer’s & Dementia Alzheimer’s Disease International. World Alzheimer Report 2015: The Global Impact of Dementia. Достапно на: http://www.alz.co.uk/research/WorldAlzheimerReport2015.pdf.
Изготвил:Оддел за здравствена промоција и следење на болести