• 17.10.2023

17 октомври – Меѓународен ден за искоренување на сиромаштијата


Генералниот секретар по повод Меѓународниот ден на сиромаштијата порача:
„Во нашиот свет на изобилство, сиромаштијата не треба да има дом“
Сепак, додека го одбележуваме Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, речиси 700 милиони луѓе едвај преживуваат, а живеат со помалку од 2,15 долари дневно. Над милијарда луѓе се лишени од основните потреби како храна, вода, здравствена заштита и образование. На повеќе од милијарда луѓе им недостигаат санитарни услови и пристап до енергија, работни места, станови и мрежи за социјална заштита. Во меѓувреме, конфликтите, климатската криза, дискриминацијата и исклученоста – особено врз жените и девојчињата – ја продлабочуваат кризата. Ова е надополнето со застарен, нефункционален и нефер глобален финансиски систем кој ги спречува земјите во развој да инвестираат во ублажување на сиромаштијата и постигнување на Целите за одржлив развој (ЦОР). Според сегашните стапки, речиси 500 милиони луѓе ќе живеат во екстремна сиромаштија до 2030 година. Ова е неприфатливо. На самитот за ЦОР во септември, светските лидери ја препознаа потребата од реформирање на меѓународното финансирање и се обврзаа на храбар потег за спасување на Целите за одржлив развој и забрзување на напорите за искоренување на сиромаштијата насекаде. Ова вклучува поддршка и стимул од најмалку 500 милијарди американски долари годишно, во финансирање на инвестиции за да се постигне целта. Лидерите, исто така, се согласија за насочена акција кон ублажување на сиромаштијата и страдањето на луѓето – да се обезбеди доволно храна, функционални образовни системи, до пристојни работни места и проширена социјална заштита, како што е нагласено во овогодинешната тема.
Пристојна работа и социјална заштита: Практикување на достоинството за сите
Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, кој се одбележува секоја година на 17 октомври, има за цел да промовира разбирање и дијалог меѓу луѓето кои живеат во сиромаштија и поширокото општество. Овогодинешната тема се потпира на сведоштва од прва рака кои покажуваат дека оние кои се заробени во екстремна сиромаштија често работат долга, исцрпувачка работа во опасни, нерегулирани услови, но сепак не можат да заработат доволно за нормално функционирање на себеси и своите семејства. Овогодинешната тема повикува на универзален пристап до пристојна работа и социјална заштита како средство за одржување на човечкото достоинство за сите луѓе и да се нагласи дека пристојната работа мора да ги зајакне луѓето, да обезбеди правични плати и безбедни работни услови и фундаментално да ја препознае вродената вредност и хуманоста на сите работници. Слично на тоа, итно е потребна универзална социјална заштита за да се гарантира безбедноста на приходите за сите, давајќи им приоритет на најранливите членови на општеството. Темата е, исто така, повик до политичките лидери и креаторите на политиките, да го користат човечкото достоинство како водечки компас во сите процеси на донесување одлуки, за да обезбедат унапредување на основните човекови права и социјалната правда во однос на стремежот кон корпоративниот профит. Силните глобални партнерства меѓу владите, бизнисите и граѓанските организации се од витално значење за постигнување правичен развој. Затоа, овогодинешното одбележување е можност да се солидаризираме со луѓето кои живеат во сиромаштија, вистински да ги слушнеме нивните секојдневни борби и да ги обновиме заложбите за создавање праведна економија, фокусирана на заштита на човековата и еколошката благосостојба над максимизирање на финансиските придобивки. Крајната цел е целосно елиминирање на сиромаштијата, преку создавање услови сите да живеат достоинствено. Во свет кој се карактеризира со високо ниво на економски развој, технолошки средства и финансиски ресурси, милиони луѓе да живеат во екстремна сиромаштија не е дозволиво и предизвикува морален бес, кај луѓето. Сиромаштијата не е само економско прашање, туку повеќедимензионален феномен кој опфаќа недостиг на доволно средства за достоинствено живеење. Лицата кои живеат во сиромаштија се соочуваат со низа поврзани проблеми кои ги спречуваат да ги остварат своите права и ја продлабочуваат нивната сиромаштија, вклучувајќи: опасни работни услови, небезбедно домување, недостаток на квалитетна храна, нееднаков пристап до правата и правдата, недостаток на политичка моќ, како и ограничен пристап до здравствена заштита.
Затоа, на овој важен ден, да ја обновиме нашата заложба за свет без сиромаштија.
 
Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести