- 13.08.2026
ЈАВНОЗДРАВСТВЕНИ ПРЕПОРАКИ ЗА КВАЛИТЕТЕН СОН ПРИ ТОПЛО ВРЕМЕ
Високите температури, особено во текот на ноќта, можат да го отежнат заспивањето, да предизвикаат почести будења и да го нарушат квалитетот на сонот. Недоволниот и неквалитетен сон може да придонесе за замор, намалена концентрација и потешко функционирање во текот на следниот ден.
Одржувајте ја спалната соба пријатно разладена. Преголемата топлина може да го отежне заспивањето и да го наруши континуитетот на сонот. Температурата при која најдобро се спие може да се разликува од човек до човек и зависи и од влажноста, облеката и постелнината. Во периоди на високи температури, доколку користите климатизер, одржувајте температура од околу 25 °C и избегнувајте прекумерно разладување.
Проветрувајте кога надворешниот воздух е посвеж. Отворете ги прозорците во вечерните, ноќните и раните утрински часови, кога надворешниот воздух е посвеж од воздухот во просторијата. Кога надворешната температура е повисока од температурата во просторијата, држете ги прозорците затворени. При отворање на прозорците користете соодветна заштита од инсекти и други животни, каде што е потребно.
Намалете го загревањето на спалната соба во текот на денот. Засенчете ги прозорците изложени на директна сончева светлина со ролетни, кепенци или завеси и исклучете ги светлата и електричните уреди што не се неопходни.
Обезбедете природна сенка со зеленило. Дрвјата и другото зеленило околу домот обезбедуваат природна сенка и придонесуваат за намалување на загревањето на непосредната околина. Зачувувањето на постојното зеленило и садењето нови дрвја се важни долгорочни мерки за создавање попријатна животна средина.
Изберете постелнина соодветна за топло време. Во топлите ноќи избегнувајте дебели прекривки и користете тенок чаршаф и постелнина од природни материјали, како памук, кои овозможуваат подобра циркулација на воздухот.
Изберете лесна и широка облека за спиење, по можност од памук или други природни материјали што овозможуваат подобра циркулација на воздухот и помагаат телото полесно да се разладува.
Разладете се пред спиење. Туширањето со млака вода пред спиење може да помогне во разладувањето на телото и да придонесе за попријатен сон. Доколку не сте во можност да се истуширате, измијте ги лицето, вратот, рацете и нозете со ладна или млака вода.
Одржувајте соодветна хидратација во текот на денот и имајте вода во близина во текот на ноќта.
Избегнувајте обилни оброци пред спиење. Последниот поголем оброк настојувајте да биде 2–4 часа пред легнување, а во вечерните часови избегнувајте обилна и тешко сварлива храна, бидејќи може да го отежне варењето и да го наруши квалитетот на сонот.
Избегнувајте алкохол и ограничете го внесот на кофеин, особено во периодот од 6 часа пред спиење. Истражувањата покажуваат дека кофеинот внесен и неколку часа пред легнување може да го отежне заспивањето и да го наруши квалитетот и времетраењето на сонот.
Создадете услови за мирен сон. Затемнете ја просторијата колку што е можно повеќе и намалете ги бучавата и употребата на електронски уреди пред спиење.
Одржувајте редовен ритам на спиење. Настојувајте да легнувате и да станувате во приближно исто време, и во периодите на топло време.
Следете ги официјалните информации и препораки за топлотните бранови и приспособете ги секојдневните активности на временските услови.
Пријатно разладената спална соба, соодветната хидратација и редовниот ритам на спиење можат да помогнат за поквалитетен сон и подобро закрепнување на организмот во периоди на високи температури.
