• 07.06.2024

ИНФОРМАЦИЈА ЗА ПОТВРДЕНИ СЛУЧАИ НА КОНГО-КРИМСКА ХЕМОРАГИЧНА ТРЕСКА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО 2024 ГОДИНА


 

Вовед

Конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) е широко распространета болест пренесена од крлежи предизвикана од вирус (Nairovirus) од семејството Bunyaviridae. Вирусот предизвикувач на ККХТ предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска. Смртноста од ККХТ достигнува и до 40%. Вирусот се пренесува на човек пред се од крлежи на домашни животни. Трансмисијата од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, секрети, органи или други телесни течности на заболените лица. ККХТ е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија.  Не постои вакцина за луѓето и животните, а лекувањето е супортивно.

Прва опишана епидемија на ова заболување во Република Северна Македонија е во 1970 година при  што заболеле 13 лица со два смртни исхода во едно семејство во с. Чифлик – Тетово. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед дека постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во нашата република и ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемска во Косово, а регистрирани се спорадични случаи и во неколку други европски земји.

Во ЕУ/ЕЕА и нејзините соседни земји, спорадични случаи и/или епидемии на ККХТ се пријавени во Албанија, Бугарија, Грузија, Грција, Косово, Русија, Шпанија, Украина и Турција. Шпанија го пријави својот прв случај во 2016 година. Во Грција, пријавен е еден единствен случај на ККХТ, во 2008 година.

Од 2013-2022 година пријавени се 49 случаи од земјите од Европскиот регион; Бугарија, Шпанија, Англија и Грција. Од 2013-2016 во Косово се третирани 32 пациенти со ККХТ.

 

Состојба во 2024 година

Во текот на 2024 година, во периодот од 26.04-04.06.2024, Одделот за епидемиологија на заразни болести при ЈЗУ ИЈЗ на РСМ, регистрира три лабораториски потврдени случаи на Конго-Кримска хеморагична треска.

Сите три случаи се докажани во Одделението за вирусологија при ИЈЗ во серум, со детектирани IgM и IgG антитела со ЕЛИСА и RNK со RT-PCR.

Сите три случаи биле хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје.

Веднаш по добивањето на известување за потврден случај, Одделот за епидемиологија на заразни болести при ЈЗУ ИЈЗ на РСМ го контактираше надлежниот епидемиолог од ЦЈЗ.

 

 

Епидемиолошки податоци

1.      Првиот регистриран случај е лабораториски потврден на 26.04.2024 година. Се работи за 57-годишно лице од с. Градец, општина Крива Паланка. Во однос на професијата, се работи за сточар кој одгледува крави во с. Градец. Во однос на експозицијата, пријавува присуство на крлежи кај добитокот и каснување од крлеж на долните екстремитети, 7 дена пред почетокот на симптомите.

Заболениот живее сам, а пребарувањето на контакти беше спроведено во с. Градец и здравствените установи кои ги посетил по почетокот на симптомите. Беа идентификувани и класифицирани со среден ризик 7 блиски контакти кои беа ставени под здравствен надзор од 14 дена. Ниту еден од контактите не разви болест.

2.      Вториот регистриран случај е лабораториски потврден на 30.04.2024 година. Се работи за 29-годишно лице од с. Орланци, општина Арачиново. Во однос на професијата, се работи за електричар кој работи во приватна фирма. Во однос на експозицијата, негира каснување од крлеж, контакт со животни и патување во странство.

Заболениот живее во семејна куќа, во 5-члено семејство, а пребарувањето на контакти беше спроведено во с. Орланци и здравствените установи кои ги посетил. Не се идентификувани и класифицирани блиски контакти кои би биле ставени под здравствен надзор од 14 дена.

3.      Третиот регистриран случај е лабораториски потврден на 04.06.2024 година. Се работи за 68-годишно лице од Делчево, кој често престојувал во с. Полето, Делчевско. Се работи за пензионер кој во однос на експозицијата, дава податок за каснување од крлеж на долните екстремитети во с. Полето (изваден во домашни услови).

Заболениот живее во куќа, во 3-члено семејство, а пребарувањето на контакти беше спроведено во семејството и здравствени установи. Беа идентификувани и класифицирани со висок и среден ризик 2 блиски контакти, ставени под здравствен надзор од 14 дена.

 

Клинички податоци

1.      Симптомите кај првиот регистриран случај започнале на 22.04.2024 година. Кај пациентот е регистрирана појава на епистакса, малаксаност, замор, повраќање и кашести столици. На 26.04.2024, после добиена серологија за CCHF IgM и позитивни PCR за CCHF вирус од крв и урина, пациентот со возило за ИМП со комплетна заштитна опрема е трансфериран во КИБФС за натамошен третман. Пациентот негира присуство на коморбидитети. Испишан е од КИБФС на 04.05.2024 во подобрена општа состојба.

2.      Првичните симптоми кај второто заболено лице започнале на 24.04.2024 со фебрилност (39°С), болка во мускули, малаксаност, повраќање и пролив. Бидејќи немало подобрување и се појавила хематурија, бил хоспитализиран во КИБФС каде е ординирана соодветна терапија и дијагностички иследувања. На 30.04.2024 година, направени се серолошки анализи. Од добиените резултати - ССНF IgM и пациентот е задржан на болничко лекување. Пациентот негира присуство на коморбидитети. Заболениот е испишан од КИБФС на 13.05.2024 година во подобрена општа состојба.

3.      Првичните симптоми кај второто заболено лице започнале на 26.05.2024 со тресење, главоболка, болка во мускули, малаксаност и замор. Бидејќи се појавило крварење во столицата и хематурија, пациентот на ден 03.06.2024 бил препратен во КБ Штип, а од таму на КИФБС во Скопје, каде биле направени потребните дијагностички испитувања и каде е ординирана соодветна терапија. На 04.06.2024 година, направени се серолошки и PCR анализи. Од добиените резултати - ССНF IgM + и позитивен PCR резултат за ККХТ и пациентот е задржан на болничко лекување.

Проценка на ризик

Имајќи го во предвид претходно наведеното и фактот дека во последните две години има континуирано пријавување на случаи на ККХТ како и периодот на сезона на крлежи, постои веројатност за понатамошно пријавување на нови случаи.

Постои среден ризик за населението на Р.С. Македонија, но истиот може да се минимизира со држење до препораките за превенција од надлежните институции.

Превземени мерки

1.      Обезбедени се Пријави за изолиран или на друг начин докажан причинител за заболеното лице и Пријави за заболување/ смрт од заразна болест.

2.      Изготвени се епидемиолошки анкети од надлежниот епидемиолог од ЦЈЗ.

3.      Спроведен е теренски увид во с. Градец од страна на надлежниот епидемиолог и АХВ.

4.      Известена е АХВ со цел комуникација за состојбата кај животните за оваа заболување.

5.      Известен е ДСЗИ.

6.      Направена е проценка на ризик на контактите според претходно изработена шема според водичот на СЗО.

7.      Изготвени се листи на контакти кои се препратени до надлежниот инспектор.

8.      На контактите со среден ризик дадена е насока за мерење на телесна температура два пати дневно и следење на здравствената состојба во период од 14 дена од последниот ризичен контакт (здравствен надзор).

9.      Спроведена е дезинфекција и дезинсекција од страна на ЦЈЗ Куманово, ЦЈЗ Скопје и ЦЈЗ Кочани во семејната куќа и дворот на потврдените случаи, како и во здравствените установи каде биле прегледувани.

10.  Спроведено е механичко чистење, кварцање и дезинфекција на просториите каде биле хоспитализирани пациентите.

11.  Поставен информативно едукативен материјал на веб страната на ИЈЗ за ККХТ, за јавност и за здравствени работници.

12.  Дистрибуиран е информативно едукативен материјал до сите ЦЈЗ.

 

 

Препорачани мерки

·         Едукација на населението за правилно облекување за заштита од крлежи и нивно отстранување во здравствена установа.

·         Постојана комуникација помеѓу епидемиолошката служба и инфективните одделенија.

·         Заеднички “One Health” пристап на епидемиолошката служба и АХВ.

·         Правилна и постојана употреба на ЛЗО при контакт со пациенти и/или нивни телесни течности на здравствените работници.

·         ЦЈЗ да спроведува ДДД по епидемиолошки индикации при идни слични ситуации.

·         Подигнување на свеста на здравствените работници преку работилници акредитирани од лекарска комора, МЛД.

·         Подготовка на информации за јавноста - превентивни мерки (Креирање инфографици и пораки на социјалните мрежи).

·         Креирање теренска мапа за зафатени области (жаришта) преку спроведување на сероепидемиолошки студии во во сите региони од земјата.

·         Усвојување на Националниот акционен план за хеморагични трески во РСМ.

 

Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ ја следи состојбата, а доколку има промена, соодветно ќе информира.

Конго-кримска хеморагична треска – едукативен материјал за здравствени работници 

Конго-кримска хеморагична треска – информации за населението

 

 

 

Оддел за епидемиологија на заразни болести

Институт за јавно здравје на РСМ