• 05.05.2023

5 мај – Меѓународен ден на акушерките


Меѓународниот ден на акушерките во целиот свет се одбележува од 1992 година со цел да се промовира оваа професија. Акушерството е една од најубавите, најодговорните и најхуманите професии, а најголемиот дел од акушерките својот празник 5 мај го поминуваат работејќи.
Акушерките како професионални медицински сестри се врската помеѓу пациентот и лекарот и се многу важни за жените кои се во фаза на најголема болка и радост. Работата на акушерката е исклучително тешка, но и убава, бидејќи бара многу љубов и трпение. Затоа, на Меѓународниот ден на акушерките се обрнува внимание на нивното значење во функција на подобро здравје и зајакнување на структурата на семејството и заедницата.
Еден од најубавите и најважните моменти во животот на една жена е кога таа носи нов живот на свет.
За жените кои се во болка и страв, поддршката на лекарите и акушерките при породувањето е исклучително важна. Тоа е исклучително убава и во исто време стресна работа.
Акушерката е личноста која заедно со докторот прва го дочекува новороденчето, прва ќе го види, ќе го погали, ќе го подготви и предаде на мајката.
Местото на акушерката е на прагот на животот, каде што интензивните човечки емоции, надежта, копнежот, стравот, зачудувачката физичка сила и издржливоста овозможуваат да се појави ново суштество.
Жена со срце полно со љубов, благородништво, хуманост може да биде акушерка, бидејќи ова е професија која бара трпение, грижа, сила и мотивација.
Професијата – акушерка е позната како една од најблагородните, најодговорните, но во исто време и најубавите професии. Малкумина од нас всушност сфаќаат дека акушерките се оние кои се најважни и  “за време” и  “по породувањето”, а на нив им се посветува толку малку внимание.
Светската здравствена организација и нејзините глобални партнери, секоја година привлекуваат внимание на важноста на акушерките во процесот на добредојде на новите бебиња во светот и во исто време грижата за новите мајки за време и по породувањето.
Акушерките се составен дел од секој процес во породилиштето, нивната работа не е воопшто лесна, но за жал бројот на вработени акушерки во нашата земја е многу обесхрабрувачки.
Според Извештајот за кадар на Институтот за јавно здравје, во 2021 година во РС Македонија во здравствените организации има вработено вкупно 858 акушерки, од кои со високо стручно образование се 76 акушерки, со вишо образование се 45 акушерки, а со средна стручна подготовка се 737 акушерки.
Тоа значи дека акушерките се под постојан притисок, обидувајќи се да остварат многу обврски одеднаш.
Бидејќи акушерките се директно поврзани со здравјето на идните мајки и нивните деца, многу е важно да се сврти вниманието на јавноста за нивната огромна улога во целиот здравствен систем, но и надвор од него.
Овој датум треба да послужи како повод да им се оддаде признание на акушерките за извонредните напори што ги вложуваат во нивната професија, но и да се апелира до сите владини органи и надлежни министерства да ги преземат неопходните чекори за заштита на оваа професија и да вработат што е можно повеќе квалификувани акушерки.
Меѓународниот ден на акушерките привлекува внимание на нивниот придонес во функцијата и зајакнувањето на структурата на семејството и заедницата.
Им благодариме на акушерките за целиот нивен придонес во најважните моменти во нашите животи!
Референци:
  1. Институт за јавно здравје. Извештај за кадар 2021 година
  2. http://www.iph.mk/
  3. https://mk.wikipedia.org/wiki/
  4. https://www.who.int/
 
Изготвил:
Оддел за здравствена промоција и следење на болести