• 20.03.2023

20 Март 2023- Светски ден на орално здравје


ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД НЕТРЕТИРАНИ ОРАЛНИ ЗАБОЛУВАЊА СЕ ТЕШКИ И ИСЦРПУВАЧКИ
Оралното здравје како составен дел на општото здравје го поддржува поединецот да го постигне својот потенцијал, а со тоа овозможува да го даде својот придонес и целосно да учествува во сите сфери на општеството. Тоа варира во текот на животот од раното детство до староста.
Оралните болести се главен јавно здравствен проблем за земјите и популациите ширум светот, иако тие честопати не се јавно признати како такви. Се јавуваат кај голем дел од популацијата и имаат сопствена етиологија и оптоварување како и различни можности за превенција, грижа и рехабилитација. Нелекуваните орални заболувања погодуваат речиси половина од светската популација.
Нетретираниот кариес на млечни (примарни) и трајни заби, тешка пародонтална болест, безабост (тотално губење на забите) и рак на усната и усната шуплина припаѓаат во најраспространети орални болести и состојби (орални заболувања). Секоја од овие болести е значаен јавно здравствен проблем на глобално, регионално и национално ниво и го загрозува здравјето на поединци и популации.
Во последните 30 години глобалниот број на случаи е зголемен за 1 милијарда,  што претставува јасен показател дека голем дел од популацијата нема пристап до соодветна грижа за оралното здравје, која вклучуа превенција, заштита од ризик и ресторативни и рехабилитациони услуги.
Последиците од нетретирани орални заболувања, физички симптоми, функционални ограничувања и штетните влијанија врз емоционалната, менталната и социјалната благосостојба, се тешки и исцрпувачки.
Оралното здравје игра главна улога во благосостојбата и самодовербата на поединецот, додека оралните болести силно влијаат на квалитетот на животот, продуктивноста и способноста за работа како и социјалното учество.
Појавата на оралните заболувања е особено карактеристична кај обесправени и маргинализирани групи на население каде што постојат изразени и постојани социо-економски нееднаквости.
Според Глобалниот извештај за состојбата на оралното здравје: „Кон универзална здравствена покриеност за оралното здравје до 2030 година “(Global oral health status report: Тowards universal health coverage for oral health by 2030), статусот на глобалното орално здравје е алармантен и бара итна акција од сите засегнати страни на глобално, регионално, национално и локално ниво.
Повеќето орални болести може да се спречат преку грижа за себе или со едноставни, засновани на докази и исплатливи мерки за целото население, вклучувајќи дејствување на пошироките социјални, економски и политички детерминанти на здравјето.
Освен главните, најзастапени болести (кариес на млечни и трајни заби, тешка пародонтална болест, беззабост и рак на усните и усната шуплина), во орални заболувања како голема група на болести и состојби припаѓаат и многу други болести и состојби кои се релевантни за орално здравје.
Тука припаѓаат :
  • орални манифестации на системски заболувања (метаболички, алергиски и имунолошки заболувања, вклучително и ХИВ инфекција);
  • болести на оралната мукоза;
  • ерозија и абење на забите;
  • орален влијанија од злоупотреба на супстанции;
  • нома;
  • вродени малформации на забите и емајлот;
  • вирусни, габични и бактериски инфекции;
  • траума (вклучително и физичка и хемиски повреди) на забите, коските на вилицата и соседните максилофацијални структури;
  • цисти и тумори од одонтогено потекло;
  • болести на плунковните жлезди;и
  • нарушувања во развојот и растот на оралната структури.
Во 2019 година околу 3,5 милијарди луѓе ширум светот биле погодени од орални заболувања, што ги прави најраспространети состојби помеѓу повеќе од 300 други болести кои влијаат на човештвото. Од најзастапените орални болести, нетретираниот кариес на трајните заби е на прво место со околу 2 милијарди случаи.  Следува пародонтална болест со околу 1 милијарда случаи, потоа нетретираниот кариес на млечните заби со околу 510 милиони случаи и беззабост со 350 милиони случаи (сите во 2019 година). Кога ќе се земе во прдвид вкупниот број на водечките оралните болести, на глобално ниво тие се за околу 1 милијарда повисоки од случаите на сите пет главни НЗБ (ментални нарушувања, кардиоваскуларни болест, дијабетес мелитус, хронични респираторни заболувања и рак). (Global burden of disease 2019 (GBD 2019) results [online database]. Seattle: Institute of Health Metrics and Evaluation (IHME); 2020 (https://vizhub.healthdata.org /gbd-results/,  accessed 14 November 2022))
Три четвртини од луѓето погодени од орални болести живеат во земји со понизок и висок среден приход, проследено со 16% во земјите со високи приходи и 9% во земјите со низок приход.
Оралното и општото здравје споделуваат заеднички причинско-последични патишта и меѓусебно влијаат на двонасочен начин. Во последниве децении, многу студии ја проценуваа потенцијалната врска помеѓу лошо орално здравје и низа хронични заболувања. (Seitz MW, Listl S, Bartols A, Schubert I, Blaschke K, Haux C et al. Current knowledge on correlations between highly prevalent dental conditions and chronic diseases: an umbrella review. Prev Chronic Dis. 2019;16:E132. doi:10.5888/ pcd16.180641.)
Најсилни и најконзистентни докази, кај што се гледа оваа поврзаност, има помеѓу тешка пародонтална болест и дијабетес мелитус. Исто така, клинички интервенции за лекување на тешка пародонтална болест покажле подобрувања во статусот на дијабетес. (Gooch BF, Griffin SO, Gray SK, Kohn WG, Rozier RG, Siegal M et al. Preventing dental caries through school-based sealant programs: updated recommendations and reviews of evidence. J Am Dent Assoc. 2009;140(11):1356–65.doi:10.14219/jada.archive.2009.0070.;
D’Aiuto F, Gable D, Syed Z, Allen Y, Wanyonyi W, White S et al. Evidence summary: the relationship between oral diseases and diabetes. Br Dent J. 2017;222(12):944–8. doi:10.1038/sj.bdj.2017.544.) Доказ постои кај поврзаност помеѓу тешката пародонтална болест и кардиоваскуларните болести и, во помала мера, со цереброваскуларна болест и хронична опструктивна белодробна болест. (Batty GD, Jung KJ, Mok Y, Lee SJ, Back JH, Lee S et al.Oral health and later coronary heart disease:cohort study of one million people. Eur J Prev Cardiol.2018;25(6):598–605.doi:10.1177/ 2047487318759112.;
Manger D,Walshaw M,Fitzgerald R,Doughty J,Wanyonyi KL,White S et al.Evidence summary:the relationship between oral health and pulmonary disease.Br Dent J.2017;222(7):527–33. doi:10.1038/sj.bdj.2017.315.;
Gaeckle NT, Pragman AA, Pendleton KM, Baldomero AK, Criner GJ. The oral-lung axis: the impact of oral health on lung health. Respir Care. 2020;65(8):1211–20. doi:10.4187/respcare.07332.)
Пронајдена е поврзаност на кариес и губење на забите со други состојби како опаѓање на когнитивните функции, појава на одредени видови на рак и пневмонија. Важно е, сепак, да се истакне дека природата на поврзаноста помеѓу лошото орални здравје и други хронични болести не е нужно причинска и често е слаба во споредба со другите клучни фактори на ризик. Потребни се повеќе висококвалитетни истражувања за целосно разбирање на потенцијалните споделени патишта помеѓу оралните болести, лошото орално здравје и другите општи болести и состојби, коегзистенција на повеќекратни здравствени состојби, како и влијанието на интервенциите за оралното здравје врз општото здравје. (Watt RG,Serban S. Multimorbidity:a challenge and opportunity for the dental profession.Br Dent J.2020;229(5):282–6.doi:10.1038/s41415-020-2056-y.)
Кога станува збор за факторите на ризик општо прифатено е дека незаразните болести и состојби, вклучително и орални болести, споделуваат збир на заеднички клучни фактори на ризик. (Sheiham A, Watt RG. The common risk factor approach: a rational basis for promoting oral health. Community Dent Oral Epidemiol. 2000;28(6):399–406. doi:10.1034/j.1600-0528.2000.028006399.x.) На пример, употребата на тутун е главен фактор на ризик за низа состојби, како што се кардиоваскуларни заболувања, респираторни заболувања и многу видови на рак, но исто така и за тешка пародонтална болест и рак на усните и усната шуплина. Пристапот кон заеднички фактор на ризик е основата за превземање акцијата за превенција на орални болести имплементирана во пошироката агенда за НЗБ. Ова најмногу може да се види особено во однос на интегрираната акција за подобрување на лошата исхрана, справување со употребата на тутун и намалување на штетно консумирање алкохол.
Високиот внес на шеќер, сите форми на тутун и штетната употреба на алкохол се големи предизвици за јавното здравје во широкиот спектар на НЗБ. Тие се, исто така, клучните модифицирани фактори на ризик за орални заболувања.
 
Изготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести