- 29.10.2024
Текст посветен на Светскиот ден во борбата против мозочен удар – 29 октомври
Мозочниот удар е акутно настаната животно загрозувачка состојба која се случува како последица на нарушено снабдување на мозокот со крв.
Мозочниот удар е состојба на акутна исхемија на централниот нервен систем, која настанува поради прекин или редукција на интрацеребралната циркулација. Ова се должи на тромбоза, емболија или спазам, или крварење на артериски крвен сад, кој во крајна мерка доведува до намалување на циркулацијата на одредена регија во мозокот, во зависност од подрачјето на васкуларизацијата и како резултат на тоа оштетување на мозочното ткиво.
По својата природа постојат два вида мозочен удар – хеморагичен (мозочно крвавење) и исхемичен мозочен удар (мозочен инфаркт). Мозочното крвавење настанува поради прснување (руптура) на мозочен крвен сад.ова настанува при нагло и прекумерно покачување на крвниот притисок.
Исто така, кај некои пациенти мозочното крвавење настанува и поради руптура на аневризма (проширување) на мозочен крвен сад. При руптурата на крвниот сад доаѓа до излевање на крвта во мозочното ткиво, при што доаѓа до нагло оштетување на дел од мозочните функции. Исхемичниот мозочен удар настанува поради затнување (оклузија) на крвен сад во мозокот, при што настанува таканаречен мозочен инфаркт. Имено, при оклузија на крвниот сад доаѓа до престанување на циркулацијата во дел од мозокот, поради што настанува трајно oштетување на дел од мозокот-мозочен инфаркт.
Дефицитот на крвоснабдувањето доведува до намалување на кислородот или другите нутриенти во мозокот и води кон изумирање на мозочните клетки.
Некои луѓе може да имаат само привремена исхемија на мозочната циркулација и состојба која се нарекува транзиторна исхемична атака (ТИА), која за среќа не доведува до трајни невролошки оштетувања.
Деведесет проценти (90%) од ударите се случуваат поради згрутчување на крвта,т.е. исхемични мозочни удари, настанати поради постоење на тромб во одреден дел од мозокот кој предизвикува изумирање на мозочното ткиво кое не може да преживее без кислород.
Знаци и симптоми на мозочен удар, се следниве:
· Отежнат говор и отежната перцепција на околината, конфузност или сензорна афазија.
· Парализа или слабост на лицето, рацете или нозете. Ова често се случува само на едната страна од телото, а може да предизвика и асиметрија на усните.
· Проблеми со видот на едното или обете очи, редуциран вид или темни точки на едно или обете очи или двојно гледање.
· Главоболка – нагла силна главоболка која често се надополнува со повраќање, вртоглавица или пореметена свест.
· Отежнато одење – атаксија, губиток на координација или нагла слабост.
Ако имате мозочен удар, можно е да почувствувате еден или повеќе од претходно наведените симптоми. Иако специфичните симптоми можат лесно да се препознаат, многу често луѓето не сфаќаат дека имаат сериозен проблем, сè додека не е веќе предоцна.
Симптомите на мозочниот удар можат да се развиваат доста долго, па некогаш и со денови. Ако имате т.н. ,,мини-удар”, симптомите можат да бидат само привремени и вообичаено се повлекуваат за некој час. Во овој случај, луѓето можат да ги ,,препишат” укажувачките знаци на ударот на стресот, мигрената или некакви проблеми со нервниот систем.
Било какви симптоми кои можеби укажуваат на мозочен удар, имаат итна потреба од консултирање со соодветно медицинско лице. Ако реагирате навремено, односно добиете соодветен третман неколку часа по ударот (медикаменти за растворање на создаденото згрутчување од крв), ќе овозможите (брзо) повторно нутритивната и оксигенирана крв повторно да стигне до мозокот. Брзата реакција значително ги зголемува шансите за целосно опоравување. Дополнително, го намалува степенот на инвалидитет кој често знае да се јави како резултат на ударот. Со ова не само што го спасувате животот, туку ги зголемувате и шансите за подобар квалитет на живот по евентуалниот удар.
Препознај ги симптомите на мозочен удар и реагирај ,,ИТНО,,!
· Изнемоштеност во екстремитетите или парализа на едната страна на телото
· Темни точки на едното или обете очи, редуциран вид или двојно гледање
· Ненадејна/нагла силна главоболка
· Отежнат говор
Според податоците на Американското здружение за мозочен удар, на секои четири секунди по еден човек доживува мозочен удар, а секоја 40 минута едно лице починува од истата причина.
