- 13.11.2023
14 НОЕМВРИ – СВЕТСКИ ДЕН ПРОТИВ ДИЈАБЕТ
,,Знајте го вашиот ризик, знајте го вашиот одговор”
Дијабетот е хронично метаболно заболување, кое се карактеризира со покачено ниво на глукоза во крвта, поради недостаток или нарушена секреција на инсулин од панреасот. Покаченото ниво на шеќерот во крв доведува до сериозно оштетување на срцето, крвните садови, бубрезите, очите и нервите. 100 години после откривање на инсулинот, милиони луѓе со дијабет ширум светот немаат пристап до соодветна нега. Светскиот ден на дијабетес дава можност да се подигне свеста за дијабетесот како глобално јавно здравствено прашање и што треба да се направи, колективно и индивидуално, за подобра превенција, дијагноза и лекување на состојбата. Овогодинешната тема, „ Знајте го вашиот ризик, знајте го вашиот одговор “, ја поткрепува темата за 2021-2023 година „пристап до грижа“.
Во 2023 година, кампањата се фокусира на важноста да се знае ризикот од дијабетес тип 2 за да се помогне да се одложи или спречи состојбата и да се потенцира влијанието на компликациите поврзани со дијабетесот и важноста да се има пристап до вистинските информации и грижа за да се обезбеди навремено лекување и менаџментот.
1 од 10 возрасни луѓе во светот има дијабетес. Над 90% имаат дијабетес тип 2. Скоро половина се уште не се дијагностицирани.
537 милиони луѓе ширум светот живееле со Дијабет во 2021 година, а овој број се очекува да порасне на 643 милиони луѓе во 2030 година. Повеќе од 3 од 4 луѓе живеат во држави со низок и среден доход. Дијабетот е одговорен за најмалку 966 милијарди долари здравствени трошоци во 2021 година – 9% од глобалните трошоци за здравствена заштита.[1]
Во Република Северна Македонија, според регистарот за шеќерна болест за 2022 година, објавен од Институтот за Јавно Здравје, бројот на ново регистрирани новодијагностицирани болни со дијабет изнесува 7,737 случаи, односно стапка од 421,2/100.000 а вкупната преваленца изнесува 134,668 случаи, односно стапка од 7,332.[2]
Дијабет тип 1
Дијабетот тип 1 (инсулин-зависен дијабет, јувенилен или детски дијабет) се карактеризира со целосно отсуство на секреција на инсулин од панкреасот и бара дневна администрација на инсулин. Причините за него се непознати, но се претпоставува дека се јавува автоимуна деструкција на β-клетките на панкреасот. Главни симптоми се зголемена екскреција на урина (полиурија), жед (полидипсија), глад (полифагија), прекумерно губење на тежината, замор и друго.
Дијабет тип 2
Дијабетес тип 2 (инсулин-независен дијабет) сочинува над 90% од сите случаи. Тој најчесто е резултат на неефикасната употреба на инсулинот од телото. Физичката неактивност, прекумерната телесна тежина, исхраната како и фамилијарната историја се главните причини за Дијабет тип 2. Главните симптоми се генерално слични со тие на Дијабетот тип 1, но често се помалку изразени. Како резултат на тоа, дијабетот може да се дијагностицира неколку години од почетокот на болеста, откако веќе се јавени компликации. Поради оваа причина, важно е да се внимава на факторите на ризик. Дијабетот тип 2 се почесто се јавува и кај помладата популација.
Гестациски Дијабет
Гестациски дијабет е состојба на покачени вредности на шеќерот во крв, но под оние дијагностички вредности за дијабетот. Тој се јавува за време на бременоста. Жените со гестациски дијабет се изложени на зголемен ризик од компликации за време на бременоста и породувањето. Овие жени и нивните деца имаат зголемен ризик за јавување на Дијабет тип 2 во иднина.
· За луѓето со ризик од дијабетес тип 2 , важно е да се знае вашиот ризик и што да се направи за да се поддржи превенцијата, раната дијагноза и навременото лекување.
· За луѓето кои живеат со дијабетес , свесноста и пристапот до точните информации и најдобрите достапни лекови и алатки за поддршка на грижата за себе е од витално значење за одложување или спречување на компликации.
· За здравствените работници , потребен е пристап до доволна обука и ресурси за рано откривање на компликации и обезбедување на најдобра можна нега.
Фактори на ризик за Дијабет:
· Семејна историја на дијабетес
· Прекумерна тежина
· Нездрава исхрана
· Физичка неактивност
· Зголемување на возраста
· Висок крвен притисок
· Етничка припадност
· Нарушена толеранција на гликоза (IGT)
· Историја на гестациски дијабетес
· Лошата исхрана за време на бременоста
Сакате да го дознаете вашиот ризик од Дијабет тип 2? Проверете на следниот линк: https://worlddiabetesday.org/type-2-diabetes-risk-assessment/
Што можеме да смениме во нашата исхрана?
· Избор на вода, кафе или чај наместо овошен сок илидруги засладени пијалоци со шеќер
· Јадете најмалку три порции зеленчук секој ден
· Јадење до три порции свежо овошје секој ден
· Избор на јаткасти плодови, парче свежо овошје или незасладен јогурт за ужина
· Ограничување на внесот на алкохол до максимум два стандардни пијалоци дневно
· Избор на посни парчиња бело месо, живина или морска храна наместо црвено или преработено месо
· Избор на путер од кикирики наместо чоколаден намаз или џем
· Избор на леб од цели зрна, ориз или тестенини наместо бел леб, ориз или тестенини
· Избор на незаситени масти (маслиново масло, масло од канола, масло од пченка или сончогледово масло) наместо заситени масти (путер, жито, животински масти, кокосово масло или палмино масло
Секое движење е добро, а посебно за да се намали ризикот од дијабетес тип 2. Треба да се стремите кон најмалку 150 минути аеробни вежби со умерен интензитет (на пример, пешачење, џогирање, пливање или возење велосипед) неделно, распоредени во текот на неколку дена, можеби во пократки периоди од 10-15 минути.
Тренингот за сила има и свои предности. Можете да ја зголемите мускулната маса и да ја подобрите чувствителноста на инсулин и контролата на гликозата со користење на тегови или ленти за отпор за зајакнување на мускулите.
Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести