- 30.08.2024
ИНФОРМАЦИЈА ЗА ПОЈАВА НА ТРЕТ СЛУЧАЈ СО ЗАПАДНО-НИЛСКА ТРЕСКА
Вовед
West Nile вирусот (WNV) е арбовирус кој припаѓа на родот флавовирус. Откриен е во 1937 година во Уганда, а неговото присуство е дoкументирано речиси на сите континенти - во Африка, Америка, Азија, Австралија, Европа и Блискиот Исток.
WNV-инфекцијата се пренесува преку вектори (вектор пренослива инфекција) и најчесто ги зафаќа дивите птици. Инфекцијата помеѓу нив се пренесува преку различни видови на комарци. Луѓето и цицачите, а особено коњите се случајни домаќини и имаат ограничена улога во природниот циклус.
Луѓето најчесто се заразуваат по каснување од заразен комарец. Болеста од човек на човек не се пренесува, ако се исклучи миожноста за пренесување преку трансфузија и трансплантација на органи.
Периодот на инкубација вообичаено трае од 3 до 14 дена.
Околу 80% од инфекциите кај луѓето поминуваат без манифестација на симптоми. Останатите 20% симптоматски инфекции, најчесто се манифестираат како треска која поминува сама од себе, а помалку од 1% од WNV-инфекциите кај луѓе се развиваат во сериозни форми, со тешка клиничка слика и се потенцијално смртоносни (пр. воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или појава на парализи).
Не постои специфична терапија, а третманот воглавно е насочен кон лекување на симптомите. Соодветната интензивна медицинска нега дава можност за поголемо преживување на заболените со тешки форми. Кај тешките случаи, стапката на смртност е од 3-15% и се зголемува кај повозрасните категории. За оние кои ќе преживеат, опоравувањето е долготрајно, со опстојување на умор, слабост на мускулатурата, тешко одење, загуба на помнењето, депресии и слично.
Не постои вакцина за луѓето.
Најдобар начин за превенција е избегнување на убод од комарци кои се преносители на заболувањето.
Состојба во 2024 година во РСМ
Сезонскиот надзор над ова заболување во Европа се врши од јуни до ноември месец, односно во сезоната на можно пренесување, во услови на масовно присуство на комарците, како вектор за заболувањето.
Во Р.С. Македонија, во текот на 2024 година, пријавени се вкупно 3 лабораториски потврдени случаи на Западно-нилска треска.
Првиот случај импортиран, регистриран во месец април 2024 година, кај жител на општина Василево, на територијата на ЦЈЗ Струмица.
Вториот случај е исто така импортиран, во месец јули 2024 година, кај жител на Кочани.
Третиот случај е автохтон, во месец август 2024 година, кај жител на Тетово.
Информација за третиот WNV случај
Од страна на Одделението за вирусологија при ИЈЗ, Одделот за епидемиологија на заразни болести беше информиран за случај со Западно-нилска треска преку добиена Пријава за изолиран/докажан причинител доставена на ден 22.08.2024 година.
Одделот за епидемиологија на заразни болести веднаш го информира надлежниот епидемиолог во ЦЈЗ Тетово.
Регистрираниот случај е 60-годишно лице од Тетово.
Клинички податоци:
Првичните симптоми кај пациентката започнале на 13.08.2024 со малаксаност и општа слабост по што се јавила на матичен лекар каде била ординирана терапија. Поради појава на конфузност и дезориентираност, на 15.08.2024 е препратена во КБ Тетово каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури. На 16.08.2024, кај пациентката се јавува нарушена рамнотежа и колапс при што паднала во домашни услови, била пренесена во КБ Тетово каде била забележана фебрилност (до 39,5°С), треска, по што е дадена соодветна терапија. Поради перзистирање на состојбата, на 19.08.2024 година, со сомнение за менингитис, пациентката е трансферирана во УК за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје. Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители.
Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот - WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ во серум и ликвор, односно потврдено е заболувањето Западно-нилска треска.
Пациентката е сè уште хоспитализирана во УК за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје.
Епидемиолошки податоци:
Податоците при епидемиолошкото истражување од епидемиолог од ИЈЗ се добиени од пациентот, инфектолог и медицинската документација.
Пациентката негира патувања надвор од државата, како и надвор од местото на живеење (низ РСМ) во периодот на инкубација. Забележала каснувања од комарци во периодот до 15 дена пред почетокот на симптомите. Нема други лица од семејството со слични симптоми.
Во регионот на Тетово е забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, во тек е тендерска постапка, односно досега не се спроведени активности за дезинсекција.
