- 17.10.2024
СОСТОЈБА СО ГРИП ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, СЕЗОНА 2024/2025 (41 недела, до 13.10.2024)
Неделни податоци
Заболените лица оваа недела се регистрирани во Гостивар – 14, Куманово – 10, Тетово – 3 и Кавадарци, Свети Николе, Скопје, Струмица – по 1.
Во однос на возраста, од 15-64 години се регистрирани 18 лица, 8 лица се на возраст над 65 години и 5 се деца на возраст од 5-14 години.
Кумулативно, заклучно со 41-ва недела, пријавени се вкупно 56 случаи (I=3,0/100.000 жители).
Во текот на 41-ва извештајна недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РСМ пристигнаа 11 материјали за лабораториско тестирање на грип, од кои 6 од сентинел САРИ надзорот, паралелно тестирани за грип и COVID-19 и истите се со негативен резултат за присуство на инфлуенца вирусот. Едно лице е COVID-19 позитивно.
Кумулативно, досега се тестирани 18 материјали од кои сите со негативен резултат за инфлуенца.
ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ ГРИП
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО):
· Постарите лица (над 65 години)
· Деца на возраст од 6-59 месеци
· Лица постари од 6 месеци со хронични болести
· Бремени жени, и
· Здравствени работници.
За сезоната 2024/2025, Министерството за здравство обезбеди бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 70.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Дополнителни 10.000 дози на четиривалентна вакцина се обезбедени преку донација од PIVI (Partnership for Influenza Vaccine Introduction).
Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2024/2025 ќе се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици и/или Здравствените домови. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб страната www.vakcinacija.mk.
Дополнителни 2.600 дози комерцијални вакцини се набавени од страна на Центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи, истите можат да се добијат за одреден финансиски надомест и се спроведува во Центрите за јавно здравје со нивните Подрачни единици.
ЕВРОПСКИ РЕГИОН
*Извор: https://erviss.org/
Првиот извештај за состојбата со грип во Европскиот Регион на почетокот на новата сезона 2024/2025 (40 недела) ќе биде презентиран во наредниот извештај.
Согласно извештајот на ERVISS објавен за 40-та недела 2024 година, активноста на вирусот на грип е на меѓусезонско ниво, карактеристично за овој период од годината.
Стапките на заболување слични на грип (ИЛИ) и/или акутна респираторна инфекција (АРИ) се покачени над основните нивоа во 3 од 25 земји од СЗО европскиот регион.
SARS-CoV-2 продолжува да циркулира во регионот, со релативно низок број на инфекции кои произведуваат умерен, но постепено опаѓачки процент на позитивност. Постарите возрасни групи и понатаму претставуваат најголем дел од случаите.
На регионално ниво, приемите во болница и интензивна нега за грип и РСВ се стабилни на ниски нивоа. Приемите за SARS-CoV-2 се стабилни.
Оддел за епидемиологија на заразни болести
Институт за јавно здравје