- 01.12.2023
Светски ден за борба против ХИВ/СИДА 2023
Клучни факти за ХИВ
Извор: СЗО (https:// https://www.who.int/news-room/fact-sheets/detail/hiv-aids)
Ø ХИВ продолжува да биде главен глобален јавно-здравствен проблем, откако досега починаа 40,2 милиони [32,9-51.3 милиони] лица на глобално ниво, со тоа што некои земји пријавуваат тренд на зголемување на нови инфекции иако претходно имале тренд на опаѓање.
Ø На крајот на 2022 имало околу 39,0 милиони [33,1-45,7 милиони] луѓе кои живееле со ХИВ, од кои две третини [25,6 милиони] се во африканскиот регион на СЗО.
Ø Во 2022, 630 000 луѓе [480 000–880 000] починале од причини поврзани со ХИВ и 1,3 милиони луѓе [1,0-1,7 милиони] се заразиле со ХИВ.
Ø Не постои лек за ХИВ инфекцијата. Меѓутоа, со зголемениот пристап до ефикасна превенција, дијагноза, третман и грижа за ХИВ, вклучително и за опортунистичките инфекции, ХИВ инфекцијата стана хронична здравствена состојба, овозможувајќи им на луѓето што живеат со ХИВ да водат долг и здрав живот.
Ø СЗО, Глобалниот фонд и УНАИДС имаат глобални стратегии за ХИВ кои се усогласени со целта 3.3 на Одржливите цели за развој за ставање крај на епидемијата на ХИВ до 2030 година.
Ø До 2025 година, 95% од сите лица кои живеат со ХИВ треба да имаат дијагноза, 95% од нив треба да бидат поставени на животоспасувачка антиретровирусна терапија, а 95% од лицата на третман треба да постигнат потиснато вирусно оптоварување во корист на здравјето и за намалување на натамошниот пренос на ХИВ. Во 2022 година, овие проценти беа 86% [73–98%], 89% [75–98%] и 93 % [79–98%], соодветно.
Ø Кога се земаат предвид сите луѓе кои живеат со ХИВ, 86% [73-98%] го знаеле својот статус, 76% [65-89%] примале антиретровирусна терапија и 71% [60-83%] имале потиснато вирусно оптоварување.
Светски ден за борба против СИДА 2023 година
Извор: СЗО (https://www.who.int/campaigns/world-aids-day/world-aids-day-2023)
На 1 декември, СЗО, заедно со заедниците и партнерите ќе го одбележат Светскиот ден за борба против СИДА-та 2023 година, под тема „Да водат заедниците”.
Заедниците кои живеат со и погодени од ХИВ, мрежите на луѓе од клучните популации и младинските лидери биле и продолжуваат да бидат суштински за напредокот во одговорот на ХИВ. Тие обезбедуваат суштински услуги за поддршка за превенција, тестирање и третман, градат доверба, генерираат иновативни решенија, го промовираат здравјето, го следат спроведувањето на политиките и програмите и бараат одговорност од давателите на услуги.
Светот може да стави крај на СИДА-та со лидерство на заедниците. Токму затоа, темата за Светскиот ден за борба против СИДА оваа година е „Дозволете заедниците да водат“, и е многу повеќе од прослава на достигнувањата на заедниците. Таа е повик за акција за овозможување и поддршка на заедниците во нивните лидерски улоги.
На Светскиот ден за борба против СИДА 2023 година, СЗО го слави и го признава непроценливиот придонес на заедниците во водење на одговорот на ХИВ.
Состојба со ХИВ/СИДА во Р.С. Македонија (1987-30.11.2023)
Република Северна Македонија е земја со ниска преваленца на ХИВ.
Од 1987 до 30.11.2023 година се регистрирани вкупно 632 случаи на ХИВ/СИДА.
Кумулативно, од регистрираните случаи, 564 (89,2%) се од машки пол, 67 (10,6%) се од женски пол, а регистрирано е и едно трансродово лице. Високото пропорционално учество на машки лица во бројот на новорегистрирани случаи е тренд во изминатите 15 години.
Дистрибуцијата по возраст укажува дека најзафатени се сексуално активни лица на возраст од 20-39 години, кои чинат речиси три четвртини од дијагностицираните случаи (73,9%, n=467).
Кумулативно, најголем број од случаите се со место на живеење во Скопје (n=287), Тетово (n=38), Штип (n=3), Прилеп (n=30) и Куманово (n=29).
Во периодот од 1987 до 30.11.2023 година, вкупно 126 од дијагностицираните лица во Република Северна Македонија починале поради причини поврзани со СИДА, што претставува стапка на смртност од 19,9%.
Кумулативно според веројатен ризик за стекнување на ХИВ, најголем број од случаите (вкупно - 381 или 60,3%) се кај МСМ популацијата, а хетеросексуалниот начин на пренос е регистриран кај 210 случаи (33,2%).
Состојба со ХИВ во Р.С. Македонија во 2023 година (заклучно со 30.11.2023)
Во 2023 година се регистрирани 46 нови случаи на ХИВ/СИДА, што претставува инциденца од 2,5 на 100.000 жители. За споредба, во 2022 година (за истиот период), регистрирани беа 36 нови случаи на ХИВ/СИДА.
Во 2023 година, од регистрираните случаи, од машки пол се 42, а 4 од женски пол.
Во однос на возрасната дистрибуција на случаите регистрирани во 2023 година, возраста на новорегистрираните случаи се движи од 20-59 години, а најголема застапеност е кај возрасната група од 20-29 години (n=18) и 30-39 години (n=17).
Најголем број од случаите се со место на живеење во Скопје (n=12).
Според начинот на веројатен ризик за стекнување на ХИВ, најголем број од случаите (n=26) се кај МСМ популацијата, а хетеросексуалниот начин на пренос е регистриран кај 20 случаи.
Во текот на 2023 година, регистрирани се 2 починати лица поради причини поврзани со СИДА.
презентација за ХИВ (pdf документ)