• 23.02.2024

ИНФОРМАЦИЈА ЗА СОСТОЈБА СО ЗАБОЛЕНИ ЛИЦА ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦА ВО Р. СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО 2024 ГОДИНА, ЗАКЛУЧНО СО 22.02.2024


 

Неделни податоци

 

Во периодот од 16-22.02.2024 година пријавени се 28 нови случаи на голема кашлица. Најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје (n=22), а пријавени се случаи и во Тетово (n=4), Куманово (n=1) и Струга (n=1).

Возраста на заболените се движи од 0 до 47 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца под една година и од 10-14 години (n=6).

Од новите 28 случаи, 4 случаи (14,3%) се хоспитализирани (3 деца на возраст под 1 година и едно од возрасната група од 1-4 години).

 

Кумулативни податоци

 

Во 2024 година, заклучно со 22.02.2024, во ИЈЗ на РСМ се регистрирани вкупно 67 случаи на голема кашлица,  со инциденца од 3,6/100 000 жители.

По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје - 55 (82,1%) во девет различни општини, 5 лица се од Тетово, 4 лица живеат во Куманово, во Гостивар два и еден во Струга.

Заболените лица се на возраст 1 месец до 47 години (медијана 9,4 години). Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно 17 случаи (25,4%) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 10 (14,9%) се деца на возраст од 1 до 4 години.

Првиот пријавен случај е на 05.01.2024, а само во последните 7 дена се пријавени 28 случаи, со зголемување од 71,8% во однос на претходниот неделен период за пријавување.

Од вкупниот број на регистрирани случаи (67), 61 случај (односно 91%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или од последната доза (кај комплетно вакцинираните) поминале просечно повеќе од 11 години од последната примена доза, или нема доказ за вакцинација.

Од заболените, регистрирани се 25 лица со хоспитализација (37,3%), и тоа 20 (80,0%) од нив на возраст до 4 години.

 

Спроведени активности за вакцинација со вакцина која содржи компонента на голема кашлица на територија на Град Скопје и Републиката

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18.01.2024 досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно  повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

Скопје - број на вакцинирани лица од 18.01-22.02.2024

Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир Карпош, Кисела Вода и Центар) беше утврдено дека се пронајдени 12.639 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив вакцинирани се 4.142 (32,8%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (1.933; 46,7%).

Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 7.792 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (4.792; 61,5%)  од вакцинираните деца примиле I, II или III доза на примовакцинација.

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18.01-22.02.2024 изнесува 11.934.  

Северна Македонија (без Скопје) - број на вакцинирани лица од 18.01-22.02.2024

Од доставените податоци од Центрите за јавно здравје, пронајдени се 6.663 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 1.621 (24,3%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (731; 45,1%).

Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 6.211 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (2.095; 33,7%) од вакцинираните примиле II ревакцина на школска возраст.

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) во периодот од 18.01-22.02.2024 изнесува 7.832.



 

Оддел за епидемиологија на заразни заболувања

23.02.2024                                                          Институт за јавно здравје на РСМ