• 12.12.2025

Светски ден на универзална здравствена покриеност, 12 декември 2025 година


 

Светскиот ден на универзална здравствена покриеност 2025 го насочува вниманието кон тешкиот товар и сериозните последици што ги носат недостапните и премногу високите трошоци за здравствени услуги, како за поединците, така и за заедниците. И покрај бројните политички заложби и меѓународни декларации за постигнување универзална здравствена покриеност до 2030 година, реалноста е загрижувачка: повеќе од половина од светското население сè уште нема пристап до основни здравствени услуги. Дополнително, едно од четири лица се соочува со финансиски потешкотии при плаќање здравствени услуги од сопствен џеб, што често значи избор меѓу здравјето и другите основни потреби како храна, домување или образование.

Универзалната здравствена покриеност не е само здравствена политика, таа е предуслов за одржлив развој и општествена стабилност. Имено, општествата со поздрави граѓани се поотпорни на кризи, попродуктивни и поуспешни. Кога луѓето го избегнуваат или одложуваат користењето на здравствената заштита поради високите трошоци, тоа води кон влошување на здравјето, зголемен товар од болести и долгорочни економски последици за семејствата и заедниците.

Во тој контекст, Светската здравствена организација повикува на итно дејствување: јакнење на мерките за финансиска заштита, намалување и постепено елиминирање на директните плаќања за здравствени услуги и обезбедување правичен пристап за најранливите категории: лицата со ниски приходи, хронични заболувања, како и лицата што се соочуваат со различни форми на социјална ранливост.

Оттука, денот на универзална здравствена покриеност претставува глобална мобилизациска точка што ги потсетува владите дека декларациите мора да се претворат во реални политики, мерки и инвестиции. Овогодинешниот слоган „Високи здравствени трошоци? Доста е! ја отсликува растечката загриженост и незадоволство кај луѓето ширум светот кои се соочуваат со ваквите предизвици. За милиони семејства, ова претставува секојдневна реалност која ја продлабочува сиромаштијата и ги зголемува социјалните нееднаквости. Овој ден не потсетува дека зад секоја бројка стои човечки живот и дека здравјето е право, а не привилегија.

Недостапните здравствени услуги ги принудуваат семејствата да избираат меѓу медицинската грижа и други основни животни потреби, оставајќи трајни последици, од намалена продуктивност до нарушена социјална и економска стабилност. Наспроти тоа, инвестициите во универзална здравствена покриеност, особено преку зајакнување на примарната здравствена заштита, водат кон подобри здравствени резултати, поголема социјална кохезија и намалени нееднаквости .

Состојбата во Република Македонија

Здравствениот систем во Македонија обезбедува релативно сеопфатен основен пакет услуги, а задолжителното здравствено осигурување опфаќа повеќе од 90% од населението. Ова претставува значајна основа за постигнување напредок кон универзална здравствена покриеност.

Иако голем дел од услугите на примарно ниво се бесплатни, партиципациите за специјалистички прегледи, болничко лекување и лекови претставуваат бариера за пристап кон здравствените услуги.

Во последната деценија се забележува намалување на незадоволените здравствени потреби поради финансиски причини, но тие и понатаму се високи кај лица со ниски приходи. Истовремено, информацискиот систем „Мој Термин“ во голема мера ја подобри ефикасноста на закажувањето на прегледи и дијагностички услуги, но сепак неговата улога во примарната здравствена заштита може дополнително да се зајакне за да се обезбедат поголема достапност и континуитет на грижата.

Покрај финансиските бариери, земјата се соочува и со сериозни структурни предизвици: опаѓање на стапките на имунизација кај децата, намалување на очекуваното траење на животот поради пандемијата, висок товар од незаразни болести, висока преваленца на пушење, како и иселување и стареење на здравствените работници. Овие фактори дополнително го усложнуваат обезбедувањето правична, достапна и квалитетна здравствена заштита за сите граѓани.

Повик за заедничка акција

Заедничка акција, координација и разбирање на локалните потреби се клучни за постигнување на универзална здравствена покриеност. Секој има своја улога во создавање значајни промени - институциите, заедниците, граѓаните. Само ако дејствуваме обединето универзалната здравствена покриеност може да стане реалност за сите.

Нека овој ден биде поттик за сите лидери да ја постават здравствената еднаквост во центарот на националните политики. Универзалната здравствена покриеност подразбира пристап до здравствени услуги за секого, независно од приходите, местото на живеење, социјалната положба или здравствената состојба. Затоа, напредокот кон универзална здравствена покриеност значи напредок кон поправедни, поинклузивни и поотпорни општества што не оставаат никого зад себе.

 

Извор: СЗО

Подготвено: Оддел за здравствена промоција и следење на болести