- 18.07.2024
Разбирањето на урбаните жешки острови е клучно, потребно е итно стратегиско зазеленување
Статија на д-р Џансун Буковец и проф. д-р Михаил Кочубовски за Нова Македонија. Авторите ги споделуваат резултатите од спроведената научна студија за влијанието на зеленилото во урбаните средини во намалување на амбиентните температури за време на топлотни бранови.
Урбаното зазеленување е еден од клучните фактори за намалувањето на ефектите на урбаните жешки острови и добрата здравствена благосостојба на населението.
НАУЧНА СТУДИЈА ПО ПОВОД ВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ ВО ГРАДОВИТЕ
Денес, урбаните средини се среде невидена ера на трансформација, поттикната од брзата урбанизација и сеприсутното сениште на климатските промени. Во овој контекст, разбирањето и решавањето на урбаните жешки острови (УЖО) се појавуваат како клучна грижа за современите урбанисти, креаторите на политиките и за експертите за јавно здравје. УЖО е феномен што најдобро се опишува кога градот/урбаните средини имаат многу повисоки температури отколку блиските рурални, односно приградски населби
Д-р Џансун Буковец, проф. д-р Михаил Кочубовски и проф. д-р Гордана Каплан
Климатските промени комплексно и тесно се поврзани со здравјето. Во поголемиот дел од светот, претежно климатските промени се манифестираат со покачување на амбиенталните температури. Намалениот фонд на природните предели во урбаните области, конвенционалните градежни материјали, непланското просторно уредување и географските карактеристики овозможуваат сѐ повеќе да се чувствуваат топлотните бранови во урбаните средини. Деновиве ги доживуваме едни од најекстремните температури и се наоѓаме во т.н. портокалова фаза. Топлотните бранови имаат потенцијал за директно влијание врз здравјето и благосостојбата на населението. Топлотните бранови предизвикуваат зголемен морбидитет и морталитет. Особено ранливи групи на населението погодени од топлотните бранови се децата, постарите жени, бремените жени, лицата со хронични заболувања, работниците на отворено, жителите на оддалечените региони, луѓето со ниски приходи, бездомниците итн.
Денес, урбаните средини се среде невидена ера на трансформација, поттикната од брзата урбанизација и сеприсутното сениште на климатските промени. Во овој контекст, разбирањето и решавањето на урбаните жешки острови (УЖО) се појавуваат како клучна грижа за современите урбанисти, креаторите на политиките и за експертите за јавно здравје. Овој феномен, поттикнат од метеоролошките услови, растот на населението, зголемената индустријализација и транспортот, резултираше со пролиферација на градови и урбани области низ светот. И, се разбира, дека ова невидено урбано ширење не помина без последици. Модификациите на површината на земјиштето во урбаните области, како што е замената на вегетацијата со непропустливи површини како бетон и асфалт, недоволните волумени на почвата и набивањето на почвата, типот и густината на зградите резултираат со промени во својствата на површината што можат да ја заробат и складираат топлината.
УЖО предизвикува зголемена потрошувачка на енергија, зголемени емисии на загадувачи на воздухот и стакленички гасови, социјална изолација и недостиг од материјални ресурси, нарушен квалитет на водата, негативни здравствени ефекти – општа непријатност, респираторни тешкотии, топлотна исцрпеност, хипертермија, сончаница, топлотен удар итн.
УЖО е феномен што најдобро се опишува кога градот/урбаните средини имаат многу повисоки температури отколку блиските рурални, односно приградски населби. Сончевата топлина и светлина стигнуваат до градот и земјата на ист начин. Но разликата во температурата помеѓу урбаните и субурбаните области е поврзана со тоа колку површините во секоја средина ја апсорбираат и ја задржуваат топлината. Градовите имаат помала евапотранспирација и настанува апсорпција или т.н. „заробување“ на сончевите зраци.
Но дрвјата ни се спас! Широко се познати позитивните ефекти на зеленилото, односно на дрвјата во справувањето со жештините. Дрвјата, односно вегетацијата во градовите служи во намалување на температурите, намалување на јаглеродниот диоксид во атмосферата, засенчување и ја промовираат активната мобилност.
Покрај тоа, големината на крошната, обликот, структурата се другите морфолошки карактеристики што влијаат на засенчувањето на дрвјата. Вегетацијата ја апсорбира сончевата енергија и создава сенка, што ја намалува температурата на земјата и ја зголемува латентната размена на топлина за испарување. Најважниот фактор за ублажување и адаптација на УЖО е урбаната вегетација. Дрвјата би можеле да ги намалат дневните температури на воздухот до два Целзиусови степена на 60 метри над нивото на земјата и четири Целзиусови степени на нивото на дрвото (четири метри над земјата). Докажано е дека ефектот на транспирацијата врз температурите на воздухот варира помеѓу 0,5 и девет Целзиусови степени.
Температурата на површината на земјата или „Land Surface Temperature“ (ЛСТ) се однесува на температурата на површината на Земјата, мерена со инструменти за далечинско набљудување или со сензори на земја. Тоа е важна варијабла во климатските студии и мониторингот на животната средина, бидејќи обезбедува информации за размената на енергија помеѓу површината на земјата и атмосферата.
