• 10.10.2025

Светски ден на менталното здравје - 10 октомври 2025 година „Менталното здравје во хуманитарни кризи“


 Светскиот ден на менталното здравје нè потсетува дека не постои вистинско здравје без ментално здравје. Оваа година, кампањата е фокусирана на итната потреба од психолошка и социјална поддршка за луѓето погодени од хуманитарни кризи.

Природните катастрофи, вооружените конфликти и здравствените вонредни состојби доведуваат до длабоки емоционални последици. Според проценките, едно од пет лица во вакви околности развива некаков вид ментално нарушување. Поддршката на менталното здравје во време на криза не е само прашање на хуманост, туку значи спасување животи, давајќи им сила на луѓето да се справат, време да заздрават и можност повторно да ги обноват своите животи, како на индивидуално ниво, така и на ниво на заедницата.

Затоа е клучно да делуваме здружено - претставници на институции, даватели на здравствени и социјални услуги, наставен кадар и граѓански организации. Само преку координирани и заеднички напори може да се обезбеди пристап до неопходната поддршка за најранливите, а во исто време да се зачува психолошката благосостојба на целото население.

Зошто е ова важно?

· Во услови на криза, речиси секој човек доживува психолошки стрес и нарушување на социјалните врски. Луѓето ги губат своите домови, семејствата се разделуваат, заедниците се распаѓаат. Иако само едно од пет лица може да развие ментално нарушување, речиси сите засегнати лица доживуваат емоционална вознемиреност, прекин на социјалните врски и губење на чувството на припадност кон заедниците, што честопати трае долго време по завршувањето на непосредната опасност. Затоа, континуираната грижа за менталното здравје и навремената психосоцијална поддршка се од суштинско значење во процесот на закрепнување и градење отпорност, особено за лицата со тешки ментални нарушувања.

· Мигрантите и бегалците се соочуваат со постојан психолошки товар предизвикан од различни извори на стрес: вооружени конфликти, раселување, опасни патувања, како и тешкотии при интеграцијата во земјите-домаќини. До крајот на 2024 година, над 123 милиони луѓе биле принудно раселени, а 71% од нив живеат во земји со ниски и средни приходи, каде што има ограничен пристап до здравствена заштита, поради преоптовареност на здравствените системи, a услугите за ментално здравје се речиси недостапни.

Состојба со менталното здравје во Македонија

Според Извештајот за ментални растројства во Македонија (2014–2023) подготвен од страна на Институтот за јавно здравје, во последната деценија во земјата се регистрирани просечно околу 6.000 болнички случаи годишно поврзани со ментални и бихевиорални растројства, според класификацијата на СЗО (ICD-10).
Најчести дијагнози се шизофренијата и сродните растројства (26,9%), како и растројствата предизвикани од употреба на психоактивни супстанции (24,2%). Во амбулантските услуги доминираат невротските, стрес-поврзани и соматоформни растројства, кои сочинуваат над 60% од сите случаи, следени од растројствата на расположението (13,6%) и шизофренијата (6,3%).

Истражувањата спроведени по пандемијата со КОВИД-19 покажуваат дека младите се особено ранлива група – речиси секој трет адолесцент пријавил симптоми на депресија или анксиозност, што укажува на долготрајни психолошки последици од здравствени и социјални кризи.

Дополнително, според истражувањето „Последици од КОВИД-19 пандемијата врз здравјето на возрасното население во Македонија“ спроведено во 2022 година, повеќе од една третина од испитаниците изјавиле дека доживуваат зголемен стрес, анксиозност или чувство на несигурност, а секој четврти пријавил симптоми на депресија. Најпогодени биле жените, лицата со хронични заболувања и оние кои изгубиле близок член на семејството или работа. Пандемијата, исто така, довела до влошување на секојдневните навики, како што се нарушен сон, неправилна исхрана и намалена физичка активност, што дополнително влијаело на психолошката благосотојба. Овие наоди го нагласуваат значењето на системска психосоцијална поддршка и унапредување на здравствената писменост за справување со стрес и кризни ситуации.

И покрај одреден напредок, пристапот до услуги за ментално здравје останува ограничен и недоволен, особено во руралните подрачја, каде што дел од здравствените установи се соочуваат со недостиг на стручен кадар и нерамномерна распределба на ресурси.
За унапредување на менталното здравје на национално ниво, потребно е јакнење на превенцијата, развивање мобилни тимови и услуги за ментално здравје на далечина (онлајн психолошка поддршка), како и вклучување на менталното здравје во сите јавни политики, од образованието и трудот до социјалната и младинската заштита.

Клучен приоритет е зголемувањето на буџетските вложувања во оваа област, насочени кон превенција, континуирана едукација на здравствените и социјалните работници и намалување на стигмата и дискриминацијата преку јавни кампањи што ја промовираат важноста на грижата за менталното здравје и позитивните примери на закрепнување.

Посебен акцент треба да се стави на програмите за ментално здравје кај децата и младите, преку вклучување на психолошка поддршка во училиштата и јакнење на стручните служби.
Со јакнење на центрите за ментално здравје на локално ниво и создавање услови за навремена и достапна поддршка, може да се изгради средина во која менталното здравје ќе биде препознаено како приоритет и заедничка општествена одговорност.


