• 15.03.2024

ИНФОРМАЦИЈА ЗА СОСТОЈБА СО ЗАБОЛЕНИ ЛИЦА ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦА ВО Р. СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО 2024 ГОДИНА, ЗАКЛУЧНО СО 14.03.2024


 

Неделни податоци
 

Во периодот од 08-14.03.2024 година пријавени се 43 нови случаи на голема кашлица, со 14% намалување споредено со претходниот седмодневен период (n=50). Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје (n=39), а пријавени се случаи и во Тетово (n=2), Гостивар (n=1) и Битола (n=1).

Возраста на заболените се движи од 0 до 40 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца од 10-14 години (n=15).

Од новите 50 случаи, 5 случаи (10%) се хоспитализирани (4 деца на возраст под 1 година и едно од возрасната група од 1-4 години).

 
Кумулативни податоци
 

Заклучно со 14.03.2024, во РСМ се регистрирани вкупно 216 случаи на голема кашлица, со инциденца од 11,8/100 000 жители.

По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје - 190 (88,0%) во четиринаесет различни општини, 8 лица се од Тетово, 5 лица живеат во Куманово, во Гостивар три и по еден случај е регистриран од Струга, Струмица, Дебар, Крива Паланка, Битола, Кавадарци и Кочани.

 

Заболените лица се на возраст од 1 месец до 78 години (медијана 11,4 години). Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години (25,5%), односно 30 случаи (13,9%) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 25 (11,6%) се деца на возраст од 1 до 4 години, а во возрасната група 10-14 години се пријавени 54 случаи (25,0%).

 

Од вкупниот број на регистрирани случаи (216), 122 случаи (односно 5,05%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Од случаите кои се комплетно вакцинирани (n=74), просечно поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 12,7 години.

 

Од заболените, регистрирани се 36 лица со хоспитализација (16,7%) и тоа 31 (86,1%) од нив на возраст до 4 години.

 

Спроведени активности за вакцинација со вакцина која содржи компонента на голема кашлица на територија на Град Скопје и Републиката

Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18.01.2024 досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација.

Скопје - број на вакцинирани лица од 18.01-14.03.2024

Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Центар) беше утврдено дека се пронајдени 14.388 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив вакцинирани се 7.151 (49,7%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (3.796; 55,6%).

Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 9.084 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (5.390; 59,3%) од вакцинираните деца примиле I, II или III доза на примовакцинација.

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18.01-14.03.2024 изнесува 16.235.  

Северна Македонија (без Скопје) - број на вакцинирани лица од 18.01-14.03.2024

Од доставените податоци од Центрите за јавно здравје, пронајдени се 7.702 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 3.328 (43,2%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (1.705; 51,3%).

Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 9.451 дете на возраст до 7 години, а најголем број и процент (4.905; 51,9%) од вакцинираните примиле I или II доза на ревакцина.

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) во периодот од 18.01-14.03.2024 изнесува 12.779.

 

Оддел за епидемиологија на заразни заболувања                                                          

Институт за јавно здравје на РСМ

15.03.2024