• 08.04.2024

Светски ден на здравјето


 

 

Светскиот ден на здравјето, се одбележува на 7 април секоја година како глобален повик за акција со цел да се зголеми свеста за здравствените прашања и да се подобри здравјето и благосостојбата на луѓето ширум светот. Утврден од Светската здравствена организација (СЗО) во 1948 година, овој ден нуди уникатна можност за фокусирање на важни здравствени предизвици кои влијаат на заедниците на локално, национално и глобално ниво.

Целта на овој ден не се однесува единствено на подигнување на свеста, туку и на поттикнување на конкретни акции и политики кои ќе го подобрат здравствениот пристап и условите за сите, без разлика на географската локација, економски статус или социјална припадност. Светскиот ден на здравјето служи и како потсетник дека здравјето треба да биде приоритет во сите сфери на општеството и дека секој има улога во заштитата и унапредувањето на своето здравје и здравјето на заедницата. Темата на Светскиот ден на здравјето се менува секоја година, овозможувајќи фокус на различни аспекти на здравствената грижа и превенција.

Значајноста на Светскиот ден на здравјето е уште поголема во контекст на глобалните предизвици како што се пандемии и болести, здравствени нееднаквости и недостиг на пристап до квалитетна здравствена заштита. Преку заеднички напори, оваа годишна манифестација придонесува кон градење поинклузивно и одржливо здравствено општество.

Како индивидуи, можеме да учествуваме во Светскиот ден на здравјето на различни начини, како што се едукација за здравјето, учество во здравствени иницијативи и кампањи и промовирање на здрави животни навики. Секоја акција, без оглед на нејзината големина, е чекор кон подобро здравје за сите.

Светски ден на здравјето 2024 - „Моето здравје, мое право“

Ширум светот, правото на здравје на милиони луѓе е сè поизложено на ризик. Болестите и катастрофите се водечки причинители за смрт и инвалидитет. Конфликтите ги уништуваат животите, предизвикуваат смрт, болка, глад и психичка вознемиреност. Согорувањето на фосилните горива, истовремено ја поттикнува климатската криза и ја намалува можноста за дишење чист воздух, со создавање на услови каде загадувањето на воздухот, како во затворени така и во отворени простори, резултира со губење на човечки животи на секои пет секунди.

Советот на СЗО за економија на Здравје за сите, утврди дека најмалку 140 земји го признаваат здравјето како човеково право во нивниот устав. Меѓутоа, државите не усвојуваат и не имплементираат законодавство кое би гарантирало право на пристап на нивните граѓани до здравствени услуги. Ова го потврдува фактот дека најмалку 4,5 милијарди луѓе - повеќе од половина од светското население - не биле целосно покриени со основните здравствени услуги во 2021 година.

Како одговор на ваквите предизвици, темата за Светскиот ден на здравјето во 2024 година е „Моето здравје, мое право“. Овогодинешната тема е избрана со цел да се истакне и застапи правото на пристап до висококвалитетни здравствени услуги, образование и информации, како и безбедна вода за пиење, чист воздух, квалитетна храна и домување, достоинствени услови на работа, здрава животна средина и слобода од дискриминација, секому и секаде, без разлика на географската локација, економски статус или социјална припадност.

Клучни пораки

За јавноста

·         Знајте ги вашите здравствени права. Имате право на:

Ø  безбедна и квалитетна нега, без никаква дискриминација

Ø  приватност и доверливост на вашите здравствени информации

Ø  информации за вашиот третман и информирана согласност

Ø  телесна автономија и интегритет

·         Донесувајте одлуки за сопственото здравје.

·         Заштитете го вашето право на здравје како основно човеково право. Секој треба да има пристап до здравствените услуги што му се потребни секаде и секогаш кога му се потребни, без да се соочи со финансиски тешкотии. Значи, доколку не можете да пристапите до здравствена заштита, тоа не е во ред. Еве неколку начини да се преземе акција:

Ø  Застапувајте - апелирајте до политичките лидери, придружете се на здравствените заедници кои повикуваат на акција, учествувајте во петиции и дискусии

Ø  Организирајте ја вашата заедница - на пример на работа, црква – да се договорат што треба да се промени и на кој начин да се направи тоа

Ø  Промовирајте го правото на здравје како суштински столб на нашите пошироки човекови права

·         Почитувањето на нашето право на здравје значи почитување на нашите права за пристап до безбедна вода за пиење, чист воздух, добра исхрана, квалитетно домување, пристојни работни услови и слобода од насилство и дискриминација

·         Поставете го здравјето како главен приоритет.

·         Вклучете се во донесувањето одлуки поврзани со здравјето. Примерите за тоа како да се учествува се однесуваат на: состаноци, фокус групи и консултации, здравствени совети, управувачки групи и одбори за ревизија.

За владите

·         Секој закон е важен; секое министерство може и треба да предложи закони за остварување на правото на здравје низ различните сектори:

Ø  Финансии: данок на тутун, шеќер и алкохол

Ø  Земјоделство: елиминирање на транс мастите; намалување на количината на антимикробни средства во земјоделско-прехранбениот систем за 30-50% до 2030 година

Ø  Животна средина: стопирање на субвенциите за фосилни горива и субвенционирање или ослободување од данок на чиста енергија и горива

Ø  Правда: забрана на секакви форми на дискриминација

Ø  Транспорт: изградба на велосипедска инфраструктура, поддршка на пешаците

Ø  Труд: обезбедување донстоинствени работни места, работнички права и заштита, како и фер, еднакви и родово одговорни работни услови за здравствените работници

Ø  Социјални работи / социјален развој: обезбедување пристап до социјална заштита (на пр. здравствена заштита, пензии, бенефиции за невработени) за да се намали ранливоста на домаќинствата од сиромаштија и да се спротивстави на негативните влијанија на неочекуваните животни настани врз приходот, богатството или здравјето

·         Инвестирајте во здравството

·         Обезбедете право на здравје: направете ги здравствените услуги достапни, прифатливи и со добар квалитет за секого и секаде

·         Дејствувајте стратешки и изградете од темел: преориентирајте ги здравствените системи кон примарната здравствена заштита

·         Транспарентност и отчетност: справување со корупцијата преку зајакнување на управувањето и работа низ секторите

·         Вклучете ја пошироката јавност во одлучувањето за здравјето: „социјалното учество“ се случува кога поединците и заедниците се вклучени во донесувањето одлуки поврзани со здравјето, на пр. состаноци, фокус групи и консултации, здравствени совети, застапеност во управувачките групи и одбори за ревизија

·         Запознајте се со здравствените потреби на населението и постапувајте според нив: собирајте, анализирајте, користете и следете податоци, разделувајте по возраст, пол, економска состојба, ниво на образование, место на живеење, раса и етничка припадност и други карактеристики и дејствувајте за исправување на здравствените нееднаквости

·         Заштитете го правото на здравје во услови на војна и конфликт: заштита на здравствената инфраструктура и здравствените работници и обезбедување непречен пристап до здравствените услуги, во согласност со меѓународните хуманитарни закони и закони за човекови права

 

Преземено од СЗО

Подготвено: Оддел за здравствена промоција и следење на болести