Проценка на ризик:
Оваа болест во Р.С. Македонија се регистрира со спорадични случаи, најчесто кај тестирани пациенти со невроинвазивна форма на болеста.
Вектор преносливите заболувања стануваат се поактуелни и ја менуваат сликата на оптоварувањето со заразни болести. Климатските промени во голема мера влијаат на дистрибуцијата и активноста на векторите. Многу од овие болести се веќе присутни во Р. С. Македонија (лајмската болест, западно-нилска треска, некои хеморагични трески, туларемија и др.), а други како што се маларија, денга, чикунгуња и многу други потенцијално може да се внесат во државата.
Имајќи го во предвид претходно наведеното, постои веројатност за понатамошно пријавување на нови случаи на цела територија на Р.С. Македонија. Постои среден ризик за населението во пролетно-летниот период, но истиот може да се минимизира со држење до препораките за превенција од надлежните институции.
Превземени мерки: Превземени се следните мерки:
1. Изготвена е епидемиолошка анкета за заболеното лице од епидемиолог од ИЈЗ.
2. Постојан контакт со епидемиолог од ЦЈЗ Тетово.
3. Обезбедена Пријава за заразна болест и Пријава за изолиран причинител.
Препорачани мерки:
1. Со цел превенција и контрола на заболувањето, потребна е едукација на населението за болеста, начините на пренос, како и можностите за превенција преку изработка на соодветен едукативен материјал.
2. Потребно е да се известат матичните лекари и инфектолозите за појавата на заболувањето со цел внесување на болеста во диференцијално дијагностичкото размислување и нивно итно пријавување до надлежните служби.
3. Планско извршување на ДДД активности (согласно План доставен до општината) како и дезинсекција по епидемиолошки индикации.
4. Навремено доставување на Пријава за заболување/смрт од заразна болест од страна на лекар од здравствена установа кој ја дијагностицирал болеста согласно одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести.
5. Навремено доставување на Пријава за изолиран или на друг начин докажан причинител од лабораториите кои прават дијагностика согласно одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести.
Превенција од болести кои се пренесуваат преку комарци:
1. Мерки насочени кон животната средина (намалување на популацијата на комарци и нивен престој во животниот простор на луѓето).
ü Спречете го размножувањето на комарци во вашата средина:
§ Не оставајте отворени буриња, канти, пловни објекти (чамци, кануа) и стари гуми по дворовите во кои може да се собира дождовница!
§ Редовно чистете ги олуците за да се овозможи истекување на водата!
§ Одржувајте ги чисти базените за капење, украсни базени, фонтани!
§ Не создавајте бари (застоени води) по дворовите.
ü Намалете ја можноста да бидете изложени на убоди од комарци:
§ Користете миризливи свеќи, спирали, како заштитни репелентни средства додека престојувате во надворешни услови (градина, двор).
§ Користете специјални сијалици, фенери (спржување на комарците), апаратчиња кои со звук ги одбиваат комарците!
§ Поставете заштитни мрежи на вратите и прозорците во домот!
§ Одбегнувајте излегување и престој надвор во зори или на самрак, кога комарците се најактивни!
2. Мерки за лична заштита од убоди на комарци.
ü Носете соодветна облека, најдобро во светли бои, која ќе остава што помалку откриени делови од телото/кожата (долги ракави, долги панталони, чорапи, шапки...)!
ü Применувајте заштитни средства (репеленти) во облик на лосион, стик, аеросол-спреј или крем за кожата и за облеката, кои ги одбиваат комарците!
ü Не употребувајте средства за заштита на посекотини, отворени рани, под облека, околу очи и уста, на дланките! Внимание кај мали деца!!!
ü Патниците кои патуваат/престојуваат во земји или предели каде се евидентираат болести кои се пренесуваат со комарци, задолжително да употребуваат репеленти за време на престојот, а прозорците и креветите за спиење да се затворени со заштитни мрежи, импрегнирани со адекватен инсектицид!!!
ü По враќањето дома, овие лица да бидат свесни за можното нивно заразување додека престојувале во такви предели, и да ја следат својата здравствена состојба. Доколку се појават симптоми на заболување, веднаш да побараат лекарска помош и да го известат докторот за скорешниот престој во предели каде што егзистираат болести кои се пренесуваат со комарци. Раното дијагностицирање и навремен третман, можат да спречат појава на тешка форма на болест, која може да заврши со сериозно нарушување на здравјето и тешки последици или смртен завршеток.
Одделот за епидемиологија на заразни болести при ИЈЗ е во комуникација со ЦЈЗ Тетово и ја следи состојбата, а доколку има промена, соодветно ќе информира.
Оддел за епидемиологија на заразни болести
Институт за јавно здравје на РСМ
30.08.2024