- 19.07.2024
УРЕДИ ЗА КОНДИЦИОНИРАЊЕ НА ВОЗДУХОТ И ЕФЕКТИ ВРЗ ЗДРАВЈЕТО
Не толку одамна, климатизацијата беше луксуз достапен само за малкумина привилегирани, денес тоа е норматив во голем број деловни простории, канцеларии и јавни транспортни системи, така што е дел од нашите животи. Kлиматизација се користи во домовите и деловните простории ширум светот, но многу од нејзините негативни ефекти се малку познати. Правејќи ги летните денови поудобни, таа сепак може да влоши одредени здравствени проблеми и да го загади воздухот со органски и неоргански честички.
Агенцијата за заштита на животната средина на Соединетите Американски Држави (USEPA или ЕРА) предупредува дека концентрацијата на загадувачките честички во воздухот во затворените простории може да биде поголема од тие во загадениот воздух во надворешната средина. Ова значително го зголемува ризикот за луѓето со респираторни проблеми и кардиоваскуларни болести кои поминуваат дел од своето време во затворен простор. Влагата при системите на наизменично навлажнување овозможува изложеност на микробиолошки агенси, предизвикувајќи здравствени ефекти преку механизми кои вклучуваат надразнувачко, токсично или алергиско дејство. Климатизацијата, според EPA, може да придонесе за контаминација и ширење на бактериите, мувлата, вирусите, полените и животинските секрети и екстракти. Како и во случајот со многу други болести, ризична или т.н. вулнерабилна груп се децата, адолесцентите, бремените жени и постарите лица, особено оние со респираторни заболувања и слаб имунолошки систем.
Климатизерите и работното место
Поминувањето сè повеќе време во затворени простории, а со тоа, изложување на клима уредите, може да бидат ризик фактор во појавата на т.н. „синдромот на болни згради" се однесува на симптоми кои се јавуваат кај поголем број на вработени во една зграда, кои исчезнуваат по нејзиното напуштање. Климите може предизвикуваат проблеми кај лицата со хронични проблеми со синусите, а за лицата кои работат во средини што се постојано климатизирани покажано е дека многу почесто заболуваат од настинки и грип во споредба со оние што работат на отворено. Научно е докажано дека организмот е подложен на одреден степен на стрес кога лицата се принудени да одат од топла средина во климатизирана просторија и обратно. Иако поретко, сепак, познати се и имунолошки заболувања како што е хиперсензитивниот пневмонитис, многу респираторни и мускулоскелетни нарушувања, кои се појавуваат кај лицата изложени на климатизери во работната средина.
Исто така, очигледно е дека оние кои поминуваат поголем дел од времето во климатизирани простории не се во можност лесно да се справат со жешките летни температури. Како резултат на тоа, при појавата на топлотните бранови бројката на починати е сé поголема, што во најголем дел се должи на неможноста за адаптација на наглите и големи температурни промени особено кај лицата со хронични болести. Токму заради тоа, Институтот за јавно здравје препорачува прилагодување на телото од најмалку 15 минути во просторија со температура поприближна на надворешната температура. Тоа може да го направите, на пример, со исклучување на климата, престој во потопла просторија и слично.
Cost-benefit од уредите за кондиционирање на воздухот
Придобивки:
Интензивната топлина има јасно дефинирано негативно влијание врз менталната и физичката активност на човекот, а употребата на клима уредите во одреден степен ги подобрува истите во периодот на летните месеци;
Клима уредите ги подобруваат и зголемуваат нивоата на удобност при работа и одмор;
Ја подобруваат ефикасноста на работата и може да резултираат со зголемена физичка и интелектуална активност;
Пониската температура го намалува присуството на паразити, инсекти, влечуги и други видови животни;
Пониската температура придонесува за помалку потење, намален губиток на течности и намалување на ризикот од дехидрација;
Чистиот систем за климатизација помага во отстранувањето на надворешните алергени како што се полените;
Ако уредот за климатизација е добар и добро се одржува, го обновува и го подобрува квалитетот на воздухот во внатрешната средина;
Ја намалува бучавата во внатрешни простории
Ризици:
Неочекуваните промени на температурата и влажноста на воздухот влијаат негативно на респираторниот систем - отежнато дишење, суво грло, сува и надразнителна кашлица, кивавица, симптоми слични на грип односно настинка;
Постојаната употреба на клима уредите е поврзана со појавата симптоми од горниот респираторен тракт и влошувањето на хроничниот ринитис, синузитис и фарингитис, иритација на грлото и појава на засипнатост на гласот, ушни инфекции дури и стомачни тегоби;
Сушење и иритација на мукозните мембрани;
Клима уредите може да ги поттикнат или интензивираат проблемите со очите како што се конјунктивитис и блефаритис, а предизвикуваат и проблеми со контактните леќи кај лицата кои истите редовно ги користат.
Мускулна пареза
Клима уредите ги влошуваат ефектите од артритисот и невритисот.
Толотна интолеранција
Со постојаната циркулација на воздухот може да се пренесат причинители на инфективни заболувања на дишните органи;
Прашината, органските честички и габите може да предизвикаат алергиски реакции;
Климатизерите со непрекината работа придонесуваат за зголемување на нивото на амбиенталната бучава.
Важно да се запамети:
Климатизираните простории треба редовно да се проветруваат;
Професионалната инсталација и одржување се од суштинско значење и за уредите за централна климатизација и за клима уредите со внатрешна и надворешна единица;
Најдобро е собна температура да се одржи во интервалот 21º до 25ºC. Меѓутоа, за време на топлотен бран, собната температура не треба да биде под 25ºC;
Потребно е да се одржува релативната влажност на просторијата помеѓу 60% и 70%;
Клима уредите треба редовно и правилно да се чистат и дезинфицираат, по можност два пати годишно пред зимската и летната сезона.