- 16.08.2024
Во Македонија нема простор за паника од мајмунски сипаници
Македонија нема заразен од мајмунски сипаници, но од ИЈЗ велат дека се подготвени и ги следат препораките на Светската здравствена организација...
Нема простор за паника – уверуваат од Институтот за јавно здравје. Во Македонија нема заразен од мајмунски сипаници, но од ИЈЗ велат дека се подготвени и ги следат препораките на Светската здравствена организација. Има тестови и реагенси кои можат веднаш да го детектираат опасното вирусно заболување, како и едуцирани специјализирани тимови кои се подготвени да реагираат во кое било време, вели директорката Андоновска.
Опасниот вирус на мајмунски сипаници се шири. Во Шведска е регистриран првиот случај. Инфицираниот се заразил за време на престој во африканска област, каде во моментов има голема епидемија и се пријавени повеќе од 14.000 сомнителни и околу 500 смртни случаи. СЗО прогласи највисоко ниво на тревога.
„Добивме потврда дека во Шведска имаме случај на посериозен вид мајмунски сипаници. Секако ова е нешто што го сфаќаме сериозно. Во исто време имаме воспоставено протоколи и системи за справување со заразата. Агенцијата за јавно здравје на шведска ја координира работата на национално ниво и е во постојан контакт со регионалните единици за контрола на инфекции“, изјави Јакоб Форсмед, министер за здравство на Шведска.
Регистрирани се неколку нови случаи и во Азија, а Кина ги зајкнува граничните контроли. Мајмунските сипаници се пренесуваат преку близок контакт, како сексуален однос, контакт кожа со кожа, како и преку близок разговор или дишење. Болеста предизвикува симптоми слични на грип, кожни лезии и во некои случаи може да биде фатална, со стапка на смртност од 4 проценти.