- 19.11.2024
Светски ден на предвременото породување
Светскиот ден на предвремено родени деца се одбележува секоја година на 17 ноември со цел за да се подигне свеста за предизвиците со кои се соочуваат недоносените бебиња и нивните семејства. На овој ден ја покажуваме нашата солидарност и сочувство кон тие семејства. Денес се прославува издржливоста и силата на семејствата кои растат предвремено родени бебиња и воедно им се пружа рака на надеж, љубов, поддршка и емпатија! Значењето на Светскиот ден на предвремено родени во 2024 година лежи во подигање на свеста за предвременото раѓање и поттикнувањето на методите за истражување и превенција.
Светскиот ден на предвремено породување за 2024 година се бележи под темата: "Мали акции, ГОЛЕМО ВЛИЈАНИЕ: Непосредна нега кожа на кожа за секое бебе насекаде"!
Прерано родените бебиња се соочуваат со бројни предизвици во многу аспекти од животот додека растат, бараат посебна поддршка за безбедно да растат. Светскиот ден на предвреме родените деца има за цел да ја подигне свеста и да им даде поддршка на малите ангели, давајќи им свет со многу љубов.
Бебињата родени пред 37-та недела од бременоста се нарекуваат "прематурчиња" или" предвремено родени" бебиња, тоа се бебиња родени со помалку од 2,5 килограми. Во таква кревка фаза, внатрешните органи не се доволно развиени. Затоа посебна грижа и рехабилитација се од најголема важност за поддршка на бебето во неговиот понатамошен раст и развој.
Медицинската технологија и истражувањата направија значајни скокови во текот на изминатите неколку децении во решавање на различни здравствени компликации и состојби при раст во утроба до пред пород односно зрелост. Сепак, бебињата родени пред време носат различни ризици и исто така се ранливи на состојби како што е пример целебрална парализа. Веројатноста за смрт или инвалидитет се намалува како што бременоста напредува.
Спречувањето на смртни случаи и компликации од предвремено породување започнува со здрава бременост. Упатствата на антенатална грижа на Светската здравствена организација вклучуваат клучни интервенции за да се спречи предвремено породување, како што се советување за: редовни прегледи и скрининзи со мерење на фетусот, вклучително и ран ултразвук со цел одредување на гестациската старост и откривање на повеќекратна бременост; минимум 8 прегледи во текот на бременоста, прегледи и совети од стручно лице; почнувајќи пред 12 недела од бременоста со цел да се идентификуваат и контролираат факторите на ризик како што се сексуално преносливи инфекции; консумирање на разновидна и здрава храна богата со витамини и минерали; советувања за откажување од тутун и тн.
Се проценува дека 1 од 10 бебиња се раѓаат предвреме ширум светот. Се проценува дека 13,4 милиони бебиња се родени предвремено во 2020 година пред навршена 37ма недела од бременоста. Компликациите на предвременото раѓање се водечка причина за смрт кај деца под 5 годишна возраст. Приближно 45% од сите деца на возраст под 5 години кои умираат се новороденчиња, 60-80% од оние новороденчиња кои умираат се предвремено родени или се помали за предвидената гестациска возраст. Предвремено родените и оние со ниска родилна тежна имаат 2 до 10 пати поголем ризик да смртност од доенчиња родени во термин и со нормална родилна тежина. Три четвртини од овие смртни случаи можат да се спречат со сегашните исплатливи инвестиции.
И покрај суштинскиот напредок во последните 10 години во контекст на преживување, здравје, раст и невроразвој на предвремено родените и доенчињата со мала тежина, останува загрижувачка во многу земји. Причините вклучуваат комплексност на грижата за овие ранливи доенчиња и спречување на компликациите.
Во Република Северна Македонија според Државниот завод за статистика, стапката на смртност кај доенчиња за 2023 година изнесувала 1,8 умрени доенчиња на 1000 живородени деца. Додека стапката на смртност кај доенчиња во 2013 година изнесувала 10,2 умрени доенчиња на 1000 живородени. Во дадениот период бележиме позитивен тренд на намалување на доенечката смртност.
Бебињата можат да се родат пред време поради спонтано предвремено породување или затоа што постои медицинска индикација за рано планирање на индукција на породување или породување со царски рез.
Докажано е дека контактот кожа на кожа е исклучително ефикасен за секое бебе, особено за предвремено родените бебиња. Иницирано веднаш по раѓањето, практиката на контакт кожа со кожа придонесува за свесноста на бебето за допирот и наклонетоста, играјќи клучна улога во започнувањето и оддржувањето на континуитет во доењето.
Практиката на контактот кожа на кожа со мајката е поврзана со развојот на емоциите и меморијата а исто така го поттикнува и лачењето на окситоцин, зајакнувајќи ја врската помеѓи мајката и детето. Окситоцинот е хормон кој се лачи од неврохипозата. Тој учествува при породувањето и при доењето на новороденчето. Во периодот на лактација предизвикува контракции на каналите на млечните жлезди со што се овозможува лесна секреција на млекото.
Кенгур методот се препорачува како рутинска грижа за сите недоносени бебиња со мала тежина. Кенгур методата може да биде започната уште во здравствена установа и да се продолжи дома. Пожелно е да се практикува од 8-24 часа на ден (колку што е можно повеќе часови).
Една од најважните препораки за сите бебиња вклучително и оние со ниска родилна тежина да се хранат со мајчино млеко. Предвемено родените бебиња или оние со ниска родилна тежина се препорачува да бидат доени најмалку 6 месеци.
На семејствата со предвремено родени бебиња потребно е да се дава екстра поддршка почнувајќи од здравствените институции и родилиштата и да продолжи таа поддршка и по заминување дома. Поддршката потребно е да вклучува едукација за понатамошна грижа, емоционална поткрепа и совети за полесно надминување на периодот. Се препорачува домашна посета од обучени здравствени работници за понатамошна грижа во домашни услови.