• 12.05.2023

12 мај Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари


По повод  Меѓународната недела на сестринството, на 5 мај се одбележува Меѓународен ден на акушерките, а на 12 мај Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари.
Меѓународен ден на медицинските сестри и техничари  се одбележува на 12 мај, секоја година во знак на сеќавање на роденденот на Флоренс Најтингеjл. Таа е родена во Фиренца, Италија  на 12 мај 1820 година. Целиот свој  живот се борела за унапредување на својата професија и правата на жените. Флоренс Најтингеjл се смета за пионер на модерното сестринство во светот, дала придонес во промовирањето на графичкото претставување на статистички податоци, иницирала стручно образование на медицинските сестри и вовела методи за нега на пациенти и организација на болници, кои се прифатени во многу земји.
Медицината се занимава со човекот од аспект на болеста, а здравствената нега се занимава со човекот од аспект на основните човечки потреби. Медицинската сестра има одговорна професија и се залага за постојана професионална надградба и континуирана медицинска едукација.
Медицинска сестра опфаќа автономна и колаборативна грижа за лица од сите возрасти, семејства, групи и заедници, болни или здрави во сите услови. Тоа вклучува унапредување на здравјето, спречување на болести и грижа за болни, инвалидни и лица кои се на умирање. Секоја земја има потреба од компетентна, едуцирана, мотивирана,  добро дистрибуирана и поддржана здравствена работна сила како дел од глобалниот поттик за универзално здравствено покритие, а медицинските сестри се клучни за реализација на овие напори. Медицинските сестри играат клучна улога во здравствената  заштита. Тие често се првите кои ги откриваат здравствените  итни случаи и работат во првите редови на превенција на болести и испорака на примарна здравствена заштита, вклучително и промоција, превенција, третман и рехабилитација. Тие често се првиот, а понекогаш и последниот здравствен работник кој што ќе го види пациентот и квалитетот на нивната првична проценка и последователна грижа е од витално значење за добри здравствени резултати. Медицинските сестри учествуваат во здравствена едукација на населението и посебни вулнерабилни групи за ризик факторите за настанување како на заразните, така и незаразните болести (пушење, неправилна исхрана, употреба и злоупотреба на алкохол, употреба на дроги, физичка неактивност, небезбедно сексуално однесување, и др.)
Завземање на активно учество во подигање на свеста за редовни превентивни здравствени прегледи за рано откривање на малигни заболувања, кардиоваскуларни заболувања, дијабет, остеопороза и др.заболувања
Треба да се потенцира статусот на медицинските сестри и нивната важност низ целиот свет за придонесот и залагањето во справувањето со светската пандемија против Ковид 19.
СЗО ја препознава виталната улога што медицинските сестри ја имаат при испорака на примарна здравствена заштита ширум светот–вклучително и истражување,  превенција на болести,  лекување на повредени, палијативна нега и друго–што е претставено преку неколку резолуции на Светското здравствено собрание.
СЗО има дадено важни препораки, вклучувајќи инвеститање во едукација на медицински сестри и акушерки, ангажирање на повеќе специјализирани медицински сестри, инвестирање и зајакнување на лидерски способности на медицинските сестри и акушерки, зајакнување и признавање на улогата на медицинската сестра во здравствениот систем и поддршка на здравствените работници и спроведување на промоција на здравјето и превенција на болести, кои се клучни за понатамошниот развој на медицинската дејност во иднина.
Скоро 50% од здравствените работници се медицински сестри и акушерки. На Светот му требаат 9 милиони повеќе медицински сестри и акушерки доколку сака да постигне универзално здравствено покритие до 2030 година.
И покрај критичната улога што ја имаат во здравствената заштита, во светот има недостиг од медицински сестри, кој се очекува да се зголеми со порастот на популацијата, што ја зголемува потребата  за обучени медицински сестри во сите области на здравствената заштита.
РС Македонија е потребно да ги следи овие состојби и практикува што поголем број на едуцирани, специјализирани медицински сестри да бидат ангажирани во здравствениот ситем за што подобро задравствено покритие на своето население.
Во РС Македонија како и во другите земји се забележува тренд на намалување на бројот на медицински сестри.
Во РС Македонија за намалување на трендот на одлив на медицински сестри потребно е решавање на приоритетни проблеми  во сестринската професија:
  • донесување на Закон за здравствена и акушерска нега;
  • признавање и вреднување на високото образование на сестри и акушерки, како и нивните специјализации вградени во колективните договори, во согласност со Конвенцијата 149 на Меѓународната организација на трудот;
  • воведување менторство во сестринската пракса;
  • инвестирање во едукација на медицински сестри и акушерки, ангажирање на повеќе специјализирани медицински сестри;
  • инвестирање и зајакнување на лидерски способности на медицинските сестри и акушерки, зајакнување и признавање на улогата во здравствениот систем и поддршка на здравствените работници и спроведување на промоција на здравјето и превенција на болести, кои се клучни за понатамошниот развој на медицинската дејност во иднина;
  • зголемување на  улогата на патронажните сестри во обезбедување на  здравствена нега во заедницата и проширување на нивната улога во обезбедување на базична и примарна здравствена заштита.
Медицинските сестри играат клучна улога во унапредувањето на здравјето, спречувањето на болести и обезбедувањето примарна здравствена  грижа. Тие обезбедуваат нега во постапување при итни случаи и ќе бидат клучни за постигнување на универзална здравствена заштита. Изразуваме голема почит кон медицинските сестри за нивното залагање и пожртвувана работа и грижа за здравјето на населението.
Изготвил:
Оддел за здравствена промоција и следење на болести