• 21.10.2024

ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП ВО СЕЗОНА 2024/25 ГОДИНА


На 21.10.2024, во Република Северна Македонија, започнува вакцинацијата против грип за сезоната 2024/25. Вакцинацијата ќе се спроведува во 10-те Центри за јавно здравје и нивните подрачни единици. Во Скопје, вакцинацијата се одвива во Центар за јавно здравје Скопје, и во 3 пункта отворени во поликлиниките Букурешт, Идадија и Бит Пазар. Во Институт за јавно здравје е отворен пункт за вакцинација на здравствени работници.

Вакцинацијата против сезонски грип е бесплатна за следните ризични групи:

  • Постари лица (над 65 години)
  • Лица постари од 6 месеци со хронични заболувања
  • Здравствени работници
  • Бремени жени
  • Деца на возраст од 6 месеци до 5 години.

Заинтересираните граѓани кои припаѓаат на овие ризични групи, можат да се пријават на www.vakcinacija.mk. По регистрацијата (пријавата), ќе добијат СМС порака со закажан термин (датум, час и пункт за вакцинација).

Ве молиме почитувајте го Вашиот закажан термин!

За сезоната 2024/2025, за бесплатна вакцинација на ризичните групи, Министерството за здравство обезбеди четиривалентна вакцина во вкупна количина од 70.000 дози. Дополнителни 10.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction).

Дополнителни 2.600 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи. Овие вакцини можат да се добијат за одреден финансиски надомест, а вакцинацијата се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици без претходно закажување.

Вакцината ја намалува можноста за стекнување на грип, ја ублажува клиничката слика и спречува компликации или смртен исход, особено кај ризичните групи

ВАКЦИНАЦИЈА  Е  НАЈЕФИКАСЕН НАЧИН ЗА ПРЕВЕНЦИЈА НА ГРИПОТ