• 17.09.2025

17 септември 2025 година - Светски ден за безбедност на пациентите „Безбедна грижа за секое новороденче и секое дете“


 

„Безбедна грижа за секое новороденче и секое дете“

Секое дете има право на безбедна и квалитетна здравствена заштита од самиот почеток. Сепак, новороденчињата и малите деца се соочуваат со поголеми предизвици поради брзиот развој, еволуирачките здравствени потреби и современите болести. Поради нивната возраст, децата не се во можност да носат самостојно одлуки. Препуштени се, возрасните да ги застапуваат и да одлучуваат во нивно име. Социо економската положба на семејството и нивото на развој на државата во која живеат, можат да бидат ризик фактори, за добивање квалитетна, навремена и безбедна здравствена грижа. Ако здравствената грижа не е посебно прилагодена на детската возраст и здравствена состојба на децата, последиците по здравјето на децата можат да бидат трајно непоправливи.

Затоа Светскиот ден за безбедност на пациентите 2025 година има за цел да се постигне безбедна грижа за секое новороденче и дете, со посебен фокус на оние од раѓање до девет години. Овогодинешниот слоган „Безбедна грижа за секое новороденче и секое дете !“, ја нагласува итната потреба да се дејствува рано и доследно да се спречи штетата во текот на детството и да се стекнат трајни придобивки за целиот живот. Светската здравствена организација (СЗО), ги повикува родителите, старателите, здравствените работници, лидерите во здравствената заштита, едукаторите и заедниците да се обединат во акција да се спречи штетата која може да се избегне во педијатриската грижа и да се изгради побезбедна и поздрава иднина за секое дете, како дел од глобалните напори за постигнување на Целта 3 за одржлив развој, која се однесува на „Добро здравје и благосостојба“.

Светскиот ден за безбедност на пациентите 2025 година има за цел да поттикне значајни подобрувања и да го потврди правото на секое дете за безбедна и квалитетна здравствена грижа.

Цели на Светскиот ден за безбедност на пациентите 2025 година

·         Подигање на глобалната свест за безбедносните ризици во педијатриската и новороденечката грижа во сите здравствени установи и на сите нивоа на здравствената заштита, нагласувајќи ги специфичните потреби на децата, семејствата и лицата што се грижат за нив.

·         Активно учество на креаторите на политиките, здравствените лидери, здравствените работници и соработници, организации и здруженијата на пациенти, граѓанското општество и други засегнати страни во спроведување на политиките и практиките за безбедна и квалитетна здравствена заштита за новороденчињата и децата, како дел од пошироката иницијатива за безбедна и квалитетна грижа за пациентите.

 

 

·         Овластување на семејствата, децата и лицата што се грижат за пациентите, да земат активно учество во подигање на јавната свест за безбедноста на детското здравје.

·         Застапување и зајакнување на научните истражувања, со цел подобрување на здравствената безбедност и грижата за најмалите пациенти во педијатриските оддели.

·         Светскиот ден за безбедност на пациентите 2025 година вклучува низа активности за 17 септември, вклучувајќи национални кампањи, со осветлување на спомениците и јавните места во препознатливата портокалова боја.

Децата не се мали возрасни. Тие бараат индивидуализирана безбедна грижа

Децата имаат потреба од медицинска грижа прилагодена на нивната возраст, степен на развој и способност за комуникација.

Безбедноста е на прво место, секогаш и во секоја здравствена установа

Децата се најизложени на ризик на интензивна нега и за време на сложените третмани. Нивната заштита од недоволна и небезбедна грижа мора да биде на прво место.

 

Побезбедната грижа зависи од безбедни системи и тимска работа

Добро дизајнираните системи, поддржаниот персонал и ангажираните старатели играат клучна улога во здравствената безбедност на децата. Секој глас е важен и треба да се слушне.

 

Подготовка и превод: Оддел за здравствена промоција и следење на болести