Клучни пораки за 2025 година

Ø Ментално здравје во кризни состојби

Конфликтите, катастрофите и здравствените вонредни состојби оставаат сериозни последици врз менталното здравје. Се проценува дека едно од пет лица во областите погодени од кризи има некаков вид ментално нарушување. Стравот, анксиозноста или тагата се природен одговор на изложеност на екстремно стресни настани.

Ø Менталното здравје е предуслов за обновување на животот

Покрај храната, водата и лековите, преживеаните имаат потреба и од психолошка и социјална поддршка за да се справат, да закрепнат, да ја вратат надежта и повторно да ги изградат своите животи.

Ø Интегрирањето на менталното здравје во одговорот на кризи

Кога менталното здравје и психосоцијалната поддршка се составен дел од секој план за итен одговор на кризни состојби, тоа не само што спасува животи, туку го зајакнува здравствениот систем и создава поотпорни заедници.

Ø Инвестирањето во менталното здравје значи инвестирање во закрепнување

Инвестирањето во услуги за ментално здравје и психосоцијална поддршка им помага на семејствата, заедниците и економиите да закрепнат од кризи, придонесува кон градење на посилни здравствени системи и јакнење на капацитетот за долгорочна отпорност.

Ø Грижата за менталното здравје спасува животи

Минималниот пакет услуги за ментално здравје и психосоцијална поддршка (MHPSS Minimum Service Package) нуди докажани решенија за координирана, навремена и ефикасна грижа во услови на итност.

Ø Инклузивната грижа за менталното здравје создава посилни заедници

Поддршката мора да ги опфати сите: деца, возрасни, лица со попреченост, бегалци и лица со постојни ментални нарушувања. Неопходно е да се надминат пречките како што се стигмата, дискриминацијата, финансиските тешкотии и јазичните бариери.

Ø Промовирање на менталната благосостојба преку различни пристапи

Од алатки за самопомош и психолошка прва помош до специјализирани услуги за ментално здравје - сите форми на поддршка треба да бидат достапни и прилагодени на потребите на заедниците.

Ø Грижа за благосостојбата на хуманитарните работници

Тие се изложени на високо ниво на стрес и најчесто се директно погодени од кризите на кои одговараат. Поради тоа, организациите треба да обезбедат професионален надзор, време за одмор, поддршка и програми за ментално здравје на работното место, со цел да се зачува нивниот интегритет, стабилност и ефективност.

Ø Заштитете го сопственото ментално здравје

Направете го Вашето ментално здравје Ваш приоритет! Останете поврзани со најблиските, бидете физички активни, следете здрава дневна рутина, намалете ја употребата на алкохол, вклучете се во активности што Ве исполнуваат и побарајте помош и поддршка кога Ви е потребна, од пријателите, семејството или здравствените професионалци.

 

На овој Светски ден на менталното здравје, да се потсетиме дека грижата за нашето ментално здравје е грижа за нашето целокупно здравје.

Менталното здравје мора да биде вреднувано и заштитено, а услугите во оваа област достапни за сите, особено во време на неизвесност, кризи и промени.

Само преку заеднички напори и солидарност можеме да изградиме општество што ја препознава и негува менталната благосостојба, исто како и физичкото здравје.

Со помош на пристапи засновани на докази и активно учество на заедниците, можеме поефикасно да одговориме на итните потреби. Затоа, континуитетот на грижата за менталното здравје и психосоцијалната поддршка треба да останат приоритет за време на секоја криза и во периодот по неа, бидејќи само со постојана и достапна поддршка може да се придонесе за вистинско закрепнување и социјална отпорност.

Нека овој ден биде потсетник дека грижата за менталното здравје е заедничка одговорност и основа за посилни, посреќни и поотпорни заедници.

Референци

1. World Health Organization (WHO). World Mental Health Day 2025: Mental health in humanitarian emergencies. Geneva: WHO; 2025.
Достапно на: https://www.who.int/campaigns/world-mental-health-day/2025

2. Бачановиќ М. Извештај од истражувања на последиците од КОВИД-19 пандемијата на менталното здравје на адолесцентите во Република Северна Македонија. Уредник: Ќосевска Е. Скопје: ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија; 2024.
Достапно на: https://iph.mk/Upload/Documents/Izvestaj%20posledici%20od%20kovid19%20kaj%20mladi.pdf

3. Бачановиќ М, Василеска Л. Последици од КОВИД-19 пандемијата врз здравјето на возрасното население во Република Северна Македонија. Уредник: Ќосевска Е.
Скопје: ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија; 2022.
Достапно на: https://iph.mk/Upload/Documents/Informacija%20kovid%2019%20finish.pdf

4. Речица В, Бајрактаров С, Андоновска М, Алиу С, Мицајков С. Извештај за ментални растројства во Република Северна Македонија, 2014–2023. Уредник: Речица В. Скопје: ЈЗУ Институт за јавно здравје на Република Северна Македонија; 2024.
Достапно на: https://iph.mk/Upload/Documents/ИЗВЕШТАЈ%20ЗА%20МЕНТАЛНО%20ЗДРАВЈЕ%202014-2023.pdf