Општо земено, повисоките вредности на нормализиран индекс на разлика во вегетацијата (НДВИ) одговараат на пониската температура на површината на земјата (ЛСТ) поради ефектот на ладење на вегетацијата преку транспирација и фотосинтеза. Нашата студија користи техники за далечинско набљудување заедно со НДВИ и урбани климатски модели за да се разберат и адресираат УЖО. Ефектот на УЖО може да се почувствува дење и ноќе. Но, претежно, најсилниот ефект се покажува во текот на денот кога грее сонце и се акумулира топлина во градовите.
Целта на нашата студија беше да се комбинираат теренски мерења (in-situ) со податоци за далечинско набљудување (сателитски податоци со
Ландсат-8) и да обезбеди сеопфатна анализа што го премостува јазот при поединечно спроведување на овие мерења и да ги открие разликите во температурите на амбиенталниот воздух меѓу улиците со дрворед и без дрворед за време на топлотните бранови во Скопје.
Студијата ја спроведовме од 22 јули до 28 јули за време на топлотниот бран во 2022 година во Скопје. Со исклучок на 28 јули, другите денови од истражувањето беа во период на топлотен бран. Избравме шест локации за мерење на температурата во текот на денот и дополнителни три локации беа избрани за пладневни мерења. За да ги спроведеме овие мерења, се одлучивме за еколошки начин на транспорт – велосипед. За мерењата користевме калибриран термометар. За време на студијата, нашите мерења на терен беа споредени со измерените температури и од Управата за хидрометеоролошки работи. Мерењата на температурата на амбиенталниот воздух се вршеа трипати на ден: наутро (од 6 до 8 часот), напладне (13.30 до 16.30 часот) и навечер (од 21 до 23 часот). Избраните локации беа: бул. Свети Климент Охридски, бул. Илинден, ул. Борис Трајковски, ул. Партизански одреди, ул. Никола Тримпаре и ул. Костурски херои – за да се споредат температурите со дрвореди и без дрвореди. Додека мерењата во пладневните часови ги опфатија пешачките острови на булеварот Илинден и булеварот Свети Климент Охридски во деловите што не беа покриени со зеленило и во Градскиот парк во Скопје.
Просечната разлика во температурата на амбиенталниот воздух помеѓу мерните места и најголемата разлика е регистрирана напладне, а најниската во вечерните часови. Од добиените мерења на утрински, пладневни и вечерни температури се гледа дека највисок температурен опсег е регистриран на мерните места на бул. Свети Климент Охридски и бул. Илинден наутро и навечер, споредено со другите локации.
Највисока температура на воздухот е регистрирана на пешачки остров на бул. Свети Климент Охридски. Ова беше очекувано, бидејќи на булеварот Илинден има повеќе дрвја во споредба со булеварот Климент Охридски. Позитивното влијание на зеленилото е очигледно.
Градскиот парк во Скопје е најладниот простор меѓу измерените места шест дена од вкупно седум.
Што е најважно, булеварите постојано покажуваа најшироки температурни разлики, без оглед на времето на мерење.
Пешачките острови постојано покажуваа еднакви или повисоки температури во споредба со булеварите што ги поврзуваат.
Температурните варијации помеѓу најтоплите и најстудените области на нашата студија покажаа значителна разлика, при што најголемата достигна 7,9 Целзиусови степени – од улицата Никола Тримпаре без дрвја (42 Целзиусови степена) до Градскиот парк во Скопје (34,1 Целзиусови степени).
Комбинираните влијанија на евапотранспирацијата, засенчувањето и албедо-ефектите на дрвјата претставуваат фактори што ја обликуваат урбаната клима. Карактеристиките како што се висината на дрвото, ширината на крошните и густината на листовите значително придонесуваат за придобивките што ги нудат дрвјата. Имено, само 10 отсто зголемување на покривката на дрвјата покажа значително намалување на температурите на воздухот за три-четири Целзиусови степени.
УЖО предизвикува зголемена потрошувачка на енергија, намален квалитет на воздухот, воден стрес и негативни влијанија врз здравјето на луѓето. Процените од 2014 година сугерираат дека трошоците за здравствената штета поврзана со топлината во Скопје достигнуваат 170 милиони денари годишно, што е многу повеќе од 12 милиони денари што се трошат годишно за мерки за адаптација на здравјето на топлината.
Решавањето на овие предизвици бара конзистентни и сеопфатни јавно-здравствени акциски планови приспособени на регионалните услови. И покрај неодамнешното залагање на Светската здравствена организација да ги вклучи здравствените власти во напорите за ублажување на климатските промени, подготвеноста на здравствените установи останува неконзистентна, што претставува потенцијален предизвик во лекувањето на пациентите за време на екстремни топлотни настани.
Очигледна е ранливоста на жителите во урбаните средини на медицински и економски предизвици поради екстремните температури. Пристапот до зелените површини, особено оние со дрвја како паркови и градини, се појавува како потенцијално решение за ублажување на термичкиот стрес предизвикан од ефектот на УЖО во текот на денот.
Нашите наоди ја нагласуваат итноста за стратегиско зазеленување на урбаните средини, постепена и планска замена на порозни и со високо албедо градежни материјали, кои нема да бидат фактор за создавање УЖО, зелени паркинзи, зголемување на фондот на дрвја во постојните паркови итн. Несомнено, одржливиот урбан развој и еколошкото управување со животната средина значително ќе придонесат за намалување на стресот, подобрување на расположението и когнитивната функција, посилен имунолошки систем, поквалитетен сон, поголема физичка активност, односно севкупно подобрување на здравствената благосостојба на населението.