Ризик-факторите кои доведуваат до мозочен удар се делат во 3 групи
• Одредени заболувања или состојби (висок холестерол, крвен притисок, одредени срцеви заболувања, дијабет, одредени нарушувања на еритроцитите итн.)
• Лош животен стил (нездрава исхрана, гојазност, пушење, физичка неактивност, прекумерна употреба на алкохол)
• Останати ризик фактори (генетска склоност, возраст над 55 години, женски пол, одредна националност)
Тука не треба да се занемари и мигрената како предзнак за ТИА или мозочен удар и нејзината поврзаност со ПФО или интракранијална аневризма – најчеста причина за хеморагичен мозочен удар кај младите луѓе. Секој поединец може да добие мозочен удар, но некои луѓе се во значително поголем ризик. Знаењето дека сте во одредена ризична група, може многу да ви помогне за да бидете повнимателни.
Ако знаете дека сте во одредена ризик група, правете почести превентивни прегледи на параметрите за срцевото здравје – липиден профил, крвен притисок итн.
Дијагнозата се поставува врз основа на клиничката слика, невролошкиот статус, невро-имиџнг методите од типот на компјутерска томографија и магнетна резонанца и доплер-сонографија на магистралните мозочни артерии на каротидните и вертебро-базиларните. Терапијата може да биде конзервативна или хируршка надополнета со физикална терапија со цел побрза рехабилитација.
Конзервативната терапија се состои во ординирање на лекови кои ја нормализираат густината на крвта, сите антиагрегациони лекови од типот на Аспирин и Клопидогрел и орални и парентерални антикоагуланси од типот на Варфарин, Ривароксабан, Хепарин и други. Доколку станува збор за хеморагични мозочни удари потребен е хируршки третман.
Кардиоваскуларните болести (КВБ) се водечка причина за смрт на глобално ниво, одземајќи околу 17,9 милиони животи секоја година. КВБ се група на нарушувања на срцето и крвните садови и вклучуваат коронарна срцева болест, цереброваскуларни болести, ревматски срцеви заболувања и други состојби. Во рамките на незаразни болести, кардиоваскуларните болести заедно со малигните заболувања се причина за три четвртини од смртноста во Европа. Кај нас, истражувањата велат дека речиси секој втор случај на смрт е од некое срцево заболување, вклучително тука и мозочниот удар.
Според истражувањето од 2014 година на Американскиот центар за контрола и превенција на заболувања, 80% од кардиоваскуларните болести, вклучително срцев и мозочен удар, можеле да бидат превенирани, односно спречени!
Престанокот на употребата на тутун, намалувањето на солта во исхраната, конзумирањето повеќе овошје и зеленчук, редовна физичка активност и избегнување штетна употреба на алкохол се покажа дека го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни болести. Здравствените политики кои создаваат достапност на превентивни здравствени прегледи и едукација се од суштинско значење за мотивирање на луѓето да усвојат и одржуваат здраво однесување.
Идентификувањето на оние со најголем ризик од кардиоваскуларни болести и обезбедувањето на соодветен третман може да спречи предвремена смрт. Пристапот до лекови за незаразни болести и основни здравствени технологии во сите примарни здравствени установи е од суштинско значење за да се осигура дека оние на кои им е потребно добиваат третман и советување.
Посебен акцент треба да се стави на физикалната терапија која има значајна активност во процесот на рехабилитација и намалување на степенот на инвалидност.
Превенцијата е многу значајна во успешното влијание со последиците од мозочниот удар. Навремено препознавање на некои симптоми и знаци (ТИА- Транзиторна Исхемична Атака, која претставува предвесник на мозочен удар или мини-удар), правилно лекување на хронични заболувања, редовно и навремено земање на пропишаната терапија, менување на стилот на живот, апстиненција од алкохол. , цигари и дроги имаат значајна употреба во спречување на повторното појавување на мозочен удар.
Мозочниот удар претставува една од петте причини причини за смртност и инвалидност на глобално ниво. Навременото препознавање и лекување има големо значење во текот на времето на морбидитет, и морталитет на мозочниот удар.
Литература
https://www.who.int/health-topics/cardiovascular-diseases#tab=tab_1,
https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9C%D0%BE%D0%B7%D0%BE%D1%87%D0%B5%D0%BD_%D1%83%D0%B4%D0%B0%D1%80
https://drmitov.mk/mozocen-udar/
https://www.mozocenudar.mk/prevencija.html
Изготвил:Оддел за здравствена промоција и следење на болести