- 18.07.2024
ИНФОРМАЦИЈА ЗА ПОЈАВА НА СЛУЧАЈ СО ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА
Вовед
- Со цел превенција и контрола на заболувањето, потребна е едукација на населението за болеста, начините на пренос, како и можностите за превенција преку изработка на соодветен едукативен материјал.
- Потребно е да се известат матичните лекари и инфектолозите за појавата на заболувањето со цел внесување на болеста во диференцијално дијагностичкото размислување и нивно итно пријавување до надлежните служби.
- Планско извршување на ДДД активности (согласно План доставен до општината) како и дезинсекција по епидемиолошки индикации.
- Навремено доставување на Пријава за заболување/смрт од заразна болест од страна на лекар од здравствена установа кој ја дијагностицирал болеста согласно одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести.
- Навремено доставување на Пријава за изолиран или на друг начин докажан причинител од лабораториите кои прават дијагностика согласно одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести.
Превенција од болести кои се пренесуваат преку комарци:
1. Мерки насочени кон животната средина (намалување на популацијата на комарци и нивен престој во животниот простор на луѓето).
✓ Спречете го размножувањето на комарци во вашата средина:
▪ Не оставајте отворени буриња, канти, пловни објекти (чамци, кануа) и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница!
▪ Редовно чистете ги олуците за да се овозможи истекување на водата!
▪ Одржувајте ги чисти базените за капење, украсни базени, фонтани!
▪ Не создавајте бари (застоени води) по дворовите.
✓ Намалете ја можноста да бидете изложени на убоди од комарци:
▪ Користете миризливи свеќи, спирали, како заштитни репелентни средства додека престојувате во надворешни услови (градина, двор).
▪ Користете специјални сијалици, фенери (спржување на комарците), апаратчиња кои со звук ги одбиваат комарците!
▪ Поставете заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот!
▪ Одбегнувајте излегување и престој надвор во зори или на самрак, кога комарците се најактивни!
2. Мерки за лична заштита од убоди на комарци.
✓ Носете соодветна облека, најдобро во светли бои, која ќе остава што помалку откриени делови од телото/кожата (долги ракави, долги панталони, чорапи, шапки...)!
✓ Применувајте заштитни средства (репеленти) во облик на лосион, стик, аеросол- спреј или крем за кожата и за облеката, кои ги одбиваат комарците!
✓ Не употребувајте средства за заштита на посекотини, отворени рани, под облека, околу очи и уста, на дланките! Внимание кај мали деца!!!
✓ Патниците кои патуваат/престојуваат во земји или предели каде се евидентираат болести кои се пренесуваат со комарци, задолжително да употребуваат репеленти за време на престојот, а прозорците и креветите за спиење да се затворени со заштитни мрежи, импрегнирани со адекватен инсектицид!!!
✓ По враќањето дома, овие лица да бидат свесни за можното нивно заразување додека престојувале во такви предели, и да ја следат својата здравствена состојба. Доколку се појават симптоми на заболување, веднаш да побараат лекарска помош и да го известат докторот за скорешниот престој во предели каде што егзистираат болести кои се пренесуваат со комарци. Раното дијагностицирање и навремен третман, можат да спречат појава на тешка форма на болест, која може да заврши со сериозно нарушување на здравјето и тешки последици или смртен завршеток.
Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ е во комуникација со ЦЈЗ Кочани и ја следи состојбата, а доколку има промена, соодветно ќе информира.
Оддел за епидемиологија на заразни болести
Институт за јавно здравје на РСМ
18.07.2024