- 31.07.2023
ИНФОРМАЦИЈА ЗА ПОТВРДЕН СЛУЧАЈ НА КОНГО-КРИМСКА ХЕМОРАГИЧНА ТРЕСКА
Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е природно-жаришна болест која се пренесува преку крлежи, а е предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae. Вирусот на ККХТ може да предизвика сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска. Заболувањето има висока смртност која достигнува и до 40%. Вирусот се пренесува на човек, пред сé преку крлежи на домашни животни. Можен е пренос од човек на човек како резултат на близок контакт со крв, секрети, органи или други телесни течности на заболените лица. ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија. Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е симпоматско.
Прва опишана епидемија на ова заболување во Република Северна Македонија е една семејна епидемија во 1971 година, во семејство во с. Чифлик – Тетово, во која заболеле 13 лица – членови на семејството, а кај двајца од нив болеста завршила со смртен иход (смртноста била 15,3%). После оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед дека во Македонија постојат и други природни жаришта каде болеста кружи во природата меѓу крлежите, дивите и домашните животни и птици, ова заболување претставува потенцијална опасност бидејќи постои можност човекот да биде заразен со каснување од инфициран крлеж.
Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.
На 27.07.2023 во доцните попладневни часови, Одделот за епидемиологија на заразни болести при ЈЗУ ИЈЗ на РСМ телефонски беше известен од страна на Одделението за вирусологија при ИЈЗ, за добиен материјал за тестирање од пациентка од Штип, хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС) во Скопје, во кој е докажан причинител на Конго-кримска хеморагична треска.
Веднаш беше контактиран надлежниот епидемиолог од ЦЈЗ Штип.
Потврдениот случај на ККХТ е 27-годишно женско лице од с. Кучица, општина Карбинци, Штип.
Првичните симптоми на заболување (висока температура до 38,6°Ц, силна главоболка, малаксаност и повраќање) започнале на 21.07.2023. Добиен е податок за каснување од крлеж што се случил 2 дена порано, а кој бил изваден во домашни услови. Пациентката побарала лекарска помош во КБ Штип, каде била хоспитализирана на инфективното одделение од 23.07-25.07.2023 година. Поради влошување на состојбата, пациентката е упатена и хоспитализирана на КИБФС во Скопје. Болеста брзо прогредирала и на 27.07.2023 година во вечерните часови пациентката починала, неколку часа откако е потврден резултатот за Конго-кримска хеморагична треска. За настанатиот смртен исход, ЈЗУ ИЈЗ на РСМ е известен на 28.07.2023 година.
Стручни тимови од Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ во соработка со надлежен епидемиолог од ЦЈЗ Штип, на 28.07.2023 година веднаш излегоа на терен, при што беше направи теренско епидемиолошко истражување во КБ Штип, Итната медицинска помош во Штип и во с. Кучица, каде пациентката живеела. Истовремено, друг стручен тим направи епидемиолошки увид на КИБФС во Скопје, каде пациентката била лекувана и каде починала.
Од страна на 2-та тима, во Штип и во Скопје, беше направено пребарување на контактите помеѓу членовите на семејството и здравствените работници во сите здравствени институции каде пациентот престојувал, а кои биле во контакт со потврдениот случај. Сите контакти се анкетирани и направено е нивно соодветно класифицирање на ризик од заболување.
Од вкупно 67 идентификувани контакти, пет лица се проценети како лица со висок ризик, 24 лица со среден и 38 лица со низок ризик.
Согласно водич на СЗО, од четири од контактите идентификувани со висок ризик е земен материјал (крв) за испитување, материјалот е транспортиран и веднаш тестиран на Одделението за вирусолагија при ИЈЗ, каде за сите 4 материјали е добиен негативен резултат за ККХТ.
За контактите класифицирани како висок и среден ризик, е дадена препорака за ставање под здравствен надзор, а на оние со низок ризик им е дадена препорака да ја следат својата здравствена состојба наредните 14 дена.
Од страна на Епидемиолошкиот оддел при ЈЗУ ИЈЗ на РСМ, известени се сите надлежни институции во државата, а известен е и Европскиот центар за контрола на болести.
Известена е Агенцијата за храна и ветеринарство со цел комуникација за состојбата кај животните за оваа заболување.
Известен е и ДСЗИ, кој по службена должност им издава решенија за ставање под здравствен надзор на контактите (на контактите со среден и висок ризик дадена е насока за мерење на телесна температура два пати дневно и следење на здравствената состојба во период од 14 дена од последниот ризичен контакт).
Дадена е насока и спроведена е дезинфекција и дезинсекција од страна на ЦЈЗ Штип во семејната куќа, во КБ Штип, ИМП Штип и трите амбулантски возила на ИМП Штип, како и во просториите на КИБФС.
Поставен информативно едукативен материјал на веб страната на ИЈЗ за ККХТ, за јавност и за здравствени работници.
Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ ја следи состојбата, а доколку има промена, соодветно ќе информира.
Оддел за епидемиологија на заразни болести
Институт за јавно здравје на РСМ