• 31.05.2024

Светски ден против употреба на тутун 31 мај


 

Тема:,,Заштита на децата од влијанието на тутунската индустрија.

Како еден од најголемите и најзастапените ризик фактори кај речиси сите видови на хронични незаразни заболувања, употребата на тутун сериозно придонесува кон нарушувањето на општото здравје на популацијата. Кардиоваскуларни, респираторни, репродуктивни, малигни, ендокрини и многу други видови на заболувања, може да се јават како последица од редовна употреба на тутун. Иако сите релевантни институции во државата кои работат на намалување на употребата на тутун, вклучително со континуираната едукација на населението, за жал нема голем напредок во обидите да се намали преваленцата на пушењето во државата. Иако Република Северна Македонија во 2006 година ја ратификуваше Рамковната конвенција за контрола на тутунот (FCTC) на Светската здравствена организација и низ годините имало напори за да се зајакне здравствената регулатива поврзана со употребата на тутун, во последните години има застој на ова поле, со укинување на забраните за пушење во терасите од угостителските локали, а дополнително се дозволи употреба на електронските уреди кои го загреваат а не го горат тутунот (HTTP) во јавни затворени локали. Тутунската индустрија со сите свои ресурси успешно се бори против напорите за зајакнување на законската легислатива, која всушност е еден од условите за пристап на Република Северна Македонија кон Европската Унија, па така потреба од прилагодување на законите со оние од ЕУ е неопходна за напредокот на земјата.

Темата на Светскиот ден без тутун 2024 година е „Заштита на децата од влијанието на тутунската индустрија“, за да се заштитат идните генерации и да се осигура дека употребата на тутун ќе продолжи да опаѓа. Годинава вниманието е насочено кон алармантниот тренд на насочениот маркетинг на тутунската индустрија кон младите. Преку опсежни кампањи за социјални медиуми и стриминг платформи, младите се повеќе се изложени на привлечноста на тутунските производи, што претставува значителна закана за нивното здравје и благосостојба. Истражувањата во земјите постојано покажуваат дека децата на возраст од 13-15 години во повеќето земји користат тутун и никотински производи.

Пушењето меѓу младите останува распространето и се зголемува во одредени нации. Повеќе од 38 милиони млади луѓе на возраст меѓу 13 и 15 години користат некаков облик на тутун. Во 2022 година, сцените со тутун се зголемија за 110% во популарните неодамнешни емисии кај младите од 15 до 24 години, често прикажувајќи го пушењето како гламурозно и кул. Според „Иницијативата за вистина“ младите имаат до 3 пати поголема веројатност да почнат да пушат кога се изложени на слики за пушење на екранот.

 

 

 

Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, оваа година учествува во две истражувања поврзани со употреба на тутун кај младите лица (ESPAD - European School Survey Project on Alcohol and Other Drugs и GYTS -  Global Youth Tobacco Survey), и резулатите од овие истражувања ќе бидат објавени и достапни на крајот на годината, кога истражувањата ќе бидат целосно завршени.

Употребата на тутун во Република Северна Македонија е многу висока. Според последните истражувања процентуалната застапеност на население кое употребува тутун, не става меѓу земјите во светот кои имаат најголеми стапки на население кои се активни пушачи. Според последните истражувањата на Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, бројот на активни пушачи изнесува 45.4%, со многу низок процент на луѓе (5%) кои успешно се обиделе и откажале од пушење во последните години. Во однос на откажувањето од пушење, во советувалиштата за откажување од пушење кои функционираат во склоп на Центрите за јавно здравје низ целата држава, има многу мала посетеност. Во 2023 година во советувалиштата за откажување од пушење се јавиле само 43 луѓе, што е многу мала бројка, односно нема голема заинтересираност за откажување од пушењето кај населението.

Светскиот ден без тутун 2024 година ќе им даде платформа на младите луѓе ширум светот, кои ги повикуваат владите да ги заштитат од предаторските тактики за маркетинг на тутунската индустрија. Индустријата е насочена кон младите за цел живот на профит, создавајќи нов бран на зависност. Децата користат е-цигари со стапки повисоки од возрасните во сите региони.