- 30.12.2024
ТУЛАРЕМИЈА
ВОВЕД
Туларемија е зооноза, предизвикана од бактеријата - Francisella tularensis, грам-негативен, аеробен, неподвижен коко-бацил.
Нејзини природни резервоари се многу видови на животни, пред сè зајаци, глувци, верверички, лисици. Домашните животни поретко заболуваат, а природна инфекција е утврдена кај овци, мачки, кучиња и свињи.
Постојат повеќе начини на трансмисија и тоа контакт со заразени животински ткива и контаминирана почва, консумирање на контаминирана вода и недоволно термички обработено заразено месо, каснувања од инфицирани инсекти (крлежи), како и вдишување на прашина контаминирана со бацили на туларемија.
Најчесто заболуваат луѓе кои се професионално изложени на поголем ризик, како што се: ловци, сточари, риболовци, шумари, полски работници, ветеринари и планинари.
Инкубациониот период е краток од 3-5 дена (од 1-21 ден, максимум).
Во зависност од местото на навлегување на бактеријата во организмот на човекот, туларемијата може да се манифестира во неколку различни клинички форми: гландуларна, улцерогландуларна, окулогландуларна, орофарингеална, белодробна, интестинална и тифоидна (генерализирана) форма.
Навремената дијагноза и антибиотскиот третман се неопходни за да се спречат компликации.
Одделот за микробиологија при Институт за јавно здравје располага со реагенси за тестирање (серолошко и молекуларно) по клинички (со упат од матичен лекар, инфектолог) и епидемиолошки индикации.
Во моментов не постои ефикасна и безбедна вакцина против туларемија, а третманот се заснова на употреба на антибиотици. Вообичаено, заболените целосно закрепнуваат, но некои лица може да имаат долг период на реконвалесценција.
Мерки за превенција се:
· избегнување пиење нетретирана површинска вода,
· употреба на средство за заштита од инсекти и облека што ги покрива нозете и рацете за да се избегне каснување од крлеж или комарец,
· избегнување контакт со мртви животни,
· користење на ракавици при ракување со диви животни,
· консумација на доволно термички обработено месо од дивеч.
Туларемијата главно е распространета на северната хемисфера и вообичаено не се наоѓа во тропските предели или на јужната хемисфера. Во Европа, бројот на хумани случаи е приближно 800 годишно.
ТУЛАРЕМИЈА ВО МАКЕДОНИЈА (1995-2023 година)
Во Македонија, туларемијата е болест која подлежи на задолжително пријавување согласно законската регулатива.
Првите регистрирани случаи на туларемија, во нашата држава, се пријавени во епидемија во с. Митрашинци, Беровско, во 1995 година. Во епидемијата заболеле вкупно 31 лице. Во 2010 година, регистрирана е епидемија со вкупно 20 заболени лица од неколку гостиварски села, најмногу во с.Врапчиште. Во 2015 година регистрирани се две епидемии на територијата на Скопје кај жители во с. Арачиново и на територија на општина Лозово, со по 14 заболени лица.
Од 2016 година се регистрираат спорадични случаи. Во 2022 и 2023 година не се пријавени случаи на туларемија.
Вкупниот број на регистрирани случаи на заболувањето во изминатиот 10-годишениот период (2014-2023 година) изнесува 58.
СОСТОЈБА ВО Р.С.МАКЕДОНИЈА, во 2024 година
Во Македонија, во текот на 2024 година, пријавени се вкупно 9 лабораториски потврдени случаи на туларемија, кои согласно податоците од епидемиолошкото истражување, не се епидемиолошки поврзани.
ПРОЦЕНКА НА РИЗИК:
Пријавување на спорадични случаи на туларемија во Македонија укажува на континуирано присуство на патогенот во животната средина. Појавата на туларемија во епидемиска форма во изминатиот период, укажува на потенцијалот на Francisella tularensis да предизвика епидемија во периодични услови (на пр., климатски промени, пораст на популацијата на вектори или човечка активност) кои го поддржуваат преносот на болеста.
Појавата на спорадични случаи во 2024 година во три различни региони, Скопје, Битола и Струмица, потврдува дека туларемијата останува потенцијална опасност за јавното здравје во Македонија. Иако ризикот од епидемија во моментов се чини низок, историските трендови и опстојувањето на бактеријата во животната средина бараат континуирана будност и проактивни мерки за ублажување на идните ризици.
ПРЕПОРАКИ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА РИЗИКОТ:
· Зголемување на свесноста кај здравствените работници за присуството на туларемијата на територијата на Македонија.
· Информирање на матичните лекари и инфектолозите за појавата на заболувањето со цел внесување на болеста во диференцијално дијагностичкото размислување и нивно итно пријавување до надлежните служби.
· Обука на здравствените работници за рано препознавање на симптомите, брза дијагностика и третман.
· Брза истрага на сите спорадични случаи за да се идентификуваат изворите и патиштата на пренос.
· Едукација на населението во областите со висок ризик за да избегне експозицијата (на пр: носење заштитна облека, употреба на средства за заштита од инсекти, избегнување контакт со болни или мртви животни).
· Следење на акумулации кај животните и векторите, како и условите во животната средина особено во ендемските области.
· Засилена координација меѓу хуманиот здравствен и ветеринарен сектор согласно пристапот за Едно здравје (One Health approach).
· Обезбедување и користење на безбедна вода за пиење и промоција на добра хигиенска пракса особено во руралните области.
· Планско извршување на ДДД активности (согласно План доставен до општината), како и дезинсекција и дератизација по епидемиолошки индикации.
Оддел за епидемиологија на заразни болести
Институт за јавно здравје