- 07.06.2024
ИНФОРМАЦИЈА за случај на мали сипаници
ИНФОРМАЦИЈА за случај на мали сипаници
Податоци за пријавениот случај
На 07.06.2024 година Одделот на епидемиологија на заразни болести доби Пријавa за изолиран причинител на мали сипаници од страна на Одделението за вирусологија при ИЈЗ. По добиените пријави, епидемиолошки тим беше на увид на УК Клиника за детски болести во Скопје.
Се работи за шестгодишно дете од с. Лабуништа, Струга. Според податоците добиени од Лабораторијата, направено е серолошко тестирање за мали сипаници со добиен позитивен резултат со IgM. Исто така, со PCR е детектирана RNA на мали сипаници.
Клинички податоци:
Првите симптоми асоцирани со сегашната болест се појавиле на 25.05.2024 година: покачена температура (до 40°С), повраќање и течни столици.
Од 30.05.2024 година се појавил еритем, макулопапулозен исип на лицето, кашлица и хиперемични конјуктиви.
На 01.06.2024 година, исипот се проширил по целото тело и се регистрираат афтозни промени во усна шуплина (Копликови дамки). Истиот ден е транспортирано од ОБ Струга на УК Клиника за детски болести во Скопје каде е хоспитализарано.
Епидемиолошки податоци:
Детето е невакцинирано со МРП вакцина. Живее во 6-члено семејство. Помалата сестра со присутна температура и исип пред една недела.
Родителот дава податок за сомнителен контакт, сосед кој прележал “сипаници”.
Не посетува градинка или училиште и не патувале во странство 7-23 дена пред почетокот на исипот.
Превземени мерки:
· Известена е епидемиолошката служба на ЦЈЗ Охрид за понатамошно пребарување на контакти и проверување на вакциналниот статус. Увидот во вакциналниот пункт е во тек.
· Контактиран е матичниот лекар за увид во состојбата на детето.
· Обезбедена е Пријава за изолиран/докажан причинител на заразна болест.
· Изработена е епидемиолошка анкета на заболеното лице.
· Дадени се насоки за постапување во УК Клиника за детски болести во Скопје.
Препораки:
· Да се засили епидемиолошки надзор над исипните трески. Секој суспектен случај на мали сипаници согласно клинички критериуми на дефиницијата на случај потребно е епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира.
· Да се зголеми свесноста за присуство на мали сипаници во земјата и кај населението и кај здравствените работници.
· Да се информираат матичните лекари/педијатри/инфектолози да ги пријавуваат сите сомнителни случаи до епидемиолошката служба на надлежниот ЦЈЗ, во рок од 24 часа и да го упатуваат пациентот на преглед кај специјалист инфектолог. Дополнително најдоцна за 24 часа, треба да достават Пријава за заболување/смрт од заразна болест, согласно законската регулатива.
- Од сите сомнителни случаи треба да се земе примерок од крв за серолошко испитување, како и друг биолошки материјал (назофарингеален брис, урина, плунка) за молекуларна дијагностика (PCR) и истите да се испраќаат до Одделението за вирусологија при ИЈЗ РСМ.
- Да се направи засилена контрола, проверка на вакциналниот статус на подлежечките лица на територијата каде живее потврдениот случај, потоа изнаоѓање на невакцинирани и некомплетно вакцинирани и нивно повикување и вакцинирање, во регионот и во сите вакцинални пунктови во земјата.
- Постигнување и одржување на висок опфат со МРП (>95% со две дози). Од витално значење е да се обезбеди вакцинација со прва и втора доза навреме, според националниот календар кај доенчињата и децата. Исто така, важно е да се идентификуваат и вакцинираат подлежечки лица преку catch-up програмите.
· Да се засилат здравствено-едукативните активности, насочени кон промовирање на МРП вакцинацијата, како најефикасна превентивна мерка во спречувањето и сузбивањето на малите сипаници, е од особена важност.
Проценка на ризик
Вакцинација против мали сипаници се спроведува континирано и задолжително со 2 дози на МРП вакцина. Првата доза се смета за примовакцинација и треба да се даде на првата година од животот на детето. Ревакцината е на 6-годишна возраст.
Во РСМ опфатот со првата доза на МРП во 2023 година на национално ниво изнесува 73,4%, а во Струга е 82,9%. Опфатот се ревакцинација на национално ниво во 2023 година изнесува 87,7%, а во Струга е 93,9%. Примарната вакцинација со МРП вакцина во 2023 година, бележи намалување во однос на просекот на опфатот регистриран во изминатите 5 години (74,4% на национално ниво), додека ревакцинацијата во 2023 година бележи зголемување во однос на просекот (85,1% на национално ниво).
Имајќи го во предвид пријавениот неоптимален опфат со вакцинација (<95%), фактот дека следните месеци претставуваат сезонски врв на вирусот и можноста за импортирање, пријавувањето на нови случаи не е неочекуван настан
Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ, во соработка со епидемиолошката служба при ЦЈЗ Охрид ќе ја следат состојбата и дополнително ќе известуваат за текот на настаните и развојот на епидемиолошката ситуација.
МАЛИ СИПАНИЦИ И КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ - ФЛАЕР ЗА НАСЕЛЕНИЕ
Скопје, 07.06.2024 Оддел за епидемиологија на заразни болести
ИЈЗ Скопје