• 09.02.2024

ФЕВРУАРИ – МЕСЕЦ НА ДЕТСКОТО ОРАЛНО ЗДРАВЈЕ


 

Растење, времетраење и како и кога да се отстранат млечните заби

Децата обично имаат 20 млечни заби. Нивната појава е привремена и претходи на растот на трајните заби. Млечните заби почнуваат да растат кај децата на возраст од 6 до 12 месеци. Кај повеќето деца, сите млечни заби растат до 3-та година и најчесто паѓаат до 12-тата година. Штом ќе почне да расте првиот заб родителот треба да го закаже првиот дентален преглед на детето.

Млечните заби не се само „привремени заби“, тие го чуваат просторот за трајните заби, но нивната главна улога е да овозможат нормален раст и развој на вилицата, односно тие се од големо значење за развојот на целиот орофацијален систем кај децата.  Најинтензивниот развој на орофацијалниот систем се случува токму во времето кога млечните заби се присутни во устата. Освен тоа млечните заби овозможуваат џвакање и го олеснуваат консумирањето на храната, создавањето глас и говор. Времетраењето на млечните заби во вилицата е околу шест години. Од трајните заби, обично прв никнува шестиот, долниот молар. Децата обично ги имаат сите трајни заби до 16-годишна возраст.

Првите заби кои растат кај бебињата се долните централни секачи, во повеќето случаи. Веднаш по нив, по правило, растат горните централни секачи. Најчесто, вторите катници се последни што еруптираат на возраст од приближно 2 години.

 

Табела 1. Возраст во која  еруптираат и паѓаат млечните заби:

Заби во горна вилица

 

Заби во долна вилица

Кога млечните заби растат

Кога испаѓаат

 

Кога млечните заби растат

Кога испаѓаат

8-12месеци

6-7 години

Централни инцизиви

6-10 месеци

6-7 години

9-13 месеци

7-8 години

Латерални инцизиви

10-16 месеци

7-8 години

16-22 месеци

10-12 години

Канини

17-23 месеци

9-12 години

13-19 месеци

9-11 години

Први молари

14-18 месеци

9-11 години

25-33 месеци

10-12 години

Втори молари

23-31 месеци

10-12 години

 

 

 

 

 

 

 

 

Според Logan & Kronfeld,  хронологијата на никнување на млечните заби одговара на нашата популација), ерупцијата на млечните заби започнува во следниве периоди: централните инцизиви 6-8-от месец, латералните 8-10-тиот, првите молари 12-16-тиот, канините 15-20-тиот, и вторите молари во 20-30-тиот месец.

Хронологија на почеток на ресорпција на млечни заби: централни во 4-та година, латерални во 5-та година, први молари во 6-та година, канини и втори молари во 8-та година

Понекогаш постои можност веднаш по раѓањето да се појават формации слични на млечните забчиња.

Всушност, станува збор за остатоци од орожнато ткиво, од кои се развиваат забните клици. Овие, таканаречените предмлечни заби, можат да претставуваат опасност за бебето - бидејќи тие не се врзани за коската и многу се нишаат и лесно можат да испаднат, па бебенцето може да ги вдише, што може да предизвика последици опасни по живот. Секогаш кога ќе се појават формации слични на забите во првите неколку месеци (до четвртиот), најбезбедно е да ги прегледа специјалист детски стоматолог и да процени за што се работи. Ако тие не се вистински млечни заби, тогаш мора да се извадат.

Млечните заби се привремена замена за трајните заби. При растот на млечните заби постои  чешање на местото на ерупцијата. Појавувањето на млечните забчиња не е болно само по себе, но деца ги чувствуваат промените и постојано имаат потреба да ги џвакаат рацете или работите што ќе ги најдат за да го ублажат чешањето. Во периодот на растење на овие заби можно е да се појави зголемено лигавење кај децата. За некои деца никнувањето на забите е доста тешко бидејќи не можат нормално да спијат и да јадат, но тоа обично трае краток временски период.

Во овој период родителот може да му помогне на своето дете со тоа што ќе му даде гумени играчки за џвакање и на тој начин се намалува непријатноста при никнувањето на забите. Гумените играчки може да се заменат со некоја поприродна верзија (на пр. сиров морков или јаболко). Но треба да се внимава на возраста на детето и на опасноста од гушење со ситни парчиња (на пр. сировиот морков или јаболкото да бидат доволно големо парче). Се препорачува исто така, нежно  масирање на непцата со чиста влажна газа која можете да се натопи во чај од камилица што може да му помогне на детето полесно да заспие. Мократа газа може предходно да се излади во фрижидер за да ја намали непријатноста од чешањето поради растот на млечните заби.

Млечните заби траат додека трајните заби не почнат да растат. Вообичаено, првите трајни заби почнуваат да никнуваат веќе на шестгодишна возраст. На возраст од дванаесет години обично растат последните трајни заби, што би значело дека во просек времетраењето на млечните заби во вилицата е околу шест години. Секако, треба да се земе предвид дека станува збор за просечното времетраење на млечните заби, што не значи дека не е во ред доколку кај некои деца промените се случат неколку месеци порано или подоцна.

Како и трајните заби и млечните заби имаат корен. Но, коренот што ги држи млечните заби е послаб од коренот на траен заб. Тоа што коренот на млечното забче не се гледа откако тоа ќе падне, не значи дека го нема.

Кога коренот на млечните заби ќе се ресорбира тие се разнишуваат и почнуваат да паѓаат. Тој со текот на времето се топи, а како резултат на тоа доаѓа до испаѓање на забот.Тоа се случува непосредно пред ерупцијата на трајните заби. Повеќето од млечните заби почнуваат да се нишаат пред растењето на трајните заби и паѓаат без болка, но за некои млечни заби кои имаат цврст корен, потребно е да се побара совет од стоматолог за да се провери дали забот треба да се вади.

Млечните заби по правило, не треба да се вадат бидејќи на секое место на млечниот заб доаѓа нов траен заб. Дури и кога станува збор за расипани млечни заби, вадењето никогаш не се препорачува бидејќи млечните заби го чуваат простор за трајните заби и од тие причини нивната улога е важна иако е привремена.

Многу од родителите се прашуваат како да извадат млечен заб, но тоа треба да се оставите на времето, бидејќи млечниот заб сам се олабавува со помош на ресорбцијата на коренот и по некое време паѓа. Понекогаш е потребно само нежно да се извлече забот и тој веднаш излегува. Секое ненадејно вадење на млечните заби може да значи дека на тоа место воопшто нема да израсте траен заб.

Забот не треба да се вади со сила доколку не е разнишан, а со тоа се намалува и можноста за болка. Од друга страна пак, кај деца под 5 години забите не треба да се вадат иако понекогаш може да се разнишани на таа возраст. Во таков случај треба да се посети стоматолог.

Повеќето деца ја поминуваат оваа природна фаза на замена на млечните заби со трајни без никакви проблеми. Понекогаш може да се појават проблеми ако млечниот заб не може да испадне или ако трајниот заб почне да расте на погрешно место. Доколку забот не може да излезе лесно , не треба да се прави ништо со сила за да детето нема поголеми проблеми и повеќе болки. Во вакви случаи потребно е навреме да се реагира и да се побара помош од стоматолог за да се извадат така преостанатите заби и да се овозможи нормален раст и развој на трајните заби и вилицата.

Кога млечните заби се разнишани многу често им пречат на децата. Тогаш родителите се обидуваат да го извадат забот за да му олеснат на детето. Вадењето заб кај некои деца е болно, додека некои деца не ни чувствуваат дека сте го извадиле. Болката зависи од многу фактори како што се: положбата на забите, толеранцијата на детето за болка и др.

 

 

Подготвил:   Оддел за здравствена промоција и следење на болести