Акредитација на лабораториите

АКРЕДИТАЦИЈА И СЕРТИФИКАЦИЈА

Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија (ЈЗУ ИЈЗ), како институција со долгогодишно искуство во здравствената дејност е трајно определен да одржува високи стандарди и квалитет во сите свои дејности и контиунирано да го унапредува своето реноме и углед. Оваа своја определба ја остваруваме со примена на дефинирана Политика за квалитет, која нè обврзува на соодветна организација на работењето, доделување на овластувања и одговорности што ќе обезбедат добра професионална пракса и ќе се овозможи одржување високи стандарди на квалитет на услугите во сите области од работата. Сите активности во ЈЗУ ИЈЗ се спроведуваат на непристрасен, независен, објективен и доверлив начин.

Препознавајќи го значењето на примената на стандардите за квалитет во своето работење ЈЗУ ИЈЗ започна со активности за нивна имплементација уште многу одамна. Лабораториите од ЈЗУ ИЈЗ беа меѓу првите во Македонија кои се акредитираа согласно барањата на стандардот ISO 17025:2006. Првиот сертификат за акредитација на лабораториите за тестирање и калибрација според ISO 17025:2006, ЈЗУ ИЈЗ го доби на 25.12.2006 година, доделен од страна на Институтот за акредитација на Република Македонија. Оттогаш, ЈЗУ ИЈЗ редовно ја унапредува својата работа и ги следи новите барања за обезбедување квалитет во работата што се потврдува и со редовните годишни проверки од Институтот за акредитација на Република Северна Македонија. Стручноста и компетентноста на лабораториите се потврдува и со редовното успешно учество во шеми за тестирање на оспособеноста и меѓулабораториски споредби во земјата и странство.

Основната цел на воспоставениот систем за квалитет е задоволување на барањата од прописите и други нормативни документи како и барањата на корисниците на услуги што се рефлектира преку издавање точни и квалитетни резултати од испитувањата, како и почитување на роковите и правовремено изведување на активностите. Сите вработени во ЈЗУ ИЈЗ се запознати со Политиката за квалитет и се вклучени во документираниот систем на управување, користат процедури и работни упатства кои доследно ги спроведуваат во својата работа. За правилно функционирање на сертифицираниот систем за квалитет одговорен е наименуван претставник од страна на раководството - Менаџер за квалитет. На ваков начин, раководството на ЈЗУ ИЈЗ ја истакнува својата посветеност и заложба за развој, а секој од вработените согласно сопствените овластувања и одговорности придонесува за подобрување на ефективноста на работа на институцијата.

Институтот за јавно здравје се стреми да ги следи светските достигнувања во областа на аналитиката и во секој момент да биде подготвен да одговори на барањата и потребите на корисниците на услуги и инспекциските тела. Лабораториите за тестирање кои припаѓаат на Одделот за хемиски и радиолошки тестирања, Одделот за микробиологија и Одделот за контрола и испитување на лекови во ЈЗУ ИЈЗ се акредитирани за испитување на храна (квалитет и безбедност - микробиологија, пестициди, тешки метали, микотоксини, радиологија), вода за пиење, минерална вода и површинска вода (квалитет и безбедност, содржина на гама-радионуклиди, алфа и бета активност), почва и атмосферски талози, градежни материјали, лекови, козметика и предмети за општа употреба (играчки, пластични предмети и керамика) и материјали кои доаѓаат во контакт со храна. Лабораторијата за калибрација е акредитирана за калибрација на инструменти за детекција на јонизирачко зрачење.

Опсегот на акредитација вклучува околу 100 методи за тестирање и 4 методи за калибрација, а списокот на акредитирани методи по лаборатории може да се најде на следните линкови:

 

СЕРТИФИКАТИ ЗА АКРЕДИТАЦИЈА

Последната реакредитација на лабораториите за тестирање е извршена во декември 2022 година со период на важност на сертификатот до 24.12.2026 година (ЛТ-005), а на лабораторијата за калибрација во април 2022, со период на важност на серификатот до 22.04.2026 година (ЛК-008).

  
 

ПОЛИТИКА ЗА КВАЛИТЕТ

Политика за квалитет МАК_потпишана alt=
 

Контакт лице во врска со акредитација

д-р инж. Маја Димитровска, спец.сан.хем

Менаџер за квалитет

Контакт телефон:+389 (0)75 356 892

Електронска пошта: m.dimitrovska@iph.mk