• 27.09.2024

Светски ден на срцето - 29 септември 2024


 Што се кардиоваскуларни болести?

Кардиоваскуларните болести (КВБ) претставуваат група болести кои влијаат на срцето и крвните садови (вените и артериите). Тие се водечка причина за смртност на глобално ниво. КВБ предизвикуваат повеќе смртни случаи од која било друга причина, со над 20,5 милиони смртни случаи годишно. Од овие смртни случаи, 85% се резултат на коронарни срцеви болести (како срцев удар) и цереброваскуларни болести (како мозочен удар), при што најпогодени се земјите со ниски и средни приходи.

Дали знаевте дека Вашето срце е со големина на тупаница и е најсилниот мускул во Вашето тело? Тоа започнува да чука околу три недели по зачнувањето. Ако живеете до 70 години, ќе чука околу две и пол милијарди пати. Но, и покрај својата сила, Вашето срце може да стане ранливо на различните фактори на ризик како што се пушење, дијабетес, висок холестерол, нездрава исхрана или висок крвен притисок.

Срцевиот систем, исто така, може да ослабе од веќе постоечки срцеви заболувања или други физиолошки фактори, како што се хипертензија или висок холестерол во крвта. Кога функциите на срцето се нарушени, зборуваме за кардиоваскуларни болести, широк поим кој се однесува на секое нарушување на системот во кој срцето игра главна улога.

Клучни факти

- 1 од 3 смртни случаи од КВБ се случуваат предвремено кај лица под 70 години

- 85% од смртните случаи од КВБ се должат на срцев удар и мозочен удар

- повеќе од 75% од смртните случаи од КВБ се случуваат во земји со ниски и средни приходи

Фактори на ризик

Развојот на кардиоваскуларни болести може да биде предизвикан од различни социо-економски, бихејвиорални и еколошки фактори на ризик, како што се висок крвен притисок, нездрав начин на исхрана, покачен холестерол, дијабетес, загадување на воздухот, дебелина, употреба на тутун, бубрежна болест, недостиг на физичка активност, прекумерна употреба на алкохол и стрес. Дополнително, семејната историја, етничкото потекло, полот и возраста можат да имаат влијание врз ризикот од појава на овие болести кај поединците.

 

Грижата за Вашето срцето започнува со запознавање и разбирање на факторите на ризик, затоа е важно да ги знаете сите Ваши здравствени параметри. Има многу фактори кои можат да придонесат за појава на коронарна срцева болест и мозочен удар. Некои од нив, како што е семејната историја, не можат да се променат, но други, како високиот крвен притисок, можат да се контролираат со соодветен третман.

Присуството на фактори на ризик, нужно не води кон развој на кардиоваскуларни болести, но поголемиот број на ризик фактори ја зголемува веројатноста за нивно развивање. Сепак, можете да ја намалите оваа веројатност ако превземете мерки за контрола и превенција на факторите на ризик и заштита на здравјето на Вашето срце.

Ретки и занемарени кардиоваскуларни заболувања

Со зголемување на свеста за невообичаените и занемарени состојби, можеме да придонесеме кон подобро дијагностицирање и правична здравствена заштита…бидејќи секое отчукување на срцето е важно.

Иако поединечните болести се ретки, заедно ретките кардиоваскуларни болести погодуваат околу 5% од светската популација. Постојат повеќе од 6.000 познати ретки болести, од кои некои влијаат на срцето и циркулаторниот систем.

80% од ретките болести имаат генетско потекло и најчесто се јавуваат во раното детство. Пациентите со вакви заболувања, најчесто се соочуваат со задоцнета дијагноза, поради недостаток на медицинско знаење и ниска свест за овие состојби, што дополнително го зголемува социјалниот и финансискиот товар за засегнатите поединци, како и за нивните семејства.

Една од овие болести е транстиретин амилоидна кардиомиопатија (ATTR-CM), вид на амилоидоза на срцето. ATTR-CM е ретка, слабо препознаена и фатална состојба, што резултира со прогресивна срцева слабост. Главно ги погодува мажите над 60 години, но може да се јави и кај жени. Друга е болеста Кавасаки, која станува се почеста и претставува водечка причина за стекнати срцеви заболувања кај децата.

Исто така, постојат и срцеви заболувања кои се посебно тешки и им нанесуваат големи здравствени оптоварувања на оние кои живеат во земјите со низок и среден приход. Така на пример, Шагасовата болест, предизвикана од паразити наречени Trypanosoma cruzi, откриена пред повеќе од 100 години и денес погодува над седум милиони луѓе, претставувајќи еден од најраспространетите здравствени проблеми во Латинска Америка. Доколку не се лекува, може да доведе до трајно оштетување на срцето и другите витални органи.

Ревматската срцева болест (РСД) погодува околу 39 милиони луѓе ширум светот и одзема 291.000 животи годишно, главно во земјите со низок и среден приход. Таа најчесто се јавува во детството и може да доведе до смрт или траен инвалидитет.

 

Превод и подготовка: Оддел за здравствена промоција и следење на болести