• 16.02.2024

ИНФОРМАЦИЈА ЗА СОСТОЈБА СО ЗАБОЛЕНИ ЛИЦА ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦА ВО Р. СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО 2024 ГОДИНА, ЗАКЛУЧНО СО 15.02.2024


Во периодот од 9-15.02.2024 година пријавени се 17 нови случаи на голема кашлица. Сите пријавени случаи се од Скопје, а најголем број на случаи се од возрасната група од 10-19 години (n=8). Од новите 17 случаи, 5 случаи се хоспитализирани (3 деца на возраст до 4 години, и по едно во возрасна група од 5-9 год и од 10-14 години).

Во 2024 година, заклучно со 15.02.2024, во ИЈЗ на РСМ се регистрирани вкупно 39 случаи на голема кашлица,  со инциденца од 2,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос изминатиот петгодишен период (2019-2022 година), кога се регистрирани вкупно 9 случаи.

Дистрибуцијата на случаите по однос на место на живеење покажува дека најголем број лица живеат во Скопје - 33 (84,6%) во девет различни општини, 3 лица живеат во Куманово, 2 во Гостивар и еден во Боговиње, Тетово.

Во однос на возрасната дистрибуцијата, заболените лица се на возраст 1 месец до 45 години (медијана 6,9 години). Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно 11 случаи (28,2%) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 8 (20,5%) се деца на возраст од 1 до 4 години.

Првиот пријавен случај е на 05.01.2024, а само во последните 7 дена се пријавени 17 случаи, со зголемување од 21% во однос на претходниот неделен период за пријавување.

Во однос на вакциналниот статус, 25 лица (64,1%) од заболените не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани согласно возраста и Календарот за имунизација. Десет случаи се комплетно вакцинирани за возраста, за четири случаи вакциналниот статус е непознат.

Од заболените, регистрирано е 21 лице со хоспитализација (53,8%), и тоа 16 (76,2%) од нив на возраст до 4 години.

 

Спроведени активности за вакцинација со вакцина која содржи компонента на голема кашлица на територија на Град Скопје и Републиката

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18.01.2024 досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно  повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

Скопје - број на вакцинирани лица од 18.01-14.02.2024

Согласно податоци доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација од Гази Баба и Чаир (Службите за вакцинација од Карпош, Кисела Вода и Центар до затворање на информацијата не доставија податоци) беше утврдено дека се пронајдени 4.991 дете пропуштено за вакцинација, од нив се вакцинирани 982 (20%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (392; 40%).  Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 4036 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (2.762; 68%)  од вакцинираните деца примиле I, II или III доза на примовакцинација.

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18.01-14.02.2024 ( без Карпош, Кисела Вода и Центар) изнесува 5.018.  

Северна Македонија (без Скопје) - број на вакцинирани лица од 18.01-14.02.2024

Од досега доспеаните податоци од Центрите за јавно здравје пронајдени се 4.197 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 984 (23%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (439; 45%).  Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 4.679 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (1.591; 34%)  од вакцинираните примиле II ревакцина на школска возраст.

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) во периодот од 18.01-14.02.2024 изнесува 5.663

 

Препораки

Со цел да се превенира појавата на нови случаи на голема кашлица и да се спречи понатамошно ширење на заболувањето потребно е:

Да се зголеми опфатот со примарната вакцинација со вакцина која ја содржи компонентата против голема кашлица со цел да се достигне препорачаниот од СЗО опфат од 95%, како на регионално и локално, така и на национално ниво.

  • За таа цел, во сите вакцинални пунктови на територијата на РСМ потребно е да се врши засилена и континуирана проверка на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, и да се повикуваат за апликација на потребните дози на вакцина. Дополнително, потребно е засилено активно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакциниранилица, со цел нивно  повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.
  • Да се зајакне епидемиолошкиот надзор над голема кашлица. Секој суспектен случај кој исполнува клинички критериуми на дефиницијата на случај потребно е епидемиолошки да се истражи, лабораториски да се тестира, односно потврди и да се пријави до надлежните институции.

  • Сомнителните/заболените лица да се испраќаат за лабораториска дијагноза и лекување, и веднаш да се пријават до надлежните институции.

  • Изолација на заболените во здравствените институции или во домашни услови, особено ако во семејството има доенчиња, мали деца и невакцинирани лица, најмалку 5 дена од отпочнување со антибиотска терапија. Истото важи и за сомнителните болни/контакти на заболените лица доколку примаат хемиопрофилакса.                              

  • Сите матични лекари при преглед задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца до 14 годишна возраст и сите пропуштени и невакцинирани деца да ги упатуваат на вакцинација;

  • ЦЈЗ во соработка со ИЈЗ да спроведуваат едукативно-промотивни активности во врска со превенција од појава на голема кашлица, односно потенцирање на вакцинацијата како единствена превентивна мерка за заштита на здравјето на децата.

 

Оддел за епидемиологија на заразни заболувања

16.02.2024                                                          Институт за јавно здравје на РСМ