- 09.11.2023
Ноември – Месец на машко здравје
Активностите во ноември – месецот на машко здравје, имаат за цел да ја кренат свесноста за здравствените проблеми со кои се среќаваат сите мажи во текот на својот живот, како и за потенцијалните ризици и на кои работи треба да обрнат внимание за да ги избегнат несаканите последици кои следат со нив. Модерниот живот е полн со многу стрес, многу притисоци од општеството, со што им се нарушува и здравјето и квалитетот на нивниот живот. Исто така одредени состојби кои се најчесто превентабилни може да водат до предвремена смрт кај мажите, или пак сериозно да го компромитираат нивното здравје.
Оваа година фокусот на активностите во рамките на кампањата ,,Ноември – месец на машко здравје”, се фокусираат на кревање на свесноста за ракот на простата, тестикуларниот канцер, како и менталното здравје.
Рак на простата е најчестото малигно заболување кое ја опфаќа машката популација на секаде низ светот. Простата е жлездест орган кој е дел од машкиот репродуктивен систем со големина и форма на орев. Како мажите стареат, простатата има тенденција да се зголемува и да се изменува во формата. Овие промени може да доведат до тешкотии при мокрењето, во вид на често мокрење, ноќно мокрење, чувство на неиспразнетост, болка при мокрење, па тоа и се првите симптоми кои се јавуваат доколку е присутен проблем со простата. Доколку симптомите се поинтензивни, болката е посилна и се јавува крвавење при мокрење, може да значи да кај мажот се развива рак на простата.
Затоа сите мажи треба активно да се грижат за своето здравје и да ги следат препораките од здравствените работници. Ова е особено важно за оние мажи кои се дел од групата со висок ризик за рак на простата. Тоа се мажи кои:
-Се повозрасни
-Имаат фамилијарна историја за болести на простата
-Не се физички активни
-Имаат нездрави животни навики (пушење, алкохол, дрога, стрес)
За да се намалат влијанијата на ризик факторите треба да :
-Водат здрав животен стил. Живот со здрава исхрана, физичка активност, го намалуваат ризикот за ова заболување
-Редовно одење на прегледи. Раното откривање на ракот на простата овозможува рана интервенција и целосно заздравување кај повеќето пациенти. Затоа редовните прегледи на уролог кај мажите над 40 години е клучно.
-Да се крева свесноста и да се едуцираат за сите потенцијални проблеми кои се почести кај мажите. Активно следење на препораките на здравствените работници.
Третманот на ова заболување може да биде само со редовни прегледи и активно следење, но исто така доколку е потребно се врши хируршка интервенција проследена со хемо и радиотерапија.
Рак на тестис е ретка состојба која ги зафаќа мажите во која било возраст, но најчесто се јавува кај мажи над 56 години. Во повеќето случаи (повеќе од 95%) дијагнозата на рак на тестисите значи третман и добар исход. За жал, има мал дел од мажи и момчиња кои не се соочуваат со тој добар исход и треба да се направи повеќе за да се поддржат овие мажи низ дијагнозата и третманот за да може да имаат долг и здрав живот.
Ризик фактори за ракот на тестиси се :
-Фамилијарна историја за рак на тестис
-Нетретирани хронични инфекции на репродуктивниот систем
-Неспуштени тестиси (Криптохизaм)
-Нездрав животен стил
Симптоми кои најчесто се јавуваат во вид на појава на оток и болка на тестисите
За да го превенираат ова заболување мажите треба редовно да се самопрегледуваат. Доколку имаат болка или некаков оток во пределот на тестисите, тие треба веднаш да се јават на лекар. Бидејќи раното откривање на болеста значи лесен третман и закрепнување.
Третманот е во зависност од големината и степенот на промената. Тоа може да биде само следење на состојбата, но исто така може и да значи хируршки третман со адјувантна хемо или радиотерапија.
Покрај овие состојби на нарушување на физичкото здравје на мажите, многу е битно да се обрне внимание на менталното здравје на мажите. Со модерниот животен стил, мажите се среќаваат со бројни предизвици во текот на секојдневните активности, што може да им го наруши менталното здравје. Резултатите од лошото ментално здравје можат да бидат смртоносни. Мажите, без оглед на возрасната група, честопати не препознаваат кога се соочуваат со проблеми со менталното здравје и можеби не им е удобно да побараат помош. Непријатната вистина е дека некои стереотипни форми на машкост ги убиваат мажите.
Ние се трудиме да им помогнеме на мажите да бидат ментално здрави со стратегии:
- Им помагаме да развијат успешни, стратегиски модели за подобрување на менталното здравје и благосостојба на мажите.
- Да ги предизвикаме негативните аспекти на машкоста и влијанието што тоа може да го има врз менталното здравје.
- Ги охрабруваме мажите да останат поврзани со пријателите и семејството
- Ги поттикнуваме да донесат разговори за менталното здравје надвор од здравствениот систем (на пр. во спортски клубови или работни места)
За да бидеме здрави и да имаме долг и среќен живот, мора да се грижиме за себе си. Следењето на препораките од здравствените кампањи се клучни за остварување на таа цел. Но најбитно од се, доколку имате тешкотии секогаш е добро да побарате професионална помош, бидејќи така најлесно и со најдобар исход може да се решат проблемите со кои се соочувате.