- 20.03.2025
20 март - Светски ден на орално здравје
Оралните болести опфаќаат низа болести и состојби кои вклучуваат забен кариес, пародонтална болест, губење на забите, орален карцином, орална и забна траума, нома и вродени дефекти како што се расцеп на усна и непце.
Оралните болести се меѓу најчестите незаразни болести ширум светот.
Глобалното оптоварување со состојбите на оралното здравје е загрижувачко, особено во земјите со низок и среден приход, затоа што е во пораст, а и понатака ќе продолжи да се зголемува поради порастот на населението и неговото стареење.
Оралните болести најмногу ги погодуваат најранливите и најзагрозените групи на население. Популацијата со низок социо-економски статус е најмногу засегната од орални заболувања и оваа поврзаност останува во текот на животот, од раното детство до постара возраст, без оглед на целокупното ниво на приход во земјата.Повеќето орални болести и состојби споделуваат фактори на ризик со водечките незаразни болести (дијабетес, кардиоваскуларни заболувања, рак, хронични респираторни заболувања и ментални нарушувања). Овие фактори на ризик вклучуваат употреба на тутун, консумирање алкохол и нездрава исхрана богата со шеќери, кои на глобално ниво континуирано се зголемуваат. Постои докажана врска помеѓу оралното и општото здравје. Забележано е, на пример, дека дијабетесот е поврзан со развојот и прогресијата на пародонтитисот. Покрај тоа, постои причинско-последична врска помеѓу големата потрошувачка на шеќери и дијабетесот, дебелината и забниот кариес.
Кога оралното здравје е загрозено од болест или повреда, влијае и на општото здравје. Болката и непријатноста поврзани со оралните болести ја намалуваат ефикасноста во секојдневните активности, предизвикуваат отсуство од училиште или работа и може да доведат до социјална изолација. Оралните болести имаат сериозно социјално и економско влијание врз поединците и семејствата преку зголемување на трошоците во домаќинството и сериозно влијание врз квалитетот на животот и благосостојбата на луѓето.
Приближно 3,7 милијарди луѓе (46,8% од светското население) се погодени од орални заболувања. Меѓу нив, околу 1,9 милијарди живеат во земји со низок и среден приход .
Преваленцата на оралните болести е слична во регионите на СЗО, при што Европскоит регион на СЗО има највисока преваленца од 53,6%, следен e регионот на СЗО за Југоисточна Азија со 49,8%. Во регионите на СЗО за Југоисточна Азија и Западен Пацифик бројот на случаи со орални заболувања е поголем поради големата популација.Според првиот сеопфатен основен извештај за спроведувањето на GOHAP (Global Oral Health Action Plan (2023–2030)), оралните болести продолжуваат да бидат водечка причина за морбидитет и опфаќаат поголема популација од било кои други НЗБ. И понатаму постојат значителни глобални и регионални разлики во вклучувањето суштинска грижа за оралното здравје во рамките на националните пакети за бенефиции за UHC (Universal health coverage) кои би можеле да обезбедат доволна покриеност на населението со основните услуги за орално здравје. Земјите со високи приходи и регионот на СЗО за Европа се лидери во спроведувањето на регулаторните мерки, додека земјите со низок и среден приход бараат дополнителни поддршка.Постои големо несовпаѓање меѓу достапноста на основните услуги за орално здравје и здравствената покриеност, а тоа предизвикува загриженост кога е во прашање пристапноста на популацијата која се потпира на јавни услуги.Од тие причини во извештајот се нагласува итната потреба да се даде приоритет за контролата на оралните болести во рамките на другите национални здравствени приоритети. Програмите за орално здравје треба да бидат планирани и имплементирани во рамките на програмите за НЗБ и под покровителство на националните агенди. Министерството за здравство управувано од посветен персонал е од суштинско значење при извршување на координирани активности во однос на управувањето со национални политики, стратегији или акционен план за орално здравје. Во однос на факторите на ризик, според извештајот, потрошувачката на слободни шеќери е значаен фактор на ризик за забен кариес и други НЗБ, а во однос на заштитните фактори, флуоридот има добро воспоставена и важна улога во спречувањето на забен кариес.
Извор: https://www.who.int/publications/m/item/draft-global-oral-health-action-plan-(2023-2030)
https://iris.who.int/bitstream/handle/10665/380314/9789240106031-eng.pdf?sequence=1
https://www.who.int/health-topics/oral-health#tab=tab_1
Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести