• 22.10.2024

Вакцинирај се против грип!


Ако си здравствен работник, ВАКЦИНИРАЈ СЕ ПРОТИВ ГРИП!

ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ ИМААТ ЗГОЛЕМЕН РИЗИК ДА ЗАБОЛАТ ОД ГРИП.

КОГА СИ БОЛЕН ОД ГРИП МОЖЕ ДА ГО ПРЕНЕСЕШ НА ТВОИТЕ ПАЦИЕНТИ

ГРИПОТ МОЖЕ ДА БИДЕ СЕРИОЗНА БОЛЕСТ И ДА ДОВЕДЕ ДО КОМПЛИКАЦИИ И ХОСПИТАЛИЗАЦИИ

Постојат студии кои покажуваат дека здравствените работници можат да го пренесат грипот на своите пациенти особено ако се осетливи да развијат компликации. Грипот е опасен за мали деца, возрасни и лица со ослабен имунитет или други хронични заболувања. 

Здравствените работници имаат 10 пати поголем ризик од заболување со грип во споредба со општата популација, поради природата на својата работа. Ако си здравствен работник може да заболиш од грип од твоите пациенти или колеги. Вакцинацијата против грип, секоја година, е најдобар начин да се заштитиш себеси од ова заболување

ЗАШТИТИ СЕ СЕБЕСИ!

ЗАШТИТИ ГИ ТВОИТЕ ПАЦИЕНТИ!

ЗАШТИТИ ГИ ТВОИТЕ НАЈБЛИСКИ!

 

ЛИЦАТА НА 65 И ПОВЕЌЕ ГОДИНИ ГО НОСАТ НАЈГОЛЕМИОТ ТОВАР НА ТЕШКА ФОРМА НА БОЛЕСТ

ВАКЦИНАЦИЈАТА ЗА ЛИЦАТА КОИ ИМААТ 65 ГОДИНИ И ПОВЕЌЕ Е БЕСПЛАТНА.

Луѓето постари од 65 години се со повисок ризик од развој на сериозни компликации од грип, во споредба со млади, здрави возрасни

Вакцинацијата го намалува ризикот од заболувањето од грип и појавата на сериозни компликации кои можат да резултираат со хоспитализација или дури и смрт кај повозрасните луѓе.

Вакцината против грип штити од вирусите на грипот кои ќе бидат доминантни во текот на претстојната сезона.

Несаканите ефекти од вакцините против грип се благи во споредба со потенцијално сериозните последици од инфекција со вирусот на грип.

 

ВАКЦИНАЦИЈАТА ЗА ЛИЦАТА СО ХРОНИЧНО ЗАБОЛУВАЊЕ Е БЕСПЛАТНА.

Кај најголем број од заболените, симптомите се повлекуваат за една недела од почетокот на болеста. Иако потешка форма и компликации од грип може да се јават кај секого, тие се многу почести кај ризичните групи како што се лицата со хронични заболувања.

ПОД ПОГОЛЕМ РИЗИК ЗА КОМПЛИКАЦИИ СЕ ЛИЦАТА СО ХРОНИЧНИ БОЛЕСТИ КАКО: • астма и други хронични белодробни болести • дијабетес • срцеви заболувања • заболувања на бубрезите • заболувања на црниот дроб • хематолошки заболувања • болести на метаболизмот и невролошки болести • болести на имунолошкиот систем (ХИВ, малигни заболувања, лица на хемотерапија) За лицата од овие групи се препорачува годишна вакцинација против сезонски грип.

Компликациите може да бидат во вид на влошување на постоечката астма, воспаление на белите дробови, срцевиот мускул или на мозокот. Со тоа грипот го зголемува ризикот од хоспитализации и смртен исход кај овие лица.

 

 

ВАКЦИНАЦИЈАТА ЗА БРЕМЕНИТЕ ЖЕНИ Е БЕСПЛАТНА

ВАКЦИНАТА ПРОТИВ ГРИП Е НАЈДОБРАТА ДОСТАПНА ЗАШТИТА ЗА БРЕМЕНАТА ЖЕНА И НЕЈЗИНОТО БЕБЕ

ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ ГРИП СЕ БЕЗБЕДНИ ЗА БРЕМЕНИ ЖЕНИ И МАЈКИ КОИ ДОЈАТ

Дури и кога бремената жена е здрава, промените во имунолошкиот систем, функциите на срцето и белите дробови што може ги предизвика вирусот на грип за време на бременоста, ја зголемуваат веројатноста заболувањето да прогредира во тешка форма на грип. Вакцината против грип се препорачува во било кое време во текот на бременоста, бидејќи: • го намалува ризикот Вие да се разболите од грип • го заштитува Вашето бебе од грип неколку месеци по раѓањето! Бремените жени (и родилките, до две недели по породувањето) кои заболуваат од грип се изложени на поголем ризик од развој на сериозна болест, вклучително и хоспитализација.

Грипот, може да предизвика штетни последици во развојот на нероденото бебе на бремената жена и сериозно заболување кај бебето после раѓање

ИДНИ МАЈКИ, ВАКЦИНИРАЈТЕ СЕ НАВРЕМЕ БИДЕЈЌИ ГРИПОТ Е СЕРИОЗНА БОЛЕСТ КОЈА МОЖЕ ДА БИДЕ ЗАКАНА ЗА ВАШЕТО И ЗДРАВЈЕТО НА ВАШИТЕ ДЕЦА!

 

ВАКЦИНАЦИЈАТА ЗА ДЕЦАТА НА ВОЗРАСТ ОД 6 МЕСЕЦИ ДО 5 ГОДИНИ Е БЕСПЛАТНА.

Децата под 9 години, доколку првпат се вакцинираат се препорачува да примат две дози во интервал од 4 недели, а потоа продолжуваат да се вакцинираат еднаш годишно. Вакцината ќе помогне да го заштите Вашето дете против грип и сериозни компликации како што се бронхитис и пневмонија.

ЗАШТИТЕТЕ СЕ ВИЕ, ВАШЕТО СЕМЕЈСТВО И ПРИЈАТЕЛИТЕ

Вакцинирањето на Вашето дете ќе помогне да ги заштите бабите и дедовците, почуствителните членови на семејството и пријатели кои не можат да се вакцинираат. Вирусите на грип постојано се менуваат и не е невообичаено да се појави нов тип на грип секоја година. Вакцинирањето пред секоја сезона е единствен и најсигурен начин на превенција од грип

ДАЛИ МОЖЕ ДА СЕ ДАДЕ ВАКЦИНА ПРОТИВ ГРИП ВО ИСТО ВРЕМЕ СО ДРУГИТЕ ВАКЦИНИ?

Вашето дете може да ја прими вакцината за грип заедно со другите задолжителни вакцини.