- 18.10.2024
18 ОКТОМВРИ - ЕВРОПСКИ ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ -
Европскиот ден за борба против трговија со луѓе - 18 октомври, е ден посветен на јавно-здравствениот и социјален проблем со големо значење - трговијата со луѓе. Трговијата со луѓе е профитабилен криминал и кршење на човековите права во кој се експлоатираат деца, жени и мажи. Трговијата со луѓе може да се случи насекаде и секому, секој може да стане жртва без разлика на возраст, пол, раса, националност. Жртвите на трговија со луѓе од Северна Македонија потекнуваат од земјава и од странство, најчесто од Источна Европа, тоа се најчесто жени и девојчиња кои се експлоатираат за сексуални услуги, работа во барови, ресторани и ноќни клубови. Трговците на луѓе користат посебни методи за да ги привлечат жртвите во ситуации за да бидат тргувани како: манипулации, насилство, принудно питачење, лажно ветување за добро платено работно место, како и лажни романтични врски. Јазичните бариери, стравот од трговецот или стравот од спроведување на законот често ги спречува жртвите да бараат помош со што трговијата со луѓе е скриен криминал.
Трговците со луѓе ги бираат жртвите кои се лесна мета од различни причини вклучувајќи:
· Психолошка или емоционална ранливост
· Економска нестабилност
· Недостаток на мрежа на социјална заштита
· Политичка нестабилност
· Природни катастрофи
Траумата од трговците е толку силна што некогаш жртвите не се доживуваат и не се идентификуваат како такви па дури и во јавност може и да не побараат помош за излез од ланецот на трговија со луѓе.
Во светски рамки по податоците на Еуростат повеќе од половина од жртвите на трговија со луѓе се сексуално експлоатирани. Сексуалната експлоатација е една од најдоминантните форми на трговија со луѓе, во меѓувреме, експлоатацијата со принудна работа се зголемила на една третина. Во Република Северна Македонија според податоците на Министерството за внатрешни работи најголем број на регистрирани тргувани лица се деца и жени. Во 2023 година идентификувани се 7 домашни жртви од кои 4 девојчиња, 2 момчиња и 1 жена жртва. Мора да се напомене дека не е лесно да се откријат случаите на трговија со луѓе бидејќи многу често се случува трговците да се од најблиското семејство па поради тоа децата жртви ретко имаат можност да пријават или пак не се свесни за ситуацијата во која се наоѓаат.
Трговијата со луѓе е голем јавно здравствен проблем, како на домашен така и на меѓународен план, жртвите на трговија со луѓе или претпоставените жртви може да имаат контакт со здравствени професионалци на повеќе места како што се:
· Здравствени установи
· Преку теренски услуги за сексуални работнички
· Преку прифатни установи
· Преку теренски услуги за сексуални работници
· Преку обезбедена здравствена заштита за лица во миграција
Институтот за јавно здравје преку Националната годишна програма за јавно здравје дава свој придонес во борбата против трговија со луѓе. Институтот ја препозна својата улога и преку превенција и едукација дава отпор на трговијата со луѓе. Одделот за здравствена промоција и следење на болести во соработка со Невладина организација "Отворена порта" одржува работилници за едукација на здравствените работници со цел препознавање на жртвите на трговија со луѓе преку специфични здравствени индикатори со цел упатување на жртвите преку механизми за помош, поддршка и засолништво.
Информирањето и едукацијата на здравствените работници во оваа област е од огромно значење. Грижејќи се за последиците на трговија со луѓе се грижиме и за јавното здравје. Здравствениот систем има голема улога и е една важна алка во идентификување и лекување на жртвите од трговија со луѓе. Само добро информираните здравствени работници можат да идентификуваат жртва и со нивна помош да се спаси истата.
Подготвил: Оддел за здравствена промоција и следење на болести