- 30.01.2023
Работен состанок во Центарот за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи
На ден 30.1.2023 година, во просториите на Центарот за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи (PHEOC), се одржа работен состанок на кој присуствуваа Директорот на ИЈЗ доц. д-р Шабан Мемети; раководителот на Оддел за заразни болести во ИЈЗ и координатор на Центарот, прим. Д-р Жарко Караџовски; Раководител на лаборатории, прим. д-р Дугаѓин Османи, како и
– Министерот за здравство, д-р Беким Сали
– Жаклина Чагороска, претставник на Министерството за здравство,
– г-ѓа Ане Јохансен, Директор на Канцеларија СЗО-Скопје
– Гордана Мајнова,претставник на Канцеларија СЗО-Скопје и УНИЦЕФ, МЗ
– Горан Кочински, претставник на Канцеларија СЗО-Скопје
– г-н Артур Ајвазов, претставник на УНИЦЕФ во Македонија
– г-н Брин Сакагава, претставник на УСАИД во Глобалното здравствено биро во Вашингтон,
– г-н Џери Дајбл, претставник на УСАИД во Македонија
– г-н Кристофер Доџ, економски развоен офицер на УСАИД
– проф. д-р Александра Грозданова, Претседател на национален комитет за имунизација на МЗ
– проф. д-р Катарина Ставриќ, Центар за семејна медицина
Состанокот започна со воведно обраќање на Министерот д-р Беким Сали и Директорот на ИЈЗ доц д-р Шабан Мемети, потоа следеа презентации на претставниците од СЗО, УНИЦЕФ, презентации и дискусии на прим. д-р Жарко Караџовски (ИЈЗ), прим. д-р Дугаѓин Османи (ИЈЗ), проф. д-р Александра Грозданова, проф. д-р Катарина Ставриќ, Жаклина Чагороска, дискусии, како и завршни забелешки на претставниците на УСАИД.
Центар за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи кој функционира во рамките на Институтот за јавно здравје, започна со работа на 6 август 2020 година, во моментот на најголемиот пик на пандемијата КОВИД-19, а е поддржан од СЗО и донаторите, кои со своите финансиски средства и активности обезбедија отварање и функционирање.
Пандемијата COVID-19 несомнено ги дестабилизираше здравствените системи на сите земји и беше моќна демонстрација дека кога здравјето е во ризик, сè е во опасност и дека нема глобална безбедност без зајакнување на сите аспекти на системот на земјите. Поради ова, потребно беше да се зголеми подготвеноста, брзото откривање и верификација на здравствени итни случаи што е од суштинско значење за спасување на животи.
Глобалниот систем за надзор на СЗО собира информации, обработува и евалуира епидемиолошки закани по јавното здравје 24/7, 365 дена во годината. Токму тоа е причината што се фокусираа напорите за развој и зајакнување на Центар за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи и сите функции на системот за надзор над болестите во РСМ, благодарение на поддршката од МЗ, СЗО Канцеларија Скопје и финансирањето на УСАИД.
Центарот собира и обработува податоци во реално време, со цел за следење на епидемија, информирање на повисоки здравствени и државни инстанци во државата и надвор, мерки за контрола на епидемијата, комбинирано со рано предупредување и проценка на ризик и интервенција со мерки за одговор. Центар за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи претставува централна локација (позиција), каде координирано се собираат информации за моментална сосотојба со некој настан (епидемија) и поседува потребни ресурси за стратешко и тактичко управување со настани и итни случаи во јавното здравје. Ова овозможува ефективна мултисекторска комуникација и координација, што е клучно за мултидисциплинарен пристап при итни случаи.
Благодарение на поддршката на МЗ, СЗО канцеларија Скопје и фондовите на УСАИД, се зајакнаа капацитетите на ИЈЗ и ЦЈЗ, со цел дигитализација на системот за рано предупредување (развој на софтверско решение, обука на персонал, пилотирање на проектот, побарана измена на закон, спремност за пуштање во работа на Центар за епидемиолошко следење и управување со здравствени кризи и АЛЕРТ 2, следење на контакт, електронско прибирање на податоци за следење на КОВИД 19), како и за имплементација на интранет за безбедно споделување епи податоци во кризи и мирнодопски услови.
Со поддршка на фондовите на СЗО и УСАИД, се разви нова технологија за рано откривање и следење на здравствени настани во реално време, како што е системот за рано, предупредување, следење и брз одговор (EWARS) наречен ALERT2.
Фотографии: ИЈЗ, УНИЦЕФ