- 12.08.2026
ЈАВНОЗДРАВСТВЕНИ ПРЕПОРАКИ ЗА БЕЗБЕДНА УПОТРЕБА НА УРЕДИТЕ ЗА КОНДИЦИОНИРАЊЕ НА ВОЗДУХОТ
Уредите за кондиционирање на воздухот се широко распространети во домовите, работните и јавните простории. Правилната употреба на климатизацијата обезбедува топлинска удобност и придонесува за намалување на изложеноста на високи температури. Несоодветната употреба и одржување, пак, може да влијаат врз квалитетот на воздухот во затворените простории и да бидат поврзани со појава или влошување на одредени здравствени симптоми.
Квалитетот на воздухот во затворен простор зависи од температурата, релативната влажност, вентилацијата, присуството на загадувачки материи и одржувањето на системите за климатизација. Несоодветно одржуваните системи, акумулацијата на прашина и влага и микробиолошката контаминација може да придонесат за изложеност на честички, алергени и биолошки агенси.
Посебно внимание е потребно кај децата, лицата на возраст ≥65 години, бремените жени, имунокомпромитираните лица и лицата со хронични респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
Климатизерите и работното место
Во работните простории, несоодветната употреба или одржување на системите за климатизација може да влијае врз температурата, релативната влажност, вентилацијата и квалитетот на воздухот.
Овие фактори, заедно со други фактори поврзани со условите во затворениот простор, може да придонесат за појава на т.н. „синдром на болна зграда“ – збир на неспецифични симптоми, како главоболка, замор, иритација на очите, носот и грлото и респираторни тегоби, кои се поврзани со престојот во одредена зграда и најчесто се намалуваат по нејзиното напуштање.
Прекумерното разладување, ниската релативна влажност и директната изложеност на струење на студен воздух може да предизвикаат иритација на очите и слузниците на горните дишни патишта и да ги влошат симптомите кај лица со постојни респираторни заболувања. Зголемената влажност, кондензацијата и несоодветното одржување на системите може да овозможат развој на мувла и други биолошки контаминенти.
При голема разлика меѓу температурата во затворениот простор и температурата на надворешниот воздух се препорачува постепено приспособување пред излегување. Доколку е возможно, најмалку 15 минути пред напуштање на разладениот простор намалете го интензитетот на ладењето или престојувајте во простор со температура поблиска до надворешната.
Придобивки од употребата на климатизацијата
- Намалување на изложеноста на високи температури и ризикот од здравствени последици поврзани со топлината;
- одржување на топлинска удобност при работа и одмор;
- одржување на работната способност, концентрацијата и продуктивноста при високи температури;
- намалување на прекумерното потење и загубата на течности;
- намалување на концентрацијата на одредени честички и алергени во воздухот при употреба на соодветни и правилно одржувани системи за филтрација;
- намалување на изложеноста на надворешна бучава при затворени прозорци.
Можни негативни здравствени ефекти
Несоодветната употреба и одржување на системите за климатизација може да бидат поврзани со:
- сувост и иритација на слузницата на носот и грлото;
- сува и надразнителна кашлица, кивање, назална конгестија и други симптоми на горните дишни патишта;
- влошување на симптомите кај лица со хроничен ринитис, синузитис, астма и други хронични респираторни заболувања;
- сувост и иритација на очите и поизразени тегоби кај лица што користат контактни леќи;
- главоболка, замор и општа непријатност;
- мускулна вкочанетост и болка при продолжена директна изложеност на студено воздушно струење;
- алергиски и респираторни реакции при изложеност на прашина, мувла и други биолошки контаминанти.
Климатизацијата сама по себе не предизвикува настинка, грип или други респираторни инфекции. Преносот на респираторните инфекции во затворени простории зависи од повеќе фактори, вклучувајќи ја вентилацијата, бројот и близината на присутните лица и времетраењето на престојот. Несоодветното одржување на системите за климатизација, особено кога постојат услови за задржување на вода и влага, може да овозможи микробиолошка контаминација и да влијае врз квалитетот на воздухот во просторијата.
Важно е да се запамети
- Климатизираните простории треба редовно да се проветруваат.
- Во текот на топлите летни денови, се препорачува температурата во климатизираните простории да се одржува околу 25 °C, при што треба да се избегнува прекумерно разладување.
- При голема разлика меѓу температурата во затворениот простор и температурата на надворешниот воздух, се препорачува најмалку 15 минути постепено температурно приспособување пред излегување.
- Релативната влажност се препорачува да се одржува меѓу 40% и 60%, со избегнување услови што доведуваат до кондензација и развој на мувла.
- Треба да се избегнува директна и продолжена изложеност на студено воздушно струење.
- Филтрите треба редовно да се чистат или заменуваат согласно препораките на производителот.
- Климатизерите треба редовно да се сервисираат, особено пред периодите на интензивна сезонска употреба.
- Инсталацијата, сервисирањето и одржувањето на системите треба да ги вршат соодветно квалификувани лица.
