• 23.05.2024

ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ ЗА ЗАШТИТА НА НАСЕЛЕНИЕТО ОД ИНСЕКТИ


 

УРЕДУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Правилно отсранете го отпадот и покријте ги контејнерите или кантите откако сте го отстраниле отпадот.

Одржувајте ги септичките јами и одводните канали околу Вашата куќа или зграда.

Елиминирајте ја стоечката (стагнантната) вода во олуците за дожд, сливници, стари гуми, кофи, пластични капаци, играчки или кој било друг сад каде што може да се размножуваат комарците.

Еднаш неделно, а пожелно е и почесто испразнување или менување на водата од кафезите за птици, фонтаните, базените, бурињата за дожд и саксии за да ги уништите потенцијалните живеалишта на комарците.

Отстранете ги старите гуми, искористените пластични шишиња, лименки и сл.

Прекријте со мрежа или затворете ги сите садови кои служат за складирање на вода.

Редовно одржувајте ги зелените површини, бавчи, балкони и тераси чисти.

Фонтаните на јавни површини и базени потребно е редовно да се одржуваат, да се менува водата и да се одржат проточни.

Детектирајте и во склоп на Вашите можности елиминирајте или пријавете на соодветно место за отстранување на живеалиштата на комарците.

Бидете ажурни за одржувањето на комуналната хигиена во близина на Вашиот дом или Вашето работно место.

ФИЗИЧКИ ПРЕПРЕКИ

Ставете на врататa и прозорците мрежи за комарци, по можност, обложени со долгоделувачки инсектицид.

Покријте ги сите процепи, дупки, јами во ѕидовите, вратите и прозорците за да спречите влегување на комарците.

Проверете дали прозорците и вратите се во добра работна состојба.

Целосно покријте ги количките за бебиња и креветите со мрежа или со лесно, памучно, аеробно платно.

Користете електрични апарати кои испуштаат средство кои ги уништуваат комарците.

Користете клими во просториите каде престојувате.

 

 

ИЗБЕГНУВАЈТЕ УБОД ОД ИНСЕКТИ

Водете сметка за облеката

Чувајте ги комарците подалеку од изложената кожа со носење кошули со долги ракави, долги панталони и чорапи.

Носете светла боја која прекрива поголем дел на телото (со долги ракави и долги ногавици) и која е удобна (проверете ги препораките на ИЈЗРСМ за соодветна облека при топло време).

Имајте на ум дека облеката со светли бои како што се жолта, портокалова, црвена и розова и цветните дизајни ги привлекуваат инсектите, особено пчелите, осите и стршлените, бидејќи тие често можат да ја помешаат со цвет и ненамерно да ве убодат.   Неутралните бои како белата, зелената и светлите кафеави нијанси се многу помалку привлечни за инсектите.

Особено при излети на природа, на места со вегетација или на ризични места каде што има или може да има појава на инсекти (на пр. контејнери), по Ваша проценка, ставете ги чорапите во панталоните, убаво закопчајте се за да ги спречите преку слободниот простор во вашата облека комарците да дојдат до вашата кожа.

Козметичките производи може да привлечат инсекти

Избегнувајте користење на козметика (парфем, крем, млеко за тело) и средства за лична хигиена (сапуни и сл.) со силен мирис, бидејќи привлекуваат инсекти.

Бидете внимателни што јадете и како ја чувате храната, особено при престој во природа

Мирисот на храната привлекува инсекти. Слатки, сладолед, овошје, засладени пијалоци, лубеница и туна се само дел од видовите намирници кои ги привлекуваат инсектите. Внимавајте кога ги консумирате овие и слични намирници.

Покријте ја храната и пијалаците кога јадете на отворено - инсектите можат да влезат во отворени шишиња или лименки од кои пиете.

Храната чувајте ја во затворена и термоизолирана средина.

Време

Избегнувајте седење на отворено на места со голем број инсекти, особено измеѓу самрак и изутрина (зора).

Употреба на репеленти

По ваша проценка, откриените делови на телото намачкајте ги со средства за одбивање на комарци-репеленти.

Користете репеленти против комарци регистрирани од надлежните институции на Северна Македонија, внимателно следете ги упатствата и мерките на претпазливост на етикетата и секогаш консултирајте се со Вашиот лекар или фармацевт.

Додека прскате инсектициди, фокусирајте се на темните места како што се плакарите, под креветите и зад завесите.

Редовно следете ги информациите од овластените лица и органи за состојбата околу болестите кои што се пренесуваат преку инсекти.

Иако препораките се наменети за општата популација, значаен дел од истите, во склоп на ингеренциите, треба да бидат реализирани и од надлежните институции за комунална хигиена во општините/Град Скопје.