• 10.09.2024

10 Септември - Светски ден за превенција на самоубиства 2024 година


10 Септември - Светски ден за превенција на самоубиства 2024 година

„Промена на наративот за самоубиства“

 

 

Клучни факти

·         Повеќе од 720 000 луѓе умираат поради самоубиства секоја година. 

·         Самоубиството е трета водечка причина за смрт кај лица на возраст од 15 до 29 години. 

·         Седумдесет и три проценти од глобалните самоубиства се случуваат во земји со ниски и средни приходи. 

·         Причините за самоубиства се повеќеслојни, под влијание на социјалните, културните, биолошките, психолошките и еколошките фактори присутни во текот на животот.

·         Претходен обид за самоубиство е важен ризик фактор за самоубиство во општата популација. 

Самоубиствата се голем јавно-здравствен проблем, со повеќе од 720 000 смртни случаи годишно на глобално ниво. Секое самоубиство има далекусежни социјални, емоционални и економски последици на заедниците ширум светот.

Во 2021 година, самоубиството беше третата најчеста причина за смрт кај младите од 15 до 29 години, при што речиси три четвртини (73%) од случаите се случиле во земји со ниски и средни приходи.

Темата на Светскиот ден за превенција од самоубиства за периодот 2024-2026 година: „Промена на наративот за самоубиства“ заедно со повикот за акција „Започни го разговорот“, има за цел да ја подигне свеста за важноста на намалувањето на стигмата и поттикнувањето отворени разговори за спречување на самоубиствата. Промената на наративот за самоубиства подразбира трансформирање на начинот на кој го перципираме ова комплексно прашање, како и премин од култура на молчење и стигма кон култура на отвореност, разбирање и поддршка.

Овој повик за акција ги охрабрува сите да започнат разговор за самоубиствата и нивната превенција. Секој разговор, без разлика колку и да е мал, придонесува кон создавање на поддржувачко општество кое им помага на поединците што се соочуваат со овие сериозни проблеми. Со иницирање на вакви значајни разговори, можеме да ги разбиеме бариерите и да ја подигнеме свеста, овозможувајќи развој на култура на поддршка.

Темата, исто така, ја истакнува важноста од давање приоритет на превенцијата од самоубиства и грижата за менталното здравје во креирањето политики, повикувајќи на владина акција. Промената на наративот бара застапување за политики кои го приоритизираат менталното здравје, го зголемуваат пристапот до услуги и обезбедуваат поддршка за оние на кои им е потребна.

Светскиот ден за превенција од самоубиства (WSPD) беше воспоставен во 2003 година од Меѓународната асоцијација за превенција од самоубиства во соработка со Светската здравствена организација (WHO). Секоја година, десетти септември има за цел да го стави во фокус овој важен и горлив проблем, нагласувајќи ја потребата од намалување на стигмата и подигнување на свеста меѓу организациите, владите и јавноста, пренесувајќи единствена порака дека самоубиствата може да се спречат.

Кој е во ризик?

Врската помеѓу самоубиствата и менталните нарушувања, како депресијата и нарушувањата поврзани со употреба на алкохол, е утврдена во земјите со високи приходи. Сепак, многу самоубиства се случуваат импулсивно во моменти на криза, при нарушена способност за справање со животните предизвици, предизвикани од финансиски проблеми, конфликти во врските или хронична болка. Дополнително, доживувањето на насилство, злоупотреба или загуба, како и чувството на изолација, е тесно поврзано со самоубиственото однесување, особено кај ранливите групи кои се соочуваат со дискриминација,  како бегалците, мигрантите, ЛГБТИ заедницата и затворениците.

Превенција и контрола 

Постојат неколку мерки кои можат да се преземат на ниво на популација, под-популација и индивидуално ниво за да се спречат самоубиствата и самоповредувањето. Иницијативата за превенција од самоубиства на СЗО, "LIVE LIFE", ги препорачува следниве клучни ефикасни интервенции базирани на докази:

- ограничување на пристапот до средства за самоубиства (на пр., пестициди, огнено оружје, одредени лекови);

- интеракција со медиумите за одговорно известување за самоубиства;

- поттикнување на социо-емоционални животни вештини кај адолесцентите; и

- рано идентификување, проценка, управување и следење на секој што е погоден од самоубиствено однесување.

Овие мерки треба да се спроведуваат заедно со ситуациска анализа, мултисекторска соработка, подигање на свеста, градење капацитети, финансирање, надзор и мониторинг и евалуација.

Превенцијата од самоубиства бара координација и соработка помеѓу различни сектори на општеството, вклучувајќи го здравството, образованието, трудот, земјоделството, економијата, правдата, одбраната, политиката и медиумите. Со оглед на повеќеслојната природа на самоубиствата, неопходни се сеопфатни и интегрирани напори.

Предизвици и пречки 

Стигма и табу

Стигмата поврзана со менталните нарушувања и самоубиствата спречува многу луѓе кои размислуваат за одземање на сопствениот живот или кои се обиделе да си го одземат животот да побараат помош, што води кон недоволна поддршка. Превенцијата од самоубиства претставува несоодветно третиран јавноздравствен проблем поради недоволната свесност и табуата во општествата. Неколку земји ја вклучиле превенцијата од самоубиства како здравствен приоритет, а само 38 земји имаат национална стратегија за превенција. Подигањето на свеста и рушењето на табуата се клучни за напредок. Без овие промени, спречувањето на самоубиствата останува предизвик.

Квалитет на податоците 

Глобално, пристапот до податоци за самоубиства и самоповредување, како и нивниот квалитет, е ограничен, со само околу 80 земји-членки на СЗО кои имаат квалитетни податоци што може директно да се користат за проценка на стапките на самоубиства. Недоволното пријавување и погрешната класификација претставуваат поголеми проблеми кај самоубиствата отколку кај повеќето други причини за смрт, пред сѐ, поради стигмата и нелегалноста на самоубиственото однесување во некои земји. Подобреното следење и мониторирање на самоубиствата и самоповредувањето е клучно за креирање на ефективни стратегии за превенција. Разликите во моделите на самоубиства меѓу земјите и промените во стапките, ја нагласува потребата од подобрување на квалитетот на податоците. Ова подразбира витална евиденција на самоубиства, болнички регистри за самоповредување и репрезентативни анкети на национално ниво.

Одговор на СЗО 

Итноста за спречување на самоубиствата беше препознаена и приоритетизирана на глобално ниво. Намалувањето на стапката на самоубиства е индикатор во Целите за одржлив развој на ОН (единствениот индикатор за ментално здравје), Општата програма за работа на СЗО и во Сеопфатниот акциски план за ментално здравје на СЗО 2013–2030.

Првиот светски извештај за самоубиства на СЗО, „Спречување на самоубиствата: глобален императив“, објавен во 2014 година, имаше за цел да ја истакне важноста на превенцијата од самоубиства како висок приоритет во глобалната јавно-здравствена агенда. Исто така, имаше за цел да ги охрабри и поддржи земјите да развијат или зајакнат сеопфатни национални стратегии за превенција од самоубиства преку мултисекторски пристап.

Во 2021 година, СЗО воведе „LIVE LIFE: водич за имплементација за превенција од самоубиства во земјите“. За да се помогне во извршувањето на четирите примарни интервенции наведени во „LIVE LIFE“, објавени се различни ресурси, вклучително и брошурата од 2024 година за постепено укинување на високо опасни пестициди со цел да се ограничи пристапот до средствата за самоубиства и ажурирањето од 2023 година на „Превенција од самоубиства: ресурс за медиумски професионалци“ (Preventing Suicide: a Resource for Media Professionals), која промовира одговорно известување за самоубиства. Дополнително, „Helping Adolescents Thrive toolkit“ е дизајниран да ги подобри социо-емоционалните вештини кај младите. Самоубиствата и самоповредувањето се приоритети во „WHO Mental Health Gap Action Programme (mhGAP)“, која нуди насоки базирани на докази за проширување на услугите за ментални, невролошки нарушувања и нарушувања на употребата на супстанции. „Водичот за интервенција (mhGAP-IG)‎“ (mhGAP Intervention Guide) вклучува модул посветен на самоубиства и самоповредување, фокусирајќи се на рана идентификација, управување и следење. Преку иницијативата „LIVE LIFE“, владите се поттикнуваат и поддржуваат да имплементираат сеопфатен пакет интервенции засновани на докази и клучни елементи за превенција од самоубиства.

Извор: СЗО

Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести