• 30.07.2018

ИНФОРМАЦИЈА – мали сипаници


 И Н Ф О Р М А Ц И Ј А

За епидемијата на мали сипаници на подрачјето на ПЕ Дебар и состојбата со мали сипаници во Р. Македонија заклучно со 27.07.2018
На 17.07.2018 година, до Институтот за јавно здравје е пријавена епидемија на мали сипаници на територијата на ПЕ Дебар. Заклучно со 27.07.2018, бројот на заболени лица во епидемијата изнесува 22 случаи.
Во однос на возраста на заболените, 15 од заболените се на возраст над 30 години, 4 лица се на возраст од 20-29 години, две лице припаѓаат на возрасната групи 15-19 години, едно е под една година.
Застапеноста на машкиот и женскиот пол кај заболените лица во епидемијата е приближно еднаков – 12 заболени лица се од машки пол (54,5%), а 10 или 45,5% се припаднички на женскиот пол.
Од вкупниот број на случаи, 13 се припадници на ромската популација, 6 се од албанска, 2 од турска и еден заболен од македонска националност.
Од заболените во епидемијата за 13 лица има лабораториска потврда, кај 9 лица е утврдена епидемиолошка врска.
Најголем број од заболените лица во епидемијата (10) се вакцинирани со една доза, 6 лица вакцинирани со две дози, 5 се невакцинирани, а едно лице е со непознат вакцинален статус.
Превземени мерки:
 Спроведено е епидемиолошко истражување на секој поединечен случај на мали сипаници од страна на локалните епидемиолози. За секој случај е подготвена епидемиолошка анкета.
 Проверен е вакциналниот статус на сите заболени лица и нивните контакти.
 Проверен е вакциналниот опфат со МРП вакцина на територијата на ПЕ Дебар.
• Пребарани се сите вакцинални картончиња на лицата кои подлежат на вакцинација согласно Календарот за имунизација, а невакцинираните и пропуштените лица се повикани за вакцинација.
• На контактите на заболените лица кои не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани препорачана им е вакцинација со МРП вакцина, до комплетирање на вакциналниот статус, соодветно на возраста.
 Засилен е епидемиолошкиот надзор над треските проследени со исип, а секој суспектен случај на мали сипаници е лабораториски тестиран.
 Во неколку наврати остварени се контакти со матичните лекари, со цел зајакнување на свеста дека малите сипаници се болест која треба да се очекува и во нашата земја и побарано е будно следење на појава на случај со исипна треска и негово проследување до инфектолог.
 Поделен е информативно-едукативен материјал на здравствените работници во примарната здравствена заштита (матични лекари, педијатри), во детските градинки, остварени се настапи во локалните медиуми со цел информација на населенито и едукација за мерките на заштита од заболување.
 Објавен е едукативен материјал на веб-страната на ИЈЗ со цел луѓето кои патуваат на дестинации каде што има епидемии од мали сипаници (летни одмори) да бидат свесни за ризиците, доколку нивните деца или тие не се вакцинирани против мали сипаници.
Препораки
 Да се продолжи со засилениот епидемиолошки надзор над исипните трески во Дебар, но и во останатите градови во Републиката. Секој суспектен случај на мали сипаници кој ги исполнува критериумите на дефиницијата на случај потребно е епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира.
 За таа цел, да се продолжи со анимација на матичните лекари/педијатри/инфектолози да ги пријавуваат сите суспектните случаи до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје (по телефон, маил), во рок од 24 часа од поставување дијагноза или сомнение.
 Секој пациент со исипна треска да го упатуваат на преглед кај специјалист инфектолог, во најблиската здравстена установа.
 Дополнително најдоцна за 24 часа од утврденото сомнение на мали сипаници, да достават Пријава за заболување/смрт од заразна болест до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје/ПЕ, согласно законската регулатива, и повторно нова пријава по лабораториската конфирмација на болеста.
 Истата процедура во однос на пријавувањето се однесува и на лекарите-специјалисти инфектолози во болничките установи.
 Пациентите кои се хоспитализирани треба да се изолираат, а бројот на посетители да се сведе на минимум односно да се превземаат мерки за спречување на интрахоспитални инфекции. Доколку лицето не е хоспитализирано, да се препорача изолација во домашни услови, додека трае заразноста.
 Од сите суспектни случаи треба да се земе примерок од крв за серолошко испитување, како и друг соодветен биолошки материјал за молекуларна дијагностика.
 Лабораторискиот примерок да се испраќа во Вирусолошката лабораторија во Институтот за јавно здравје на РМ, како референтната лабораторија на СЗО во РМ за конфирмација на мали сипаници.
 Во сите вакцинални пунктови на територијата на РМ да се продолжи со засилената контрола, проверка на вакциналниот статус на подлежните лица на МРП, изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани и нивно повикување и вакцинирање.
 Спроведување на здравствено-едукативни активности, насочени кон промовирање на МРП вакцинацијата, како најефикасна превентивна мерка во спречувањето и сузбивањето на малите сипаници, е од особена важност.
 Медиумски настапи со цел информирање на населението за состојбата со мали сипаници во Р. Македонија, како и за заштита од оваа болест со посебна нагласеност на вакцинацијата, проверката на вакциналниот статус пред патување и информирање дека СЗО препорачува дека целосна заштита против мали сипаници е со две дози со МРП вакцина.
Моментална состојба во Република Македонија
Од почетокот на годината до денес, во Република Македонија се регистрирани 33 случаи на мали сипаници, од кои 22 (66,7%) се класифицирани како потврдени случаи на мали сипаници (лабораториски конфирмирани), 10 се класифицирани како веројатни случаи (со епидемиолошка врска) и еден е можен случај, кој исполнува само клинички критериуми.
Во однос на местото на живеење, од вкупно 33 регистрирани заболени лица, 21 живее во Дебар, 8 лица се жители на Скопје, а по еден случај е од Куманово, Тетово, Струга и Охрид.
Во однос на возраста на заболените, најголем број од случаите (n=17; 52%) припаѓаат на возрасната група – лица над 30 години. Овој процент изнесува 64% за заболените лица над 20 годишна возраст.
Според дистрибуцијата по пол, 18 лица се машки, 15 се женски пол.
Според датум на почеток на заболувањето, регистрирани се по 4 случаи во јануари и февруари, во мај – 3, во јуни 4, и најголем број – 18 заболени се пријавени во јули месец.
Од вкупниот број на заболени лица, 11 лица не се вакцинирани, 15 се вакцинирани со една доза на вакцина која содржи компонента против мали сипаници, шест лица се вакцинирани со две дози, едно е со непознат статус.
Од сите заболени лица, 26 (78,8%) биле хоспитализирани – на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје (n=11) и Општата болница во Охрид (n=15). Kај 14 случаи биле регистрирани компликации, а најчеста компликација е дијареа која е регистрирана кај 9 лица, додека пневмонија е регистрирана кај 6 случаи.
Секторот за превенција и контрола на заразните болести при ИЈЗ во соработка со епидемиолошките служби при Центрите за јавно здравје на територијата на РМ ќе ја следат состојбата и дополнително ќе известуваат за текот на настаните и развојот на епидемиолошката ситуација.
Скопје, 27.07.2018 Сектор за превенција и контрола на заразни болести
ИЈЗ Скопје