- 10.07.2024
ЈАВНО-ЗДРАВСТВЕНИ ПРЕПОРАКИ ЗА ЗАШТИТА ПРИ ТОПЛО ВРЕМЕ
Како топлото време влијае на нашето здравје и што да направиме?
Кога амбиенталниот воздух се приближува или ја надминува нормалната телесна температура од отприлика 36,7°С способноста на човековото тело да се лади слабее. Дополнително, кога релативната влажност на амбиенталниот воздух е висока, потта е уште потешко да испари и следствено и ладењето на телото се отежнува.
Кога телото станува премногу жешко или има проблеми да ја балансира температурата, тоа може да доведе до чувство на слабост, сува уста, вртоглавица, гадење, прекумерно потење, сува кожа, грчеви. Со отежнување на т.н. „сончаница“ може да се појават и следните симптоми и знаци престанок на потење, екстремно топла кожа, конфузија (зашеметеност), забрзана срцева фреквенција, отежнато дишење, несвестица и сѐ до смртен исход.
Ранливи групи на населението:
- Лица над 60 години, бремени жени, деца, социјално ранливи, работници на отворено.
- Лица со хронични заболувања како што се:
- Лица со срцево-садови заболувања, белодробни заболувања, бубрежни заболувања, шеќерна болест, ментални заболувања, дебелина и лица под терапија која го зголемува мокрењето (диуретици, некои лекови за епилепсија, Паркинсонова болест итн.).