- 22.03.2025
Кочани 2025: Вклучување во активности и пружање помош може да биде добро и за вашето психолошко здравје
Настанот во Кочани веројатно дека ќе остави големи и долги психолошки последици по многу луѓе, а директно и непосредно ќе ги погоди младите кои на било каков начин се поврзани со жртвите и повредените. Вклучување во колективни активности, пружање помош, и различни други активности поврзани со трагедијата можат да создадат чувство на личен придонес и да ја намали болката, велат психолозите.
На оваа тема разговаравме со психологот Благоја Лекоски, кој има долгогодишно искуство во советување на студенти и млади лица.
Автор: Илија Јанев
Како трагични настани, како оној во Кочани, влијаат на менталното здравје на младите и студентите?
Трагични настани како овој можат да предизвикаат сериозни последици на менталното здравје кај младите. Ваквите настани за жал имаат длабок и долгогодишен ефект на менталното здравје кај младите и студентите. Тие настани не само што предизвикуваат интензивен емоционален стрес во моментот на трагедијата, туку можат да остават и долгорочни последици на психолошкото благосостојба на младите луѓе.
Кои се најчестите емоционални реакции што младите ги имаат по вакви вести и како тие можат да се справат со нив?
По ваков настан емоционалните реакции се силни. Тие емоции можат да бидат сложени и понекогаш тешки за управување, бидејќи младите сѐ уште ја развиваат својата емоционална зрелост. Најчестите емоционални реакции што младите можат да ги имаат по вакви вести се шок и неверување како почетна реакција кога не можат да ги прифатат вестите или не можат да веруваат дека нешто толку трагично се случило, потоа емоции на тага, страв и гнев. Чувството на тагување е присутно, дури и ако не се познаваат лично жртвите. Тагата може да биде резултат од солидарност со другите и чувство на загуба. Додека пак стравот се појавува како страв за својата безбедност или безбедноста на другите. Поради трагедијата, младите може да почувствуваат гнев, разочарување или бес. Овој гнев може да биде насочен кон ситуацијата, системот, или дури и кон себе. По вакви настани, младите исто така можат да се чувствуваат безнадежно или да се појават симптоми на анксиозност. Чувството дека светот е несигурен и дека ништо не може да се промени може да предизвика тешки емоции. Во однос на справувањето со емоциите важно е да си дадат доволно време да се прилагодат и да го прифатат настанот. Разговорот со другите, особено со пријатели и семејство, може да помогне во процесот на прифаќање на ситуацијата. Исто така е важно да си дозволат себе си да ги проживеат и изразат емоциите кои ги чувствуваат.
Како младите можат да направат баланс помеѓу информираноста и заштитата на своето ментално здравје, особено кога се бомбардирани со вести од медиумите и социјалните мрежи?
За да го одржат балансот помеѓу информираноста и заштитата на своето ментално здравје, младите можат да применат неколку стратегии а тоа би биле:
Поставување граници за време на гледање или читање вести што би значело свесност за времето што го поминуваат на социјалните мрежи и во читањето вести. Прекумерното следење на вести може да ја зголеми анксиозноста. Препорачливо е да се постават времиња за кога ќе ги проверат вестите (на пример, два пати на ден) и да избегнуваат непрекинато проверување на телефонот. Избор на извори на информации односно да изберат доверливи и кредибилни извори на информации кои се фокусираат на факти, а не на сензационализам кој шири страв и паника. Поголем фокус кон информациите кои се за апел за поддршка и помош.
Кога е вистинскиот момент некој да побара стручна помош и кои се знаците дека му е потребна поддршка?
Тука треба да се направи разлика помеѓу прва психолошка помош непосредно по случување на трагичниот настан и стручна психолошка помош или психотерапија после некое време од настанот во зависност од индивидуалните потреби на поединецот. Знаци за потреба од стручна помош би биле доколку интензитетот на негативните емоции не се намалува со текот на времето или се зголемува. Доколку секојдневните ситуации кои обично не би биле стресни сега предизвикуваат неподнослив стрес, или ако се губи контрола над емоциите. Исто така доколку се појават проблеми со спиењето, појава на анксиозност и панични напади и останати нарушувања во целокупното секојдневно функционирање.
Кои се најефикасните начини и техники што можат да помогнат во намалување на анксиозноста и стресот во вакви ситуации?
Тука прво би издвоил вклучување во акции за поддршка на семејствата на жртвите и повредените поради тоа што ова би предизвикало чувство на лична ефикасност и корисност во ситуацијата и дека сепак нешто може да се направи што би помогнало да се олеснат чувствата на безнадежност. Повторно споделување на емоциите со своите најблиски и пријатели. Социјалната поддршка е клучна за младите во овој период. Поттикнување да се ангажираат во групни активности, волонтирање или да се изнајде начин колективно да ги изразат своите емоции. Покрај основните препораки за длабоко дишење, физичка активност и разговор со доверливи и стручни лица, доколку е потребно, важно е да се напомене дека по вакви настани кај луѓето може да се работи на тоа да се развие поголема благодарност кон сопствениот живот и колективно сите да станеме посвесни за малите драгоцени работи во нашите животи и повеќе да ги цениме моментите кои претходно сме ги земале здраво за готово.
Линк од интервјуто: клик