• 10.10.2024

Светски ден на менталното здравје, 10 октомври 2024 година


 „Ментално здравје на работа“

 Оваа година, одбележувањето на Светскиот ден на менталното здравје е посветено на темата „Ментално здравје на работа“. Овој ден претставува можност да се истакне важната врска помеѓу менталното здравје и работата, како и улогата на безбедните и здрави работни средини во заштитата на менталното здравје на вработените. Работните средини каде што преовладуваат неповолни услови, стигма, дискриминација и изложеност на ризици како вознемирување, можат во голема мера да го влошат менталното здравје на работниците, да влијаат на нивната продуктивност и квалитет на живот. Со оглед на тоа што 60% од светската популација е вработена, неопходно е да се преземат итни мерки за да се осигура дека работата превенира ризици за менталното здравје и обезбедува поддршка за негово зачувување.

Имено, работната средина е еден од главните фактори кои директно влијаат на менталното здравје. Поволната работна средина не само што придонесува за лична самореализација и задоволство на вработените, туку го зголемува и нивниот ангажман и продуктивност. Од друга страна, неповолните услови на работа можат да доведат до промени во менталното здравје, што резултира со зголемено отсуство, стрес, како и со зголемен број на повреди на работното место.

Затоа, клучно е владите, работодавачите, синдикатите и работниците, како и другите засегнати страни одговорни за здравјето и безбедноста на работниците, да работат заедно за да го подобрат менталното здравје на работа. Со инвестиции во интервенции засновани на докази и поддршка на вработените, можеме да создадеме услови во кои секој има можност да напредува, како на работното место, така и во животот. Преземањето акции денес, е чекор кон поздрава иднина за сите.

Дополнително, организациите треба да придонесат за создавање култура на поддршка, отворена комуникација и флексибилни услови на работа, со цел да се намали стресот и да се подобри балансот помеѓу работниот и приватниот живот. Пристапот до услуги за ментално здравје, како што се психолошката поддршка и програмите за управување со стрес, помага во одржување на менталната издржливост на вработените. Колективните напори за создавање работни средини кои го поддржуваат менталното здравје не само што го зголемуваат задоволството и продуктивноста на работниците, туку и придонесуваат за долгорочен успех на организациите.

Нека Светскиот ден на менталното здравје послужи како инспирација за ангажирање и вложување во менталната благосостојба, бидејќи грижата за неа треба да биде појдовна точка во сите аспекти на животот, вклучувајќи го и работното место. Со заеднички напори и целосна посветеност на создавањето работни средини кои го поддржуваат менталното здравје, можеме да обезбедиме услови за успех и благосостојба на сите вработени.

 

Клучни пораки

1. Менталното здравје и работата се тесно поврзани.

Менталното здравје и условите на работа се меѓусебно поврзани. Поддржувачката работна средина може поволно да влијае на менталното здравје, нудејќи чувство на припадност и стабилност. Спротивно на тоа, неповолните услови на работното место можат негативно да се одразат на менталната благосостојба, намалувајќи ја продуктивноста и задоволството од работата.

2. Работниците се соочуваат со ризици по менталното здравје.

Работниците се соочуваат со бројни ризици во работната средина, како што се дискриминација, лоши работни услови и ограничена автономија, кои можат негативно да влијаат на нивното ментално здравје. Нископлатените и несигурните работни места често не обезбедуваат соодветна заштита, што ги прави работниците особено подложни на психосоцијални ризици.

3. Влијание врз поединците.

Недостатокот на поддршка за лицата со ментални здравствени состојби може да предизвика значајни последици, како што се намалување на самодовербата, губење на задоволството од работата и зголемени отсуства, што влијае не само на овие лица, туку и на членовите на нивните семејства.

4. Пошироки последици за работата и општеството

Нарушеното ментално здравје доведува до намалени работни перформанси, зголемено отсуство од работа и проблеми со задржување на вработените на работните места. Така на пример, депресијата и анксиозноста, резултираат со загуба од околу 12 милијарди работни денови годишно.

5. Стигмата создава бариери за вработување. 

Стигмата и дискриминацијата често ги спречуваат лицата со ментални здравствени состојби да побараат помош или да најдат и задржат работа. Намалувањето на дискриминацијата на работното место преку подигање на свеста, обука и ангажирање на луѓето кои живеат со ментални здравствени состојби може да овозможи поздрави и поинклузивни работни средини. На тој начин, ќе се создаде атмосфера на прифаќање, која не само што ќе им помогне на луѓето со ментални здравствени проблеми да се чувствуваат поприфатени, туку и ќе ја зголеми продуктивноста и задоволството од работата.

6. Поддршка на работниците да учествуваат и да напредуваат во работата.

Работодавците треба да воведат разумни мерки за поддршка на работниците со ментални здравствени состојби на работното место, како на пример организирање редовни состаноци за поддршка, почести паузи, постепено воведување на овие работници во задачи и обезбедување на простор за складирање на лекови.

7. Обука на менаџерите за поддршка на менталното здравје.

Работодавците треба да обезбедат обука за менаџерите со цел да можат да ги препознаваат и ефикасно да управуваат со стресните фактори на работното место. Обучените менаџери можат поуспешно да ги поддржат своите тимови и да поттикнат поздрави и стимулативни работни средини.

8. Акцијата и соработката на владата е од суштинско значење.

Владите, работодавачите и синдикатите мора да соработуваат за да развијат политики кои ќе превенираат ризици за менталното здравје, ќе промовираат благосостојба и ќе создаваат работни места каде менталното здравје е приоритет.

9. Грижа за сопственото ментално здравје

Иако одговорноста за заштита и промоција на менталното здравје на работа, главно, е во рацете на владите и работодавачите, секој од нас може да преземе иницијатива за подобрување на сопствената благосостојба. Научете техники за управување со стресот и следете ги промените во Вашето ментално здравје. Ако е потребно, побарајте поддршка од доверливи лица, вклучувајќи пријатели, членови на семејството, колеги или здравствени работници.

 

Извор: СЗО

Подготвено: Оддел за здравствена промоција и следење на болести