• 07.05.2025

РАК НА КОЖАТА


ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА РАКОТ НА КОЖАТА

Ракот е болест кај која клетките во телото растат неконтролирано. Кога ракот започнува во кожата, тогаш се нарекува рак на кожа.

Некои луѓе се изложени на поголем ризик од рак на кожата од други, но, секој може да заболи. Најчестата причина за рак на кожата може да биде спречена, а тоа е прекумерната изложеност на ултравиолетови (УВ) зраци, од сонцето или од вештачки извори како солариум.

 

Што е рак на кожата?

 

Кожата е најголемиот орган на телото. Нејзините два главни слоја се епидермис (горниот или надворешен слој) и дермис (долниот или внатрешен слој). Ракот на кожата започнува во епидермисот, кој се состои од:

·         Сквамозни клетки: тенки, рамни клетки кои го формираат горниот слој на епидермисот.

·         Базални клетки: Тркалезни клетки под сквамозните клетки.

·         Меланоцити: Клетки кои создаваат меланин и се наоѓаат во долниот дел на епидермисот. Меланинот е пигмент кој и дава боја на кожата. Кога кожата е изложена на сонце, меланоцитите создаваат повеќе пигмент и предизвикуваат потемнување на кожата.

 

Базалните и сквамозните карциноми се двата најчести типа на рак на кожата. Тие започнуваат во базалните и сквамозните клетки на кожата, соодветно. И двaтa во најголем број случаи може да се излечат.

Меланомот, третиот најчест тип на рак на кожата, започнува во меланоцитите. Од сите видови на рак на кожа, меланомот е причина за најмногу смртни случаи поради неговата тенденција да се шири на други делови од телото, вклучувајќи ги и виталните органи.

Застапеност на меланомот

Меланомот на кожата е 17-ти најчест карцином кај населението во светот, 14-ти најчест карцином кај мажите и 14-ти најчест карцином кај жените.

Од 5 случаи на сите видови на рак на кожа, 1 случај е меланом. Вкупно 331 722 нови случаи на меланом на глобално ниво (179.953 мажи, 151.769 жени) и 58.667 смртни случаи на меланом (33.160 мажи, 25.507 жени) имало во 2022 година. Големи географски варијации во инциденцата постојат низ земјите и светските региони, со најголема застапеност меѓу мажите (42 на 100.000 мажи) и жените (31 на 100.000 жени) во Австралија/Нов Зеланд, проследено со Западна Европа (19 на 100.000 и за мажи и за жени), Северна Америка (18 на 100.000 мажи, 14 на 100.000 жени) и Северна Европа (17 на 100.000 мажи, 18 на 100.000 жени). Меланомот продолжува да е редок во повеќето африкански и азиски земји, со стапка на инциденца вообичаено помала од 1 на 100.000 население.

Ако продолжи досегашниот тренд на појава на меланомот, се проценува дека бројот на нови случаи од меланом ќе се зголеми на 510.000 и на 96.000 смртни случаи до 2040 година.

Меланомот е почест кај мажите отколку кај жените во повеќето светски региони, но, оваа состојба се менува кога е во прашање возраста, при што стапките кај жените ги надминуваат оние кај мажите на возраст помала од 50 години. Иако ризикот од меланом генерално се зголемува со возраста и инциденцата е поголема кај постарото население, меланомот е меѓу најчестите видови на рак кај адолесцентите.

Во Р.С.Македонија во 2023 година вкупниот бројот на умрени од други малигни неоплазми на кожа е 46 со стапка на морталитет од 2.5/100 000 население, додека бројот на умрени мажи изнесува 33 со стапка на морталитет од 3.6/100 000 мажи, а бројот на умрени жени е 13 и стапка на морталитет 1.4/100 000 жени. Од меланом во 2023 година умреле 55 лица со стапка на морталитет од 3.0 на 100 000 жители, од кои 41 се мажи, а 14 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 4.5 на 100 000 мажи, а стапката на умрени жени 1.5 на 100 000 жени.

 

 

Каде на телото може да се појави меланом?

 

Меланомот може да се појави на сите делови на телото, како на деловите кои се константно изложени на сонце, така и на деловите кои се заштитени со облека. Меланомот може да се појави дури и на очите и внатрешните органи. Кај мажите меланомот се појавува најчесто на трупот, додека кај жените, најчесто се јавува на нозете. Поттипот на малигнитетот  може да влијае на тоа каде туморот ќе се развива: lentigo меланомот е почест на лицето, додека акралниот лентигинозен меланом е почест на дланките, стапалата или на ноктите.

 

Кои се знаците на меланом?

 

 

Промената на вашата кожа е најчестиот знак за рак на кожата. Разговарајте со вашиот лекар ако забележите промени на вашата кожа, како што е нов израсток, рана што не зараснува, промена на стар израсток или некоја бемка да има некој од ABCDE знаците на меланомот.

Конкретно за поставување рана дијагноза за меланомот се користи правилото АBCDE:

A.   Асиметрија: Дали бемката има неправилна форма со два дела кои изгледаат многу различно?

B.   Граница: Дали границата е неправилна или назабена?

C.   Боја: Дали бојата е нееднаква?

D.  Дијаметар: Дали бемката е поголема од големина на грашок?

E.   Развој: Дали бемката се променила во текот на изминатите неколку недели или месеци?

Стадиуми на меланом:

• Стадиум 0 (Melanoma in situ): Меланомот е само во горниот слој на кожата (епидермисот).

• Стадиум I: Примарен меланом со низок ризик, без докази за ширење. Во oвој стадиум меланомот лекуван оперативно во најголем број случаи има позитивен исход.

• Стадиум II: Присутни се карактеристики кои укажуваат на поголем ризик од повторување, но нема докази за ширење.

• Стадиум III: Меланомот се проширил на соседните лимфни јазли или соседната кожа.

• Стадиум IV: Меланомот се проширил на подалечните лимфни јазли или кожа или се проширил на внатрешните органи.

Фактори на ризик за појава на меланом:

 

- прекумерно (неконтролирано) изложување на сончево зрачење (професија или хоби)

-   пигментираност на кожата, односно лица со светла кожа

-   возрасни над 50 години

-   лица со над 50 бемки

-   меланом во фамилијата

-   личен податок за меланом

-   изгореници од сонце

-  интензивно сончање во краток временски период (на одмор), или  „викенд“ сончање

-   користење на солариум

-   зрачна терапија

-   ослабен имунитет: од хемотерапија, по трансплантација на органи, кај ХИВ/СИДА болни.

 

Спречи го ракот на кожата

Ракот на кожата може да се избегне, бидејќи главниот фактор на ризик, изложеноста на УВ зраци, може да се намали со промени на однесувањето и изложувањето на сонце.

Носење заштитна облека, избегнување на изложеност на директна сончева светлина во интервал помеѓу 10 и 15 часот во денот, во текот на летото (кога УВ зрачењето го достигнува својот врв), засолнување под сенка и редовно нанесување на крем за сончање се главните препорачани мерки за заштита од УВ зраците.

Постојат различни видови на изложување на сонце:

1. Инцидентно изложување на сонце - време поминато на отворено во сончеви денови за време на рутински дневни активности.

2. Рекреативно изложување на сонце - време поминато во уживање во рекреативни или спортски активности на сонце.

3. Изложеност на сонце на работното место - време поминато на работа на отворено (земјоделци, рибари, чувари, поштари, работници на одржување итн.).

4. Намерно изложување на сонце - време поминато надвор со цел да добие потемен тен.

Лицата со сини очи, црвена или руса коса, со пеги на кожата и нежен тен кој лесно гори на сонце, се најризични за појава на рак на кожа.

Треба да се посвети посебно внимание на заштита на децата бидејќи прекумерното изложување на сонце за време на детството го зголемува доживотниот ризик од рак на кожата.

Примарната превенција значи спречување на појава на болеста и се состои главно од ограничување на изложеноста на УВ зраци.

Секундарната превенција значи откривање на рак на кожата во неговата најрана фаза кога може успешно да се лекува. Ова значи редовно самопрегледување, познавање на сопствените фактори на ризик и редовно посетување на дерматолог за преглед на кожата.

 

Препознај го твојот тип на кожа

 

Твојот тип на кожа е определен од различни карактеристики, како што се бојата на косата или светлината на тенот. Има четири различни типови на кожа:

 

Тип на кожа 1:

-Светла кожа, често со пеги

-Руса или црвена коса

-Сини или зелени очи

-Кожата е исклучително чувствителна на сонце, секогаш гори и не потемнува.

       

Тип на кожа 2:

-Светла кожа, но малку потемна од типот на кожа 1

-Руса до темно руса коса

-Сини очи

-Кожата е исто така чувствителна на сонцето, полека потемнува и е склона на изгореници.

 

Тип на кожа 3:

-Малку потемен тен

-Темно руса до кафеава коса

-Различни бои на очите

-Кожата е малку чувствителна на сонцето, лесно и брзо потемнува, добиениот тен трае долго време.

 

Тип на кожа 4:

-Светло-кафеава кожа

-Косата е темно кафеава или црна

-Темни очи

-Кожата е цврста (јака), потемнува брзо и длабоко, потемнувањето трае долго време.

 

Самопреглед на кожа

 

Направи самопреглед на кожата еднаш месечно со помош на огледало:

 

Твојата контрола треба да го опфати целото тело, напред и назад, со посебено внимание на деловите изложени на сонце. 

Запомни, понекогаш симптомите на канцер на кожа можеш да ги почувствуваш полесно отколку да ги видиш. Помини со рацете по кожата на целото тело за да провериш.

 

Прегледај го лицето, вклучувајќи го и носот, усните, усната шуплина и ушите.

 

Прегледај го скалпот, користи чешел за да ја делиш косата на слоеви. Ако немаш многу коса, не заборавај да го прегледаш целиот скалп многу темелно.

 

Прегледај ги дланките од предната и задната страна, помеѓу прстите и ноктите.

 

Потоа фокусирај се на вратот, стомакот и градите  (жените треба добро да го прегледаат делот под дојките).

 

Подигни ја раката за да ја провериш надлактицата и пазувите.

 

Со помош на мало огледало во големо огледало прегледај ги тилот, рамењата, грбот и задниот дел на бедрата.

 

Провери ги задникот и задниот дел од нозете. Заврши со проверка на стапалата.

 

Кои се следните чекори

 

Ако забележиш сомнителна лезија, важно е да ја провери лекар или по можност дерматолог што е можно побрзо.

 

Ракот на кожата може да се третира, а раната дијагностика ги прави шансите за целосно закрепнување многу големи.

 

Кога третманот е одложен, состојбата се влошува, а во некои случаи може да доведе до деформитети, компликации, па дури и смрт.

 

Не дозволувај одложувањето на посета кај лекар да ги намали твоите шанси за позитивен исход.

 

Златните правила се:

 

Не го игнорирај, надевајќи се дека ќе помине.

Не чекај да видиш како ќе се развива или да го лекуваш сам.

Не претпоставувај дека не е ништо сериозно.

Немој да мислиш дека не е приоритет.

И пред сè, не плаши се да го посетиш твојот лекар или дерматолог.

 

 

                                   

 

  Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести