• 20.06.2018

ИНФОРМАЦИЈА за состојбата со мали сипаници во Република Македонија во 2018, заклучно со 20.06.2018


Вовед
Во оваа информација е даден преглед на моменталната состојба со мали сипаници во Република Македонија во текот на 2018 година, заклучно со 20.06.2018 година.
Моментална состојба
Во споредба со претходното епидемиолошко известување од 20.03.2018 година, регистрирани се три нови потврдени случаи на мали сипаници.
  • Eдно лице со симптоми на мали сипаници e пријавено е во текот на месец мај 2018, жител на општина Сараj, територија што ја покрива ЦЈЗ Скопје. Заболениот има 38 години. Бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје. Заболувањето е лабораториски докажано во лабораторијата за Вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје. Во однос на вакциналниот статус, лицето не е вакцинирано со вакцина против мали сипаници.  Епидемиолошките податоци упатуваат на скоро патување во Нови Пазар, Србија во период кој се совпаѓа со времето на инкубација на мали сипаници.
  • Од територијата на ПЕ Дебар, пријавени се две лица со симптоми на мали сипаници. Се работи за брачен пар – маж на 42 и жена на 38 години, кај кои исипот се јавил на 03.06.2018.
Пациентите од Општа болница Дебар биле препратени до Инфективно одделение во Општа болница Охрид, а од таму на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, каде биле хоспитализирани. Болеста е лабораториски докажани, во лабораторијата за Вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје.
Во однос на вакциналниот статус, двете лица се вакцинирани со една доза на вакцина против мали сипаници на едно-годишна возраст, согласно Календарот за имунизација во тоа време. Не патувале надвор од Р. Македонија, но даваат податок дека нивниот син патувал во Албанија од каде по враќањето развил симптоми карактеристични за мали сипаници. Истиот не бил лабораториски тестиран, а болеста кај родителите се јавила во рамките на периодот на инкубација за мали сипаници.
Кумулативни податоци за 2018 година
Во текот на 2018 година, во РМ се пријавени вкупно 14 случаи на мали сипаници, од нив 13 се лабораториски тестирани и потврдени, еден е клинички случај.
Во однос на местото на живеење, 9 лица од заболените живеат во Скопје, 2 во Дебар, а по еден во Куманово, Тетово и Охрид (привремен престој, од Призрен, Косово).
Од податоците со кои располага ИЈЗ, според датум на заболување во месец јануари се регистрирани 5 случаи, 6 се пријавени во месец февруари, еден во месец мај и два во месец јуни. Најголем број на заболени се регистрирани во 2-та и 8-та недела од годината (n=3).
Во однос на возраста на заболените лица, 3 случаи се на возраст под 1 година, 4 припаѓаат на возрасната група од 1-4 години, по едно лице има во возрасните групи од 5-9 години и 20-29 години, а најголем дел од заболените (n=5) се на возраст над 30 години.
Од вкупниот број на заболени лица (n=14), 6 лица  или 42,9% не се вакцинирани. Од невакцинираните лица, 3 не подлежат на вакцинација согласно Календарот за имунизација (се на возраст под 12 месеци).
Седум лица се вакцинирани со една доза на вакцина која содржи компонента против мали сипаници, од кои 4 се на возраст кога не се давала втора доза, а 3 лица се на возраст под 6 години (кога се аплицира 2-ра доза МРП вакцина). Едно лице е вакцинирано со две дози на МРП вакцина.
За 5 од случаите е можна импортација од Косово, односно Србија, заради фактот што во инкубациониот периодот престојувале во овие земји, додека четири случаи од Скопје имаат фамилијарна поврзаност (припаѓаат на едно семејство). Останатите 5 случаи се со непознато потекло, бидејќи не е утврдена епидемиолошка поврзаност со потврден случај на мали сипаници.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, хоспитализирани биле 10  од заболените лица, а кај два случаи се регистрирани компликации во вид на пневмонија.
Класификација на случаите:
Согласно Правилникот за критериуми за дефинирање на случаите на заразните болести, од вкупно 14 пријавени случаи во 2018, 11 или 79% се класифицирани како потврдени случаи (лабораториски конфирмирани), два случаи се веројатни (со епидемиолошка врска) и еден е можен случај, кој исполнува само клинички критериуми.
Превземени мерки:
  • Спроведено е епидемиолошко истражување и изготвена епидемиолошка анкета за секој пријавен случај на мали сипаници.
  • Проверен е вакциналниот статус на сите заболени лица и нивните контакти.
  • Проверен е вакциналниот опфат со МРП вакцина на територијата на ЦЈЗ каде е пријавен случај на мали сипаници.
  • Се прават рутински проверки на вакцинални картончиња на лицата кои подлежат на вакцинација согласно Календарот за имунизација, а невакцинираните и пропуштените лица се повикуваат за вакцинација. На контактите на заболените лица кои не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани препорачана им е вакцинација со МРП вакцина.
  • Засилен е епидемиолошкиот надзор на треските со исип, а секој суспектен случај на мали сипаници е лабораториски тестиран, освен еден за кој родителите не дозволиле тестирање.
Препораки
  • Да се продолжи со засилениот епидемиолошки надзор над исипните трески, а секој сомнителен случај епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира.
  • Да се анимираат матичните лекари/педијатри да ги пријавуваат сите суспектните случаи до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје, во рок од 24 часа од откривањето и да го упатуваат пациентот кај специјалист инфектолог. Дополнително најдоцна за 24 часа, треба да се достави Пријава за заболување/смрт од заразна болест до епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ/ПЕ.
  • Хоспитализираните пациенти да се изолираат, а бројот на посетители да се сведе на минимум. Доколку лицето не е хоспитализирано, се препорачува изолација во домашни услови, додека трае заразноста.
  • Спроведување на здравствено-едукативни активности, насочени кон промовирање на МРП вакцинацијата, како најефикасна превентивна мерка во спречувањето и сузбивањето на малите сипаници, е од особена важност.
  • Од сите суспектни случаи да се земе примерок од крв за серолошко испитување, или друг биолошки материјал (назофарингеален брис, урина, плунка) за молекуларна дијагностика. Лабораторискиот примерок да се испраќа во Вирусолошката лабораторија во Институтот за јавно здравје на РМ, како референтната лабораторија на СЗО во РМ за конфирмација на мали сипаници.
  • Во сите вакцинални пунктови на територијата на РМ да се продолжи со засилената контрола, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП, изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани и нивно повикување и вакцинирање.
Во најблиското наше соседство и во многу популарни дестинации (Грција, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Хрватска, Италија, Франција, Шпанија, Португалија и многу други европски земји) во моментов има епидемии на мали сипаници – не патувајте незаштитени!
Институтот за јавно здравје им препорачува на сите патници да го проверат својот вакцинален картон и вакциналните картони на своите деца, за да се сигурни дека се целосно вакцинирани согласно Календарот за имунизација на Република Македонија, вклучувајќи и две дози со вакцина против мали сипаници, или соодветно на возраста.
На следниот линк  превземете флаер со информации за мали сипаници.
Секторот за превенција и контрола на заразните болести при ИЈЗ во соработка со епидемиолошките служби при Центрите за јавно здравје на територијата на РМ ќе ја следат состојбата и дополнително ќе известуваат за текот на настаните и развојот на епидемиолошката ситуација.
Скопје, 20.06.2018
Сектор за превенција и контрола на заразни болести
ИЈЗ Скопје