- 12.12.2024
Светски ден на универзалната здравствена покриеност, 12 декември 2024 година
Светскиот ден на универзалната здравствена покриеност во 2024 година става посебен акцент на важноста на финансиската заштита како клучен фактор за забрзување на напредокот кон целосна здравствена покриеност. Финансиската заштита гарантира дека луѓето нема да западнат во сиромаштија поради високите здравствени трошоци што ги покриваат од сопствени средства. За жал, изминатите две децении сведочат за влошување на оваа заштита, при што 2 милијарди луѓе се соочуваат со финансиски тешкотии, а 1,3 милијарди се турнати во сиромаштија поради здравствени трошоци.
Последиците од ваквата состојба се далекусежни. Многу луѓе често немаат пристап до неопходни медицински интервенции, додека бројни заболувања остануваат недијагностицирани или не се лекуваат навреме, што води до сериозни и животозагрозувачки состојби. Финансиските трошоци не претставуваат само економски товар – тие директно го влошуваат квалитетот на живот и ги намалуваат можностите за одржлив социјален и економски развој на поединците и заедниците.
Здравите популации се основа за силни и продуктивни заедници кои се отпорни на кризи, придонесуваат за економски раст и ја поттикнуваат социјалната кохезија и мирот. Универзалната здравствена покриеност не е само цел сама по себе, туку и предуслов за постигнување на целите за одржлив развој (SDGs). Сепак, повеќе од половина од светската популација сè уште нема пристап до основни здравствени услуги, што ја нагласува итноста владите да преземат конкретни чекори за обезбедување финансиска заштита.
Темата за 2024 година, „Здравје: на Владата е!“, ја нагласува одговорноста на светските лидери да обезбедат здравствена заштита што е достапна и бесплатна за сите, особено за најсиромашните и најранливите. Владите имаат должност да донесуваат закони, да создаваат стратегии и да обезбедат соодветно финансирање за гарантирање на здравствената заштита. Инвестициите во здравството мора да останат национален приоритет, независно од политичките промени, за да се обезбеди пристап до квалитетни здравствени услуги и лекови за секој поединец.
Здравствените трошоци не смеат да водат до сиромаштија. Сепак, многу луѓе го одложуваат или избегнуваат неопходниот медицински третман поради високите трошоци, што резултира со хронични заболувања, намалена продуктивност и зголемен товар врз здравствените и социјалните системи.
За да се надминат овие предизвици, вложувањето во универзална здравствена покриеност и финансиска заштита е од суштинско значење, бидејќи тоа обезбедува подобро здравје и повисок животен стандард за сите. Ова директно придонесува за зголемена економска продуктивност и зајакнување на работниот капацитет, поставувајќи основа за посилни, поотпорни и одржливи заедници, каде секој поединец има можност за просперитет.
Затоа, на овој ден, Светската здравствена организација ги повикува владите да преземат конкретни чекори:
- универзалната здравствена покриеност и финансиската заштита на здравјето да станат национален приоритет - здравјето мора да биде во центарот на државните политики, како клучен предуслов за социјален и економски напредок
· да донесат и спроведат закони кои ќе ги заштитат граѓаните од сиромаштија предизвикана од здравствени трошоци - ниту еден човек не треба да биде финансиски оптоварен поради потребата за здравствена заштита
· да обезбедат соодветни буџети за достапен пакет основни здравствени услуги - владите треба да ги насочат ресурсите кон здравствени програми кои ќе обезбедат услуги за сите, без финансиски пречки
· да воспостават национални шеми за јавно здравје, финансирани од националните даноци - овие шеми треба целосно да ги покриваат здравствените трошоци за населението, обезбедувајќи правичен и универзален пристап до здравствената заштита
· да ги минимизираат или целосно укинат корисничките трошоци за најранливите категории - посебно внимание треба да се посвети на лицата со ниски приходи, хронични заболувања и маргинализирани групи, со цел да се намалат здравствените нееднаквости.
Порака до сите
Здравството е право, а не привилегија. Секој човек има право на пристап до квалитетна здравствена заштита, без страв од финансиска нестабилност. Инвестирањето во здравјето е вложување во иднината – тоа создава посилни заедници, стабилни економии и одржлив развој. За да се постигне ова, владите треба да дејствуваат решително и да поседуваат долгорочна визија, со цел универзалната здравствена покриеност да стане реалност за сите граѓани. Ова е суштински чекор кон подобро здравје, намалување на нееднаквостите и градење правично и одржливо општество.
Извор: СЗО
Подготвено: Оддел за здравствена промоција и следење на болести