- 16.07.2024
Панел дискусија со наслов ‘’Види го Вардар почисто’’
На покана на Europe House Veles на 1 јули 2024 година, а по повод одбележувањето на една година постоење на Јуроп Хаус Велес, една од куќите на Europe House (поранешниот EU Info Centre), проф. д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје на РСМ и Медицински факултет во Скопје, Универзитет “Св. Кирил и Методиј”, учествуваше на панел дискусија со наслов ‘’Види го Вардар почисто’’.
Европската комисија во мај официјално ја започна кампањата #WaterWIseEU, чија цел е да промовира позитивни решенија од сите аспекти. Панел дискусијата во фокусот ја стави важноста на реката Вардар како скапоцен ресурс кој е од суштинско значење за човекот, животната средина и за правична и одржлива економија. Деценискиот наплив на природни катастрофи и антропогени притисоци врз водните ресурси доведува до лошо управување и кризи со фатални последици, за кои транспарентноста на институциите на системот е повеќе од потребна. Важноста на Реката Вардар е поголема од аспект што нејзината контаминација има не само локално туку и меѓународно значење и влијание, имајќи во предвид дека е тоа транзиторна река, односно преминува во соседна Грција.
Панел дискусијата ја отвори со пригодно излагање заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во земјава, г-нот Бен Нупнау, а учество во дискусијата зедоа и добитниците на наградата на ЕУ за истражувачко новинарство кои се фокусираа на создавање истражувачки стории за еколошките прашања во земјата. Нивните приказни предизвикаа значителен интерес кај присутните, помладата публика, но и кај локалните активисти, студенти и млади новинари од Македонската асоцијација на новинари.
Проф. д-р Димовска се осврна на улогата на јавно-здравствените и научните институции во управувањето со површинските води и го прикажа мониторингот на Река Вардар како еден од најдолгорочните програмски активности кои се спроведуваат досега. Исто така се осврна и на штетните влијанија по здравјето на луѓето на загадените површински води со оглед на тоа дека истите може да се користат за водоснабдување, наводнување и спорт и рекреација на населението. Излагањето побуди интерес кај присутните кои изразија загриженост во однос на микробиолошката контаминација на реката Вардар, која речиси ја прави реката мртва река, класифицирајќи ја во најлошата IV-V класа на површинска вода. Присутните исто така поставија и прашања за тековни локални проблеми и изразија загриженост за состојбата на акумулацијата “Младост” која се наоѓа на територија на општина Велес, за која проф. Димовска ги прикажа активностите на Институтот и регионалниот Центар за јавно здравје Велес во однос на решавање на овој јавно-здравствен проблем.
Свеченоста заврши со пригодна прослава и учество на млади уметници.