• 06.10.2025

ОКТОМВРИ -МЕСЕЦ НА СВЕСНОСТ ЗА РАКОТ НА ДОЈКА


Ракот на дојка е најчесто дијагностициран рак кај жените во светот, сочинувајќи 25% од сите случаи и е една од водечките причини за смрт (14%). Жените дијагностицирани со рак на дојка сочинуваат 36% од сите пациенти со рак. Во 2022 година, имало околу 2,3 милиони жени дијагностицирани со рак на дојка и 670 000 смртни случаи на глобално ниво. Ракот на дојка се јавува во секоја земја во светот кај жени на која било возраст по пубертетот, но со зголемување на стапките во подоцнежниот живот. Глобалните проценки откриваат впечатливи нееднаквости во опторувањето со ракот на дојка според човечкиот развој. На пример, во земјите со многу висок индекс на човечки развој (HDI), 1 од 12 жени ќе биде дијагностицирана со рак на дојка во текот на животот, а 1 од 71 жена ќе умре од болеста. Tука спаѓаат Белгија, Данска, Холандија, Германија и Обединетото Кралство. Најниските стапки се забележани во регионите на Африка и Југоисточна Азија. Во овие региони кај 1 од 27 жени се дијагностицира рак на дојка во текот на животот, додека 1 од 48 жени умира од него. На пример, јапонските жени кои емигрираат во Соединетите Американски Држави почнуваат да имаат ризици од рак на дојка кои се приближуваат до оние забележани во нивното ново место на живеење, што укажува дека факторите на животната средина исто така играат клучна улога.

 
Што е рак на дојка?
 
Ракот на дојка е малигна болест која се јавува кога нормалните клетки на дојката ги менуваат своите својства и почнуваат да растат неконтролирано, да се размножуваат и да го уништуваат околното здраво ткиво. Ваквите променети клетки потоа можат да патуваат до лимфните и/или крвните садови и на тој начин да ја шират болеста на други делови од телото. Ракот на дојка е најчестиот вид рак кај жените и важен јавно здравствен проблем. Ракот на дојка е трета малигна причина за смрт кај жените, по ракот на белите дробови и ракот на дебелото црево.
 
Кој може да добие рак на дојка?
 
Ракот на дојка најчесто ги погодува жените над педесетата години, но може да се јави и кај помладите жени во нивните четириесетти, триесетти и дваесетти години. Мажите исто така можат да добијат рак на дојка, но многу поретко од жените. Еден процент од сите регистрирани случаи на рак на дојка се мажи. Кои се причините и факторите на ризик за рак на дојка? Многу епидемиолошки студии покажуваат дека постојат неколку познати фактори на ризик кои несомнено се поврзани со развојот на рак на дојка.
 
Кој е изложен на ризик?
 
Најголемиот ризик фактор за рак на дојка е полот. Приближно 99% од заболените се жени, а само 0,5–1% се мажи. Третманот на рак на дојка кај мажите ги следи истите принципи на лекување како и кај жените.
 
Фактори кои го зголемуваат ризикот од рак на дојка се:
 
• постара возраст,
 
• генетска предиспозиција за рак на дојка,
 
• прва менструација пред 12-годишна возраст,
 
• менопауза по 50-годишна возраст,
 
• немање деца или раѓање деца по 30-годишна возраст,
 
• земање хормонска терапија,
 
• густо ткиво на дојка,
 
• појава на рак на дојка и/или рак на јајници кај блиски роднини,
 
• претходна болест на дојка.
 
 
 
Зголемениот ризик од рак на дојка е поврзан со одредени навики и начин на живот кои се сметаат за нездрави, а можат да се превенираат:
 
• неправилна исхрана (висока содржина на масти и шеќери во храната),
 
• дебелина,
 
• прекумерна консумација на алкохол,
 
• пушење,
 
• физичка неактивност,
 
• изложеност на радиоактивно зрачење.
 
 
 
Кога треба да се направи мамографија и ултразвук на дојки?
 
Мамографијата е рендгенски преглед на дојките кој открива тумори и други промени во дојката кои се премногу мали за да се почувствуваат. Докажано е дека мамографијата открива промени во дојката околу две години порано од клиничкиот преглед врз основа на појавата на симптоми или опиплива грутка. Мамографијата се изведува кај жени со менструација помеѓу петтиот и десеттиот ден од циклусот, сметајќи од првиот ден од последната менструација. Иако мамографијата е исклучително вреден и незаменлив тест за откривање на болеста во раните фази, треба да се нагласи дека мамографијата не може да открие 15-20% од карциномите на дојка, особено кај дојките со густа жлездеста структура. Секоја жена треба да ја направи својата прва мамографија помеѓу 38 и 40 години, а потоа еднаш годишно или на секои две години. Кај жени со историја на рак на дојка во семејството по крвно сродство, се препорачува да се започнат редовни прегледи порано. Ултразвукот, покрај мамографијата, значително ја зголемува точноста на дијагностицирање на бенигни и малигни заболувања на дојката. Тоа е метод на избор за снимање на дојки кај помлади жени и важен помошен метод кој продолжува со мамографијата. Кај жени под 40 години, мамографијата генерално не се препорачува како рутински преглед. Во оваа возрасна група, ултразвучен преглед на дојки може да се прави еднаш годишно. Сепак, кај жени кај кои постои сомневање за малигно заболување на дојката, мамографијата треба да се прави и на порана возраст.
 
Иако овие тестови се вредни, нивната точност честопати е помала од современите техники како што се PET/CT или PET/MR, кои нудат поголема чувствителност и специфичност. PET/MR овозможува истовремена евалуација на целото тело со помала доза на јонизирачко зрачење од PET/CT.
 
Што е самопреглед на дојки?
 
Самопрегледот на дојки е постапка што ѝ овозможува на жената сама да ги прегледа своите дојки. При вршење на самопреглед, посебно внимание треба да се посвети на следниве знаци: наоѓање грутка при палпација, задебелување на дојката, зголемување на едната дојка, какви било промени на кожата на брадавиците и дојките, исцедок од брадавицата, болка во дојките, промени во пазувите. Доколку жената забележи некој од горенаведените симптоми, задолжително треба да се консултира со лекар.
 
Кога се врши самопреглед на дојки?
 
Самопрегледот на дојки се препорачува еднаш месечно, по можност неколку дена по завршувањето на циклусот, а доколку жената повеќе нема месечен циклус, најдобро е да одреди ден во месецот кога ќе го направи тоа. Редовноста е многу важна, па затоа е најдобро да изберете фиксен датум секој месец за извршување на самопреглед. Ова помага за конзистентност и го олеснува забележувањето на какви било промени во дојките. На која возраст да се започне со самопреглед на гради е важна тема за жените кои се грижат за своето здравје. Се препорачува да се започне со самопреглед на дојките уште во времето на првата менструација, така што за време на растот на градите девојките ќе ја запознаат својата анатомија и во иднина ќе можат да ги следат сите промени што се случуваат. Раното откривање на рак на дојка игра клучна улога за успешно лекување. Комбинирањето на редовниот самопреглед со други методи на скрининг како што се ултразвук, мамографија, медицински преглед и магнетна резонанца ги зголемува шансите за рано откривање на рак на дојка. Колку порано се открие ракот на дојка, толку се поголеми шансите за побрз и поуспешен третман. Самопрегледот на дојките треба да стане составен дел од рутината на секоја жена. Со самопрегледот, жените можат да забележат промени во големината и обликот на своите дојки, како и грутки или други симптоми. Накратко, самопрегледот на дојките е клучен за откривање на рак на дојка во рана фаза. Редовниот самопреглед, игра важна улога во одржувањето на здравјето на дојките и намалувањето на ризик од компликации поврзани со ракот на дојка.
 
Самопреглед на дојки во пет чекори
 
1.   Визуелен преглед на дојката пред огледалото
 
Започнете го самопрегледот пред огледалото за визуелно да ги проверите надворешните карактеристики на дојките. Застанете со рацете покрај вашето тело и обрнете внимание на големината, обликот и бојата на вашите дојки. Со редовно изведување на овој чекор, ќе се запознаете со анатомијата на дојките и ќе забележите какви било неправилности. За време на визуелниот преглед, обрнете внимание на следниве симптоми:
 
- дојките не смеат да бидат задебелени или збрчкани, кожата не смее да изгледа како кора од портокал,
 
- брадавиците не смеат да бидат вдлабнати или рамни со кожата,
 
- кожата не смее да има осип, видливи испакнатини или промени во бојата,
 
- дојките не смеат да бидат болни, освен за време на менструалниот циклус.
 
Доколку забележите некој од овие симптоми, важно е да се обратите кај вашиот лекар за стручен совет и понатамошни упатства.
 
2. Визуелен преглед пред огледало со кренати раце
 
Кренете ги рацете нагоре и внимателно прегледајте ги дојките за да ги видите истите промени како во првиот чекор, вклучувајќи облик, големина, текстура на кожата и други знаци.
 
3. Преглед на брадавиците
 
Стоејќи пред огледало, нежно притиснете на брадавицата и проверете дали има исцедок. Исцедокот може да биде воден, млечен, жолт или крвав.
 
4. Преглед на дојките во лежечка положба
 
Допрете ги дојките во лежечка положба за да видите дали има грутки или абнормалности што не сте ги забележале претходно. Користете ја десната рака за преглед на левата дојка, а левата рака за преглед на десната дојка. Започнете со нежни и површински движења, а завршете со поцврсти и подлабоки движења користејќи ги јаболчниците на средните три прста на раката, држејќи ги рамни и споени. Ставете ја раката на страната од дојката што ја прегледувате под главата. Испитајте ја дојката со кружни движења, почнувајќи од горниот дел под клучната коска, преку надворешниот (аксиларниот) дел, долниот дел и внатрешниот дел кон деколтето. Со прстите направете круг околу работ на градата. Продолжете со кружни движења, правете сè помали и помали кругови во иста насока кон брадавицата, која исто така ја прегледувате. Обавезно прегледајте ја целата дојка. Самопрегледот може да го започнете од брадавицата, движејќи се во сè поголеми и поголеми кругови сè до надворешниот раб на дојката.
 
5. Преглед на дојки додека стоите или седите
 
На самиот крај од самопрегледот, напипајте ги вашите дојки додека стоите или седите. Прегледајте ја целата дојка, користејќи ги истите движења на рацете и методите опишани во претходниот чекор. Доколку ви е полесно, нанесете масло или млеко за тело на вашите дојки или, ако сте во бања, намачкајте ги со пена. ‍
 
Раната дијагноза на рак на дојка обезбедува подобри шанси за успешен третман и го подобрува квалитетот на животот.
 
 
 
Подготовка и превод: Оддел за здравствена промоција и следење на болести