- 11.06.2024
Известување - 11.6.2024
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ја известува јавноста дека согласно наодите од извршените анализи на квалитетот и безбедноста на водата за пиење од водоводната мрежа за Стар Дојран, НЕ Е БЕЗБЕДНА за употреба и консумација од страна на човекот заради зголемена содржина на арсен. Содржината на арсен во водоводната мрежа за Нов Дојран е во дозволените гранични вредности согласно националната легислатива.
Мониторингот на квалитетот и безбедноста на водата за пиење во Стар и Нов Дојран ИЈЗ го започна од јануари 2024 година, препознавајќи го проблемот и неговата сериозност, оваа активност ја вклучи во Националната годишна програма за јавно здравје.
Веројатно се работи за контаминација од геолошко потекло (состав на почвата) која е регионален проблем, заради што арсенот во подземната вода честопати ги надминува граничните вредности пропишани со подзаконските акти.
Имајќи ги во предвид штетните ефекти на арсенот по здравјето на луѓето и животните, ве информираме дека сме во постојана комуникација со Јавното комунално претпријатие, каде стручните лица на ИЈЗ даваат стручна поддршка и помош, со цел надминување на овој јавно-здравствен проблем и заштита на здравјето на населението во општината, но, и гостите кои престојуваат во општината.
Согласно законските обврски, Известени се останатите вклучени страни - инспекциските служби, локалната самоуправа и регионалниот Центар за јавно здравје кој територијално ја покрива оваа област.
Јавното комунално претпријатие “Полин” Дојран соработува и прави напори за изнаоѓање на алтернативно решение за водоснабдување на населението во Стар Дојран. Сепак, потребни се сериозни инвестиции за изнаоѓање на трајно решение за водоснабдување